Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува заплашувањата и попречувањата со кои се соочија новинари низ цела Албанија на 11 мај 2025 година, за време на парламентарните избори во земјата.
Во Тирана, новинарката на Syri TV, Амброзија Мета, беше вербално нападната и физички испровоцирана од пратеникот на Социјалистичката партија, Ерион Браче, додека известуваше за необележан простор кој наводно го користеле партиски активисти. Кога екипата на Syri TV се приближила до просторијата, лицата внатре се обиделе да избегаат, покривајќи ги лицата. Пратеникот Браче пристигнал на местото на настанот кратко потоа, упатувајќи навреди кон Мета и нејзиниот тим, и остварил физички контакт со новинарката за време на конфронтацијата. Кога бил запрашан за неговото присуство, Браче реагирал агресивно, наредувајќи им на новинарите да заминат и нарекувајќи ги со погрдни зборови.
Во Поградец, дописничката на MCN TV, Елса Џиндоле, била физички нападната во избирачкото место ВЦ 39/01. Непознато лице ѝ го одзело мобилниот телефон и избришало изборни снимки и материјали. Џиндоле изјави дека ѝ бил одземен телефонот со сила двапати, при што ги изгубила сите свои снимки. Инцидентот бил пријавен во полицијата.
Во Саранда, новинарот на EuroNews Albania, Енрико Габа, бил ограничен од страна на изборни службеници во избирачкото место „Адем Шеме“, кои му наредиле да не снима подолго од 15 минути — произволно ограничување што го попречува правото на медиумите да го набљудуваат и известуваат за изборниот процес. Слична ситуација е забележана и во Драч, во избирачкото место 1486, каде членовите на Избирачката комисија не им дозволиле на акредитираните медиуми да известуваат за процесот на гласање.
Во Ѓирокастра, новинарот Армандо Раби бил заплашуван додека ја извршувал својата работа. Дваесет и шестгодишен маж од локално село наводно му се заканувал на Раби, тврдејќи дека новинарот го снимал без дозвола. Полицијата во Ѓирокастра покрена кривична постапка, а случајот е предаден на Јавното обвинителство за понатамошно постапување.
Овие инциденти претставуваат сериозно кршење на медиумските слободи и на правото на јавноста да биде информирана за време на избори. Мрежата SafeJournalists ги повикува албанските власти итно и транспарентно да ги истражат овие случаи и да обезбедат соодветна правна одговорност за сите прекршувања. Политичарите, јавните функционери и граѓаните мора да го почитуваат основното значење на медиумите во заштитата на изборниот интегритет и јавната отчетност.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира националните и меѓународните чинители за овие загрижувачки случувања и ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 12 мај 2025
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора