Мрежата SafeJournalists изразува длабока загриженост поради арбитрарната суспензија на шест новинари од јавниот сервис РТК.
Блерта Фониќи Кабаши, Менета Зекај Нуши, Артон Муќиќи, Едона Муса-Мустафа, Јехона Житија и Валон Бајрами беа известени без претходна најава дека се суспендирани од модерирање на ударните информативни емисии во 17:00 и 23:00 часот. Оваа одлука на раководството на РТК, која е целосно политичка и поврзана со оние на власт, доаѓа веднаш откако новинарите јавно проговорија за доцнењето на исплатата на нивните јулски плати, кои беа исплатени дури на 22 август поради тоа што Собранието не го одобри буџетот на РТК.
Овој невиден чин на цензура претставува директна казна за професионалната и политички независна работа на новинарите, како и за нивниот јавен став за доцнењето на платите. Тој исто така ја илустрира континуираната политичка пресија врз РТК од страна на актуелната влада, со што дополнително се поткопуваат медиумската слобода и независноста на јавниот сервис.
„Со тоа што овие шест новинари се тргнати од етер, за жал, актуелното раководство на јавниот сервис РТК ја продолжува својата политика на фаворизирање на актуелната Влада и владејачкото движење Ветевендосје,“ изјави Џемајљ Рекса, претседател на Управниот одбор на ЗНК. „ЗНК ги гледа овие постапки како брутален обид да се замолчат шесте новинари за нивната посветена, професионална работа, ослободена од политички притисок и закани кои доаѓаат од Владата преку Раководството. Бараме од вршителот на должност генерален директор да ја повлече одлуката и да им овозможи на новинарите и на сите вработени во РТК да ја извршуваат својата работа во најдобар јавен интерес.“
Ваквите постапки се неприфатливи. Тие се обидуваат да ги замолчат критичките гласови, да поттикнат страв меѓу медиумските работници и да ја ослабат улогата на РТК како сервис во служба на јавниот интерес. Мрежата SafeJournalists стои во целосна солидарност со нашите колеги и ја повикува управата на РТК веднаш да ја поништи оваа арбитрарна одлука и да им овозможи на новинарите и уредниците да ги извршуваат своите обврски без политичко мешање.
Секој чин на цензура против новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Прештина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 27 август 2025
Хрватско новинарско здружение
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора