Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува заканите упатени кон новинарот Вук Цвијиќ и редакцијата на неделникот „Радар“, преку коментари објавени на веб-страницата на медиумот.
Денеска, редакцијата на „Радар“ добила серија навредливи и целно насочени пораки во делот за коментари, меѓу кои и закана со физичко насилство упатена кон целата редакција, а особено кон новинарот Вук Цвијиќ. Заканувачката порака била објавена како коментар под текстот на Цвијиќ со наслов „Откриваме: амандманот на СНС на нацрт-законот за јавно обвинителство – запирање на работата на Обвинителството за организиран криминал“.
Коментарот содржи говор на омраза, навреди и експлицитна закана со физичко насилство. Корисничкиот профил „Миша“, меѓу другото, напишал: „Ќе го добиеш тоа што си го барал – палка по глава“, при што членовите на редакцијата ги нарекол „усташи“ и „уништувачи на Србија“, користејќи говор исполнет со омраза и навреди.
Мрежата SafeJournalists потсетува дека ваквите закани претставуваат сериозно загрозување на безбедноста на новинарите и обид за заплашување на новинарите и редакциите со цел да се одвратат од известување за прашања од јасен јавен интерес, вклучително и теми поврзани со судските реформи и работата на обвинителството. Онлајн заканите создаваат атмосфера на страв, поттикнуваат понатамошна агресија и можат да ескалираат во физичко насилство, особено кога остануваат неказнети. Особено загрижува фактот што овие закани се упатуваат кон новинар кој со години е изложен на притисоци, напади и таргетирање.
Исто така, важно е да се нагласи дека Цвијиќ бил физички нападнат во повеќе наврати, вклучително и од полициски службеници. Тој бил нападнат од косопственикот на „Српски телеграф“, Милан Лаѓевиќ, кој го удрил во лице. Подоцна, додека известувал од студентски протест пред Правниот факултет, бил нападнат од припадници на интервентната полиција, при што бил удрен со лакт и полициски штит. Во друга прилика, повторно од припадници на интервентната полиција, бил испрскан со непозната хемиска супстанција.
Според базата на податоци за закани и напади врз новинари и медиуми што ја води Независното здружение на новинарите на Србија (НЗНС), во изминатата година се евидентирани десет случаи поврзани со закани и напади врз „Радар“ и новинарот Вук Цвијиќ.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежното обвинителство и Министерството за внатрешни работи итно да го идентификуваат авторот на овие закани, да спроведат темелна истрага и да покренат постапка во согласност со законот. Очекуваме институциите да го третираат овој случај со сериозноста што ја заслужува, имајќи ги предвид претходните напади и континуираниот ризик по безбедноста на новинарот и редакцијата.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 16 јануари 2026 година
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора