Нападот врз екипата на Н1 телевизија во Загреб ја истакнува итната потреба за заштита на новинарите

Нападот врз екипата на Н1 телевизија во Загреб ја истакнува итната потреба за заштита на новинарите
photo: canva

Мрежата SafeJournalists остро го осудува физичкиот напад врз екипата на телевизијата Н1 што се случи денеска во центарот на Загреб. Додека ги извршуваа своите професионални должности и снимаа изјави на јавно место, новинарите биле вербално навредувани од непознат маж, кој потоа го ескалирал инцидентот во физичко насилство, турнувајќи еден член на екипата и нанесувајќи му повреда во пределот околу окото.

Овој вознемирувачки инцидент се случи среде бел ден, на јавно место, и повторно покажува колку новинарите можат да бидат небезбедни дури и во главниот град на земја членка на Европската унија. Таквите напади не само што го загрозуваат животот и безбедноста на поединечни новинари и снимателски екипи, туку испраќаат и поширока порака дека попречувањето и заплашувањето на новинари е толерирано. Кога новинарите се нападнати само затоа што ја вршат својата работа, не е загрозена само нивната безбедност — под удар е и правото на јавноста да биде информирана.

Мрежата SafeJournalists нагласува дека овој чин на насилство не може да се гледа изолирано. Тој се случува во сè понепријателска атмосфера кон медиумите, во која одредени јавни личности и политички актери често ги таргетираат новинарите преку вербални напади, дискредитација и отворени обвинувања. Таквата реторика, доколку остане несанкционирана, поттикнува омраза и охрабрува поединци да дејствуваат насилно кон новинарите и медиумите. Нормализацијата на непријателството кон новинарите во јавниот дискурс создава опасна средина во која секој се чувствува овластен да нападне медиумски работници на улица.

Ги повикуваме хрватските институции — вклучувајќи ја полицијата, јавните обвинители и другите надлежни органи — веднаш и темелно да го истражат овој напад, да го идентификуваат и санкционираат сторителот и да потврдат дека насилството врз новинари нема да се толерира. Државата има обврска да ја гарантира безбедноста на новинарите и да обезбеди тие што ја информираат јавноста да можат да ја извршуваат својата работа без страв од вознемирување или напад.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни актери за овој случај.

Секој напад врз новинари е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 12 ноември 2025 година

Хрватско новинарско здружение
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора