На почетокот на оваа недела, мрежата SafeJournalists испрати писмо со загриженост до надлежните институции на Босна и Херцеговина (БиХ) во врска со финансиската криза која подолго време го погодува националниот јавен сервис Радио-телевизија на БиХ (BHRT).
Откако Претседателството на БиХ го усвои државниот буџет за 2025 година, кој подоцна беше потврден и од двата дома на Парламентарното собрание на БиХ, BHRT остана без 22 милиони конвертибилни марки од буџетски средства. Според BHRT, овие средства биле наменети за отплата на долгот кон Европската радиодифузна унија (EBU), за уплата на даноци и придонеси за плати на вработените, како и за покривање на долгови за различни комунални услуги. Поради овие неизмирени обврски, BHRT може наскоро да остане без електрична енергија и гас, а се разгледува и блокада на банкарските сметки поради долг од околу 9,5 милиони КМ по основ на ДДВ.
Вкупниот долг на BHRT изнесува 54 милиони КМ, додека истовремено овој јавен сервис има побарувања од речиси 100 милиони КМ од RTRS, јавниот радиодифузен сервис на Република Српска, кој во 2017 година престана да префрла 50% од наплатената RTV такса на националниот радиодифузер спротивно на правосилните судски пресуди и Законот за јавниот радиодифузен систем на БиХ.
Мрежата SafeJournalists ги повика сите релевантни институции веднаш да преземат конкретни чекори за спречување на финансискиот колапс на BHRT, вклучително и усвојување итни финансиски мерки што би спречиле запленување на имотот и прекин на услугите. Организациите членки на мрежата исто така побараа итно воспоставување транспарентен, долгорочен и правно одржлив модел на финансирање за националниот јавен сервис.
Едно од писмата може да се прочита тука.