Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува сексистичките и вулгарни навреди јавно упатени од д-р Борис Хавел, професор на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Загреб (ФПЗГ), кон новинарката Маја Север, претседателка на Хрватскиот синдикат на новинари (СНХ) и на Европската федерација на новинари (ЕФН). На 30 ноември, Хавел објави навредлива објава на својот профил на социјалната мрежа X, поттикната од учеството на Маја Север на Антифашистичкиот протест одржан истиот ден во Загреб. Ваквата порака претставува форма на родово базирано насилство и сериозен напад врз професионалниот интегритет на новинарката, како и врз целата новинарска заедница што таа ја претставува.
Сексистичките и понижувачки напади никогаш не се прифатливи, а особено е загрижувачки кога доаѓаат од лице вработено во институција задолжена за едукација на идните новинари и политиколози. Злоупотребата на сексуализиран јазик и навреди од позиција на академски авторитет дополнително ја нормализира непријателската средина во која новинарите во Хрватска работат со години.
Мрежата SafeJournalists е особено загрижена што вулгарните и сексистички навреди кон Маја Север беа масовно споделувани и коментирани на социјалните мрежи од илјадници корисници, со што беше создаден несоодветен јавен линч врз нашата колешка и дополнително беше поткопана нејзината позиција како бранителка на правата на сите новинари, како и на други ранливи и малцински групи кои секојдневно се изложени на онлајн насилство.
Ја поздравуваме брзата реакција на Студентската организација на ФПЗГ и осудата изразена од Хрватското здружение на новинари (ХНД). Во меѓувреме, Факултетот за политички науки го објави своето официјално соопштение, со кое јасно се огради од коментарите на д-р Хавел, ги осуди сите форми на сексизам и најави дека ќе ги испита сите релевантни околности согласно Етичкиот кодекс на Универзитетот и внатрешните правилници. Мрежата SafeJournalists ја поздравува оваа јавна осуда, но истакнува дека од академските институции се очекува не само формално оградување од вакви инциденти, туку и јасно, доследно и транспарентно постапување кога е загрозен професионалниот интегритет на новинарите.
Во контекст на сè почестите закани, напади и родово базирани навреди насочени кон новинарките низ регионот, ваквите изјави создаваат дополнителна несигурност и испраќаат опасна порака дека навредувањето на жени новинарки е прифатливо. Кога ваквата реторика доаѓа од академската средина, одговорноста на институцијата е уште поголема. Очекуваме ФПЗГ да постапи одговорно, да преземе конкретни мерки и да испрати јасна порака дека академската заедница нема да толерира вакво однесување.
Новинарите мора да можат да работат во средина што ги штити, а не во средина што толерира понижување и го нормализира насилството. Во тој контекст, очекуваме Владата на Хрватска јасно да се спротивстави на насилството врз новинарките, а судските институции да поведат соодветни правни постапки против лицата одговорни за вулгарните, сексистички и родово базирани навреди упатени кон Маја Север и кон сите други новинарки во Хрватска.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 5 декември 2025 година
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора