Неопходно е преку законски измени да се гарантира финансиската и политичката независност на МРТ, а јавниот сервис да се зајакне со нови вработувања и поширока дописничка мрежа, да се обнови етичката рамка со нов Кодекс и да се вложи во дигитализација и современи технологии, меѓу кои и вештачката интелигенција, беа дел од поентите на ЗНМ кажани за време на првата јавна седница на Програмскиот совет на МРТ. Средбата се одржа на 4ти септември, а беше со претставници на еснафските здруженија и медиумските организации, присуствуваа и претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски.
Претседателот на ЗНМ ја поздрави иницијативата на Програмскиот совет да отвори простор за транспарентност и вклучување на медиумските организации, нагласувајќи дека тоа е од исклучителна важност за подобрување на состојбата на јавниот сервис и укажа на потребата да се обезбеди континуитет на финансиска и политичка независност на МРТ преку соодветни законски измени.
„МРТ има сериозна потреба од нови вработувања, особено на млади и професионални кадри, како и од постојано вработување на постоечките дописници со цел да се покријат теми од локален јавен интерес. Дополнително, мора да се зајакнат уредувачката и новинарската етика преку нов Етички кодекс, а независноста да се гарантира со конкретни акти “– потенцираше Чадиковски.
ЗНМ е подготвено да соработува со Програмскиот совет во носењето на новиот стратешки план со цел зголемување на довербата кај граѓаните.
„Извештаите на Европската комисија, како и на ОДИХР јасно укажуваат на значењето на јавните сервиси и исто така потенцираат дека има извесни подборувања во работата на МРТ. Дополнително дел од овие извештаи укажуваат на потребата истите да ја прилагодат законската рамка во согласност со новите акти на Европскиот парламент како што е новиот Европски акт за медиумски слободи (ЕМФА). Затоа, на МРТ и е неопходен посебен закон само за јавниот сревис во согласност со новите стандарди со што ќе се гарантира независноста и професионалноста на МРТ“ – рече директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.
Се очекува во иднина да има почести средби за консултации и конкретни теми за соработка со Програмскиот совет на МРТ, причина заради која и пред одржување на оваа седница, ЗНМ достави конкретни предлози за работата на овој медиум.
Членовите на Советот за време на средбата потенцираа дека ЗНМ останува стратешки партнер на кој може да се смета и во иднина.