Мрежата SafeJournalists го осудува убиството на петмина новинари во Газа

Мрежата SafeJournalists го осудува убиството на петмина новинари во Газа
photo: canva

Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 членови низ Западен Балкан, најостро го осудува убиството на петмина новинари во израелски воздушен напад врз болницата Насер во Кан Јунис, Газа, на 25 август 2025 година.

Според извештаи на меѓународните медиуми, новинарите Мариам Абу Дага (фриленсерка која соработувала со Associated Press и други), Мухамед Салама (Ал Џезира), Хусам ал-Масри (соработник на Ројтерс), Моаз Абу Таха (NBC) и Ахмед Абу Азиз (Quds Feed / Middle East Eye) биле убиени додека ги извршувале своите професионални должности. Нападот ја погодил болницата двапати, при што вториот напад ја таргетирал областа каде што се собрале новинари и спасувачи како реакција на првата експлозија.

Новинарите се заштитени цивили според меѓународното хуманитарно право. Нивното убиство претставува не само тешко прекршување на фундаменталните права, туку и директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана. Нападот во понеделникот се случи по серија смртоносни инциденти насочени кон медиумски работници во Газа. Само две недели претходно, шестмина новинари, меѓу кои четворица од Ал Џезира, беа убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа. Од октомври 2023 година, повеќе од 200 новинари и медиумски работници се убиени во Газа, што го прави овој конфликт еден од најсмртоносните за професијата во поновата историја. Овие повторени напади ја илустрираат сè поопасната средина во која работат новинарите и ја нагласуваат итната потреба од конкретни мерки за гарантирање на нивната безбедност.

Мрежата SafeJournalists уште еднаш силно нагласува: новинарството не е злосторство — но убивањето новинари е. Таквите дела претставуваат сериозен воен злостор и злосторство против човештвото според сите релевантни меѓународни конвенции и стандарди. Никој, вклучително и израелската армија, нема право да ги таргетира и убива новинарите и медиумските работници додека тие ги извршуваат своите професионални должности во Појасот Газа. Со убивањето новинари, израелските сили не само што замолчуваат поединци, туку и ја гасат вистината, лишувајќи го светот од малкуте информации што благодарение на палестинските новинари сè уште успеваат да ја пробијат цензурата и ограничувањата за известување за војната во Газа.

Мрежата SafeJournalists бара независна и непристрасна меѓународна истрага за овој напад и целосна одговорност за оние што се виновни. Исто така, ги повикуваме сите страни во конфликтот да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право и да ја гарантираат заштитата на новинарите, медиумските работници и сите цивили.

Мрежата изразува најдлабоко сочувство до семејствата и колегите на новинарите што ги загубија своите животи и стои во солидарност со целата новинарска заедница во Газа.

SafeJournalists потсетува дека медиумските куќи имаат должност за грижа кон своите вработени. Новинарите што известуваат од толку опасни средини мора да бидат обезбедени со целосна професионална заштитна опрема и поддршка. Потсетуваме дека обврската за заштита доаѓа пред задачата и дека ниту една приказна не може да биде оправдување за ризикување на животот на новинар.

Секој напад врз новинар е напад врз демократијата и врз правото на секое општество да биде информирано.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 26 август 2025

Хрватско новинарско друштво
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора