Партнерите на Иницијативата за брз одговор за медиумска слобода (MFRR) заедно со Мрежата SafeJournalists (SJN) цврсто повикуваат на темелни и брзи истраги за бројните закани против Наташа Миљановиќ Зубац, новинарка на Радио Телевизија на Република Српска (РТРС). Од подметнувањето пожар на нејзиниот автомобил во 2022 година, Зубац е цел на најмалку седум кривични дела, сите неказнети. Партнерите на MFRR и SJN, исто така, го повикуваат Министерството за внатрешни работи на Република Српска и Окружното обвинителство Требиње да обезбедат зголемена полициска заштита за да се спречат понатамошни закани по животот на новинарката. Безбедносните мерки што ѝ се доделени на Зубац, вклучително и надзор на нејзиното движење и полициски патроли од Требиње, се прв чекор, но сè уште не се доволни за да ѝ го заштитат животот со оглед на постојаните закани.
Откако се врати на работното место, по 22 месеци боледување поради пожарот на нејзиниот автомобил во јуни 2022 година, Зубац и понатаму стравува за својот живот, со ограничено движење и сериозно нарушена работа.
Меѓу заканите со смрт во нејзиниот приватен дом: во ноември 2022 година, инфрацрвени зраци биле насочени кон ѕидот од нејзината дневна соба, а подоцна и кон нејзиното тело, додека на 26 март 2023 година, пред нејзината врата била пронајдена кукла со отсечена глава и покриена со црвено. Во октомври 2023 година, на истата врата беше испишано „Мртвите усти не зборуваат“. И покрај истрагите, ниту еден од случаите не резултираше со обвинение.
Заканите продолжија и на 19 септември 2024 година, кога новинарката откри пораката „Умри НМЗ“ (нејзините иницијали) на домот на нејзиниот син, во селото Љубомир, близу Требиње. Инцидентот се третира како кривично дело според член 150 од Кривичниот законик на Република Српска, кој се однесува на „Загрозување на безбедноста“.
„Две и пол години сум цел на криминалци. И покрај осум барања за физичка заштита, како и апели од новинарски здруженија, Министерството за човекови права на БиХ, ниту Министерството за внатрешни работи на Република Српска, ниту било која друга безбедносна институција не ми обезбеди потребна заштита. Живеам како затвореник во сопствената земја. Ова не е живот достоен за човек“, изјави Зубац за Европската федерација на новинари (EFJ).
„Неказнивоста во случаите на палење автомобили и закани по безбедноста на Наташа Миљановиќ Зубац остава простор за нивно повторување, поради што директна одговорност, покрај сторителите, имаат и полицијата на Требиње и обвинителството, кои две години не можат или не сакаат да ја завршат истрагата и да создадат правна основа за казнување на сторителите, како и да им овозможат на новинарките да работат безбедно и достоинствено“, истакнаа Здружението на новинари на БиХ (BHN) и новинарската помошна линија (FMHL).
Покрај заканите со смрт, новинарката повеќепати била вербално навредувана и заплашувана. Таа за MFRR изјави дека неодамна, на 28 октомври, пријавила и физички напад во полицијата во Требиње.
Неколку дена по Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторства против новинарите, MFRR и Мрежата SafeJournalists повторуваат дека независна истрага и гонење на напаѓачите е клучно за да се одвратат сторителите и да се стави крај на опасната култура на неказнивост, како што сведочат бројните неказнети закани по животот на новинарката.
Дополнително, потпишаните организации повикуваат на зголемена физичка заштита која ќе ѝ овозможи на Зубац да ја продолжи својата работа во целосна безбедност и да се спречи понатамошна ескалација на насилство како резултат на истраги од јавен интерес.
Потпишано од:
Media Freedom Rapid Response (MFRR)
Европска федерација на новинари (EFJ)
Европски центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF)
Free Press Unlimited (FPU)
Меѓународен институт за печат (IPI)
OBC Transeuropa (OBCT)
Мрежа SafeJournalists
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора