Партнерите на Иницијативата за брз одговор за медиумски слободи (MFRR), заедно со мрежата SafeJournalists (SJN), најостро ги осудуваат ескалирачките и систематски напади врз новинарите и граѓанските организации во Србија, каде што насилството, опструкциите и заплашувањата се толерираат и спроведуваат на највисоко ниво на власт.
По трагичниот инцидент со уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, новинарите се соочија со неприфатливи притисоци додека известуваа за настанот и последователните протести. Поголемиот дел од инцидентите евидентирани на платформата за мапирање на медиумските слободи се случаи на вербални напади и физички напади врз новинари и медиумски работници. Од 22 документирани инциденти помеѓу ноември 2024 и февруари 2025 година, пет напади биле иницирани од државни функционери, вклучително и од српскиот претседател Александар Вучиќ и владејачката партија СНС.
Некои од најсериозните напади вклучуваат закана за убиство упатена до Ана Лалиќ Хегедиш, извршна директорка на Независното здружение на новинари на Војводина (НДНВ), преку нејзината Фејсбук страница во ноември 2024 година. На 17 јануари 2025 година, НДНВ, чија канцеларија претходно беше ограбена, соопшти дека полицијата насилно отстранила пет новинари од Градското собрание во Нови Сад за да спречи нивно документирање на протест организиран од опозицијата во самата зграда.
На 15 февруари 2025 година, новинарката на N1, Ксенија Павков, добила закани за убиство и навреди додека известувала за митинг на СНС во Сремска Митровица. На 24 февруари 2025 година, приватното обезбедување во Собранието на Град Нови Сад – по наредба на претседателката на Собранието, Дина Вучиниќ – вршеше претреси на новинарите, им го ограничуваше движењето и ги заклучи во прес-салата до завршување на конференцијата.
Нашите организации со загриженост ја бележат и акцијата на српската полиција спроведена на 25 февруари 2025 година, кога беа извршени рации врз невладини организации критички настроени кон власта. Власта ја прикажува ситуацијата како „обоена револуција“, обвинувајќи дека НВО се финансирани од странски држави со цел дестабилизација на Србија.
Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (CRTA), кој го води веб-сајтот за проверка на факти Истиномер – важен извор на проверени информации за граѓаните на Србија – беше меѓу организациите кои беа предмет на рации без судска наредба. Овие рации, базирани на непотврдени тврдења од поединци од американската влада за наводна злоупотреба на средства од USAID, претставуваат ново ниво на заплашување кон оние што ја информираат јавноста, со што медиумите и медиумските организации стануваат следна потенцијална цел.
Таквите постапки претставуваат отворено кршење на слободата на медиумите и слободата на изразување. Тие го отсликуваат институционализираниот амбиент во кој насилството врз новинари и активисти се толерира и охрабрува преку официјална реторика што постојано ги прикажува медиумите и НВО како непријатели на државата.
MFRR и SJN ги повикуваат властите да престанат со таргетирањето на медиумите и НВО и да го запрат поттикнувањето на омраза за да се спречи понатамошното влошување на безбедноста на новинарите. Потписниците исто така бараат темелни и независни истраги за сите случаи на насилство врз новинари, вклучително и оние наводно извршени од страна на полицијата и приватните агенции за обезбедување.
Во време кога вистината и точното информирање се поважни од кога било, MFRR и мрежата SafeJournalists ќе продолжат внимателно да ги следат случувањата во Србија и ќе стојат во целосна солидарност со српското граѓанско општество и новинарите кои се таргетирани заради нивното професионално известување.
Потпишано од:
-
Европска федерација на новинари (EFJ)
-
Европски центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF)
-
Осерваторио Балкани Кавказо Трансевропа (OBCT)
-
ARTICLE 19 Европа
-
Free Press Unlimited
-
Меѓународен институт за печат (IPI)
SafeJournalists мрежа:
-
Здружение на новинарите на Косово
-
Здружение на новинарите на Македонија
-
Здружение на новинарите на БиХ
-
Хрватско новинарско друштво
-
Независно здружение на новинари на Србија
-
Синдикат на медиумите на Црна Гора