Мрежата SafeJournalists изразува загриженост за новиот Нацрт-закон за пристап до информации на Брчко во Босна и Херцеговина

Мрежата SafeJournalists изразува загриженост за новиот Нацрт-закон за пристап до информации на Брчко во Босна и Херцеговина
Source: Canva

Мрежата SafeJournalists го поддржува Здружението на новинари на БиХ (BHJA) во барањето до Собранието и Владата на Брчко на Босна и Херцеговина, како и до надлежната Законодавно-правна комисија, итно да отпочнат јавна расправа за Нацрт-законот за пристап до информации во Брчко, со цел да се овозможи учество на граѓаните, стручната и медиумската заедница, како и на организациите од граѓанското општество, во дебатата и преку предлагање забелешки и амандмани да се унапредат постојните законски решенија во согласност со европските стандарди.

Мрежата SafeJournalists смета дека рокот од 15 дена за измени на Нацрт-законот не е доволен за изработка на предлог кој ќе им овозможи на медиумите и новинарите слободно да го практикуваат своето право на слободен, едноставен и брз пристап до информации од јавен карактер, со јасни и достапни постапки за жалба во случај на одбивање на информација. Недостигот на јавна расправа, како сеопфатен механизам за собирање мислења од професионалци и корисници на правото на пристап до информации од јавен карактер, е спротивен на демократските стандарди за транспарентност и инклузивност во процесот на креирање нови законски решенија.

Мрежата SafeJournalists ги поздравува намерите на предлагачите на Законот да ја уредат оваа област во согласност со стандардите на ЕУ, кои вклучуваат проактивно објавување информации, нивна бесплатна дистрибуција, како и обврска за спроведување тест за пропорционалност и јавен интерес. Нормативното приоритизирање на јавниот интерес над можната штета која би можела да произлезе од објавување на информации е од суштинско значење за работата на медиумите и истражувачките новинари, кои честопати биле спречени да добијат информации за јавни функционери и начинот на кој тие ги извршуваат своите должности, со нејасни повикувања на заштита на приватноста и неприфатливо широка листа на т.н. лични податоци.

Истовремено, мрежата SafeJournalists смета дека е целосно неприфатливо што овој Закон не предвидува можност за поднесување жалба против орган кој ускратил информации од јавен интерес. Неможноста за постапка по жалба во втор степен пред институциите на Брчко, покрај тоа што е спротивна на меѓународните стандарди, ќе ги принуди новинарите и сите други граѓани да покренуваат скапи судски постапки за да дојдат до потребните информации. Споменатите одредби исто така би можеле да отворат простор за политичарите и јавните функционери во Брчко да кријат информации за својата работа, за одлуките што ги носат и за начинот на кој ги трошат јавните пари, како и за сите други информации што се од јавен интерес.

Поради сето погоре наведено, Мрежата SafeJournalists ги повикува властите на Брчко да започнат јавна расправа за Нацрт-законот за пристап до информации од јавен карактер и дијалог со сите заинтересирани страни од областа на слободата на информирање и пристапот до информации од јавен интерес што е можно поскоро. Исто така, мрежата SafeJournalists ја повикува меѓународната заедница во Босна и Херцеговина да спречи донесување на овој Закон, кој е спротивен на стандардите на ЕУ и ќе претставува пречка за интеграцијата на БиХ во ЕУ.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира националните и меѓународните чинители за овие загрижувачки настани и ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 26 мај 2025

Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора