СЛАП тужбите – закана за демократијата, одговорот е знаење и солидарност

СЛАП тужбите – закана за демократијата, одговорот е знаење и солидарност

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во партнерство со Советот на Европа преку проектот ПРО-ФРЕКС и Т-АЈМ, од 21 до 23 август 2025 година во Маврово организираа тридневна обука за СЛАП тужби, наменета за новинар(к)и и адвокат(к)и.

Обуката е дел од заедничките напори на ЗНМ и Советот на Европа да се унапредат знаењата и капацитетите на новинарите и адвокатите кои работат предмети од областите на навредата и клеветата за препознавање, спречување и ефективно реагирање на злоупотребувачките тужби против јавното учество (СЛАП), кои често се користат како средство за заплашување и замолчување на критичкото новинарство.

На отворањето на обуката претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна:
Новинарите се под постојан притисок од различни форми на заплашување и правно вознемирување. СЛАП тужбите не се само правна битка – тие се напад врз правото на јавноста да биде информирана. Затоа, оваа обука е клучна за да ги зајакнеме нашите колеги и да изградиме солидарност меѓу новинарската заедница и правните експерти кои ги бранат.“

Во своето поздравно обраќање, Александра Богдановска, раководителка на проектот од Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, додаде:
Советот на Европа и Европската Унија остануваат посветени на поддршка на слободата на изразување и независното новинарство во Северна Македонија. СЛАП тужбите претставуваат закана за демократските процеси и правото на информирање, и затоа е особено важно да се работи со новинарите и адвокатите на градење знаење и стратегии за отпор кон овие злоупотреби.

Во рамките на тридневната програма, 22 учесници – новинари и адвокати имаа можност да се запознаат со меѓународните стандарди, домашната и европската судска пракса, како и со практични вежби за препознавање и спротивставување на СЛАП тужбите. Преку интерактивни дискусии, студии на случај и размена на искуства од страна на искусните адвокати Лазар Сандев, Иван Брешковски како и директорот на ЗНМ Драган Секуловски учесниците изградија конкретни стратегии за заштита на слободата на изразување и правото на информирање.

Со оваа обука, ЗНМ ја продолжува својата заложба да биде силна поддршка на новинарската заедница и да обезбедува правни, практични и солидарни механизми за заштита на професијата од злоупотреби и притисоци.

Обуката е реализирана со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамки на проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ “. За содржина на обуката одговорно е исклучиво Здружението на новинарите на Македонија, и нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.