Мрежата SafeJournalists изразува загриженост во врска со јавните изјави дадени во јануари 2026 година од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама, кои се однесуваат на улогата, финансирањето и иднината на РТШ (RTSH), јавниот радиодифузен сервис на Албанија.
Изјавите беа дадени за време на состанок на пратеничката група на Социјалистичката партија – политички форум кој ги обединува членовите на владејачкото мнозинство и високи извршни функционери. Во своето обраќање, премиерот ја оквалификуваше РТШ како неуспешна институција, ја доведе во прашање нејзината легитимност како јавен радиодифузер и изјави дека јавното финансирање треба да биде ускратено сè додека РТШ „не го заслужи“. Дополнително, тој посочи дека треба да се разгледаат сите опции во однос на иднината на РТШ, вклучително и приватизација, па дури и нејзино затворање.
Иако јавната дебата за ефикасноста, управувањето и реформата на јавните медиуми е легитимна, Мрежата SafeJournalists потенцира дека јавните радиодифузни сервиси имаат посебна демократска улога. Нивниот мандат не е определен од пазарната успешност или политичкото одобрување, туку од обврската да му служат на јавниот интерес, да обезбедуваат плуралистички информации, да поддржуваат културни и образовни содржини и да функционираат независно од политички и комерцијални притисоци.
Од аспект на слободата на изразување, поврзувањето на постоењето или финансирањето на јавниот радиодифузер со извршни проценки за „заслуженост“ отвора сериозни прашања. Ваквиот пристап ризикува да го поткопа принципот на управување „на дистанца“ (arm’s-length governance), кој е клучен за европските стандарди за медиумски слободи. Дури и во отсуство на непосредни правни или буџетски мерки, ваквите јавни изјави можат да извршат индиректен притисок врз уредничката независност, да придонесат за институционална несигурност и да поттикнат автоцензура во редакциите.
Мрежата SafeJournalists е особено загрижена од нормализирањето на „затворањето“ како јавно артикулирана опција за јавен радиодифузер. Во европската демократска практика, централното прашање не е дали јавните медиуми треба да постојат, туку како да се зајакнат нивното управување, отчетноста и независноста во согласност со демократските стандарди. Третирањето на континуираното постоење на јавниот радиодифузер како условено од политичко задоволство ризикува да ги ослаби институционалните заштитни механизми што ја штитат новинарската слобода.
Овие случувања се релевантни и во контекст на процесот на пристапување на Албанија во Европската Унија, особено во рамки на Кластер 1 – Основи, каде што слободата на медиумите, институционалната независност и демократските контроли и рамнотежи се клучни репери. Стабилен, независен и соодветно заштитен јавен радиодифузен сервис претставува суштинска компонента на отпорно демократско информативно опкружување.
Мрежата SafeJournalists потсетува дека критиката на медиумските перформанси треба да се адресира преку транспарентни, законски засновани реформски процеси, независни надзорни тела и инклузивна јавна дебата – а не преку реторика што може да ја загрози институционалната независност и да поттикне јавна недоверба и непријателство кон РТШ. SafeJournalists континуирано се залага за структурни реформи што ја зајакнуваат уредничката независност и јавната отчетност на РТШ, истовремено овозможувајќи му на јавниот радиодифузер да се трансформира во дигиталната ера и ефективно да одговори на разновидните информативни, културни и демократски потреби на граѓаните – особено преку транспарентен и законит избор на раководството, предвидливи и заштитени модели на финансирање и управувачки механизми што ги штитат професионалната автономија и работничките права на новинарите.
Ги охрабруваме албанските власти повторно да ја потврдат својата посветеност кон европските стандарди за јавни медиуми и да обезбедат секоја дискусија за реформата на РТШ да се води на начин што целосно ги почитува слободата на изразување, новинарската независност и правото на јавноста на информирање.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 19 јануари 2026 година
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора