Мрежата SafeJournalists изразува сериозна загриженост поради одлуката на институциите на Република Хрватска да му забранат влез во земјата на новинарот и уредник на порталот Istraga.ba од Босна и Херцеговина, Авдо Авдиќ.
На 12 ноември, во 13:28 часот, граничната полиција на Хрватска на граничниот премин Градишка му врачи на Авдиќ Решение за одбивање на влез во Република Хрватска, придружено со писмена белешка во која се наведува дека неговото име се наоѓа во националната база на лица на кои им е забранет влез во земјата. Министерството за внатрешни работи на Хрватска ја донело оваа одлука без да даде било какво дополнително објаснување за таквиот потег.
Во изјава за SafeJournalists мрежата, Авдиќ рече дека верува оти забраната за влез е поврзана со панел-дискусија на која неодамна учествувал во Исламскиот центар во Загреб, каде што, меѓу другото, зборувал за изборното законодавство на Босна и Херцеговина и за официјалниот став на Загреб кон БиХ.
„Во решението што го добив, не се наведени никакви причини за изрекување на забраната за влез во Република Хрватска. Само пишува дека моето име се наоѓа во националната база. Доколку имав извршено кривично дело на територијата на Хрватска или на ЕУ, ќе бев уапсен. Ако направев прекршок, ќе бев изведен пред судија за прекршоци и казнет. Но тие едноставно ми забранија влез во Република Хрватска, па можам само да шпекулирам за што всушност станува збор,“ изјави Авдиќ.
По одлуката на хрватското Министерство за внатрешни работи, министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ и членот на Претседателството Жељко Комшиќ излегоа со изјави дека ќе побараат официјално објаснување од Амбасадата на Хрватска во Сараево за причините поради кои на новинарот Авдо Авдиќ му бил забранет влезот во земјата. Тие предупредија дека овој чин претставува сериозен напад врз медиумските слободи во целиот регион и побараа институциите на Европската унија да реагираат на случајот. Реагираше и членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, оценувајќи ја одлуката на хрватските власти како „неприфатлива“.
Мрежата SafeJournalists смета дека ваквите постапки на надлежните институции на Хрватска претставуваат директно прекршување на правото на слобода на движење и на правото на новинарите да известуваат и да дебатираат за прашања од јавен интерес — без разлика дали тие се однесуваат на една земја или имаат транснационална димензија. Произволната одлука да се забрани влез на новинар во Хрватска, без какво било конкретно или образложено објаснување, претставува опасен преседан и ограничување на медиумските слободи што е целосно неспоиво со владеењето на правото и демократските стандарди на Европската унија, чија членка е Хрватска.
Мрежата SafeJournalists го повикува Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска и другите надлежни институции веднаш да ги објаснат причините за одбивањето на влез на Авдо Авдиќ во земјата и да обезбедат услови новинарите да можат да ја извршуваат својата работа слободно и без пречки.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 13 ноември 2025 година
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора