SafeJournalists: Ја осудуваме сексистичката, националистичката навреда и заканите упатени кон новинарка во Србија

SafeJournalists: Ја осудуваме сексистичката, националистичката навреда и заканите упатени кон новинарка во Србија
photo: canva

Мрежата SafeJournalists остро ги осудува сексистичките и етнички мотивирани навреди, како и заканите упатени кон новинарката на „Бечејски мозаик“, Кристина Деметер Филипчев, преку коментари на Фејсбук, и ги повикува надлежните институции итно да реагираат, да ги идентификуваат одговорните и да обезбедат заштита за новинарката.

По известувањето за локалните избори одржани во Кула во неделата, новинарката Кристина Деметер Филипчев беше изложена на серија родово базирани и етнички мотивирани навреди, како и закани за силување и пораки дека „нејзината куќа треба да биде блокирана“. Ваквите пораки претставуваат сериозна форма на онлајн насилство, родово базирано вознемирување и заплашување, насочени кон понижување, замолчување и обесхрабрување на новинарката во вршењето на нејзината професионална работа.

Коментари како: „Блокирајте ја куќата на оваа новинарка“, „Ти си усташки терорист…“, „Мажи од Банат дојдоа да ет унгарски жени, не знаат да кажат не“, „Штом пишуваш така, к…о, објави слика за да видиш дека можам да е..м и изроди…“, „Да ѝ е..м усташката мајка“ иЈади г..на, к…o“ претставуваат неприфатлив говор на омраза, мизогини и националистички напади, како и закани што мора сериозно да се сфатат. Особено загрижува фактот што сексуализираното насилство и етничката омраза се користат како средство за напад врз новинарка само затоа што ја вршела својата работа и известувала за настан од јавен интерес.

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ќе ги пријави заканите до Обвинителството за високотехнолошки криминал и очекува брза, ефикасна и темелна истрага. Отсуството на навремена институционална реакција во вакви случаи испраќа опасна порака за неказнивост и дополнително го охрабрува насилството врз новинарките и новинарите.

Посебно нагласуваме дека новинарите кои известуваат од помали заедници често се изложени на зголемен притисок, бидејќи работат во средини каде лесно се препознаваат, а последиците од ваквото таргетирање често ги чувствуваат и нивните семејства. Затоа е неопходна итна институционална реакција во вакви случаи, заедно со јасна јавна осуда на сите форми на заплашување и онлајн насилство.

Мрежата SafeJournalists уште еднаш предупредува дека јавните функционери имаат посебна одговорност за општествената клима во која ваквите напади се можни. Речиси секојдневното таргетирање на независни новинари и медиуми во изјави и јавни настапи на високи функционери придонесува кон создавање атмосфера на непријателство, поттикнува кампањи на омраза и ги охрабрува поединците да ги сметаат заканите и навредите како прифатлив начин на однос кон медиумите.

Мрежата SafeJournalists изразува целосна солидарност со Кристина Деметер Филипчев и ги повикува домашните и меѓународните актери внимателно да го следат постапувањето на институциите во овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 31 март 2026

Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Хрватско новинарско здружение
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора