SafeJournalists: Заканите кон новинарот Осман Стафа во Албанија мора итно и ефикасно да се истражат

SafeJournalists: Заканите кон новинарот Осман Стафа во Албанија мора итно и ефикасно да се истражат
photo: canva

Мрежата SafeJournalists најостро ја осудува заканувачката порака испратена до албанскиот новинар Осман Стафа на 11 декември, по неговото известување за состојбите и пропустите во услугите во Онколошката болница во Тирана. Анонимната порака испратена преку Инстаграм, напишана со вулгарен и агресивен јазик, експлицитно го предупредува да не се враќа во Онколошката болница, со јасна намера да го заплаши и да ја попречи неговата новинарска работа.

Осман Стафа, новинар на телевизијата News24, е широко препознатлив по своето известување за здравството, корупцијата и јавната безбедност. Неговите неодамнешни прилози открија континуирани проблеми во Онколошката болница, вклучувајќи недостиг од основни лекови, нефункционална опрема, административни слабости и практики што им нанесуваат штета на пациентите. Преку објавување на сведоштва од пациенти и нивните семејства за несоодветниот третман и високите трошоци, тој придонесе за зголемена јавна информираност и институционална отчетност.

Мрежата SafeJournalists го поздравува фактот што Стафа веднаш поднел официјална пријава до Државната полиција и што е започната истрага. Сепак, нагласуваме дека заканите кон новинарите претставуваат сериозен напад врз слободата на медиумите и бараат брза, темелна и ефикасна институционална реакција.

Ги повикуваме албанските власти, особено Државната полиција и Обвинителството, да обезбедат овој случај да биде третиран како приоритет, сторителите да бидат идентификувани, а новинарите да можат слободно да известуваат за прашања од јавен интерес, вклучително и за функционирањето на здравствените институции, без страв од одмазда.

Мрежата SafeJournalists стои во солидарност со Осман Стафа и ќе продолжи внимателно да го следи развојот на настаните во овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 12 декември 2025 година

Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора