Со крводарителска акција одбележан Светскиот ден на слобода на медиумите

Со крводарителска акција одбележан Светскиот ден на слобода на медиумите

Со крводарителска акција која се одржа денеска (30.04.2025) во неколку градови низ  Македонија новинарите и медиумските работници го одбележаа 3-ти мај – Светскиот ден на слобода на медиумите.

По тој повод во Скопје, во просториите на Дневен центар за дарување крв на Црвен крст на град Скопје (ДХО Даре Џамбаз) се обрати Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ кој ја нагласи важноста на условите во кои работата новинарите, како и улогата која ја имаат пред граѓаните:

„Новинарството е професија што има една посебна мисија, да го штити јавниот интерес, и да биде совеста и гласот на заедницата. Денеска, со оваа крводарителска акција, испраќаме силна порака – дека сме тука едни за други“, рече Чадиковски.

На настанот се обрати и и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече дека новинарите во Македонија работат во тешки услови, под сериозни притисоци, закани и напади, како и со ниски примања и сериозни предизвици поврзани со социо-економската безбедност.

„Денес во Македонија иако навидум постои слобода на изразување таа е под сериозни суптилни закани кои произлегуваат од притисоци од центри на моќ, лоша финансиска состојба во која се наоѓаат медиумите, развој на медиумски пустини во голем дел од територијата на државата, закани за новинарите и медиумските работници, особено во онлајн просторот“, истакна Беловски.

Александра Валкановска, од Црвен Крст на Град Скопје се заблагодари за хуманата акција означувајќи ја работата на новинарите и медиумските работници како важен елемент во општеството.

„Убав е начинот со кој што го одбележувате денот. Навистина радува што ја препознавте точно хуманоста, солидарноста, на чинот на поддршката на другите преку чинот на дарување крв на денот кој е ваш, на новинарите, слободата на медиумите и сите вие членови на синдикатот на медиумски работници“, рече Валкановска.

Оваа крводарилетска акција се организира трета година по ред од страна на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со поддршка на Црвен Крст на Град Скопје и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).