Мрежата SafeJournalists изразува загриженост поради инцидентите со кои се соочија новинарите и медиумските работници за време на протестите што се одржаа во Тирана на 2 јули 2026 година.
Јавните собири претставуваат прашање од јасен јавен интерес. Новинарите мора да имаат можност слободно и безбедно да известуваат за барањата на граѓаните, реакциите на институциите, постапувањето на полицијата и случувањата на терен. Остварувањето на правото на мирно собирање мора да оди рака под рака со почитувањето на слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.
Според јавно објавените информации и видео-материјалите, новинарот на SYRI TV, Фатјон Ѓинај, наводно бил удрен за време на полициска интервенција додека го следел протестот во близина на албанскиот Парламент. Наводите поврзани со постапувањето на полицијата бараат итна и сериозна проверка, бидејќи Државната полиција има директна обврска да ги заштити новинарите, да им овозможи непречено извршување на нивната работа и да обезбеди секоја интервенција за време на јавни собири да биде во согласност со принципите на законитост, неопходност и пропорционалност.
Во посебен инцидент подоцна истиот ден, новинарката на Top News, Клеида Мука, и снимателот кој бил со неа, биле сериозно попречувани и нападнати од страна на неколку лица додека известувале во живо од протестот во близина на Кабинетот на премиерот. Според објавените информации и видео-материјалите, медиумската екипа била изложена на навреди, туркање и повици да го напушти местото од кое известувала, додека ги извршувала своите професионални задачи.
Овие случаи се случуваат во време на поширока загриженост во Албанија во врска со безбедноста на новинарите и медиумските работници кои известуваат за тековните граѓански протести. Протестите започнаа кон крајот на мај 2026 година како израз на јавно противење на подготвителните работи во заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса–Нарта/Ѕвернец, а подоцна прераснаа во пошироки анти-владини барања, вклучително и повици за оставка на премиерот. Пријавените проблеми вклучуваат попречување на известувањето, вербална агресија, попречување на работата со камери и микрофони, како и притисоци врз препознатливи новинари, сниматели, фоторепортери и технички персонал на терен. Критиката кон работата на медиумите е легитимна во едно демократско општество, но таа не смее да се претвори во непријателство, попречување или притисок врз медиумските работници кои ги извршуваат своите професионални должности.
Мрежата SafeJournalists потсетува дека новинарите и медиумските работници не се страна во протестите. Нивната улога е да известуваат за прашања од јавен интерес и да ги документираат случувањата во јавниот простор. Секој напад, заплашување, попречување или притисок врз новинарите ја поткопува слободата на медиумите и го ограничува правото на јавноста да добива информации.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции без одлагање да ги проверат сите пријавени инциденти што ги засегаат новинарите, со особено внимание на наводите поврзани со постапувањето на полицијата, и да обезбедат одговорност доколку се потврдат прекршувања. Мрежата, исто така, ги повикува сите присутни на јавните собири да ја почитуваат работата на новинарите и да се воздржат од каква било форма на попречување, заплашување или напад врз медиумските екипи.
На новинарите мора да им биде овозможено безбедно да ги покриваат протестите, без оглед на медиумот што го претставуваат или начинот на кој тој медиум е перципиран од дел од јавноста.
Мрежата SafeJournalists ќе продолжи да ја следи состојбата и да ги евидентира потврдените случаи во својата база на податоци.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана
3 јули 2026 година
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора