SafeJournalists: Итна истрага за координираните дигитални напади врз медиумот „Слободен печат“ во Северна Македонија – потребна е реакција од институциите и технолошките компании

SafeJournalists: Итна истрага за координираните дигитални напади врз медиумот „Слободен печат“ во Северна Македонија – потребна е реакција од институциите и технолошките компании
photo: canva

Мрежата SafeJournalists остро ги осудува повторените координирани ботски напади насочени кон официјалните Инстаграм профили на медиумот „Слободен печат“, од кои последните два се случија минатата недела.

Според достапните информации, во рок од само неколку минути, илјадници сомнителни профили, најчесто од странство, масовно реагирале со лајкови на објави на профилите на медиумот на Инстаграм, што укажува на организирана и малициозна активност со цел нарушување на дигиталниот интегритет на медиумот. Овие активности можат да создадат впечаток на самата платформа дека станува збор за ботови ангажирани од профилот на медиумот, што може да резултира со привремено или трајно укинување на профилите.

Овие инциденти не се изолирани, туку се дел од серија повторени напади во изминатите пет месеци, што укажува на јасен и загрижувачки тренд на систематско дигитално вознемирување и притисок врз медиум. Ваквите ботски напади претставуваат потенцијално сериозна закана за слободата на медиумите, нивната независност и правото на јавноста да биде информирана. Особено загрижува фактот што платформата Meta, која е сопственик на Инстаграм, не обезбедува ефикасни механизми за заштита на јавните медиумски профили и отворените профили воопшто од ваков тип напади. Препораките за „заклучување“ на профилите не се функционални за медиумските сметки, бидејќи директно го ограничуваат нивниот досег, транспарентност и улога во служењето на јавниот интерес.

Мрежата SafeJournalists ги повикува Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и надлежните сектори за сајбер криминал итно да постапат, да спроведат темелна истрага, да го утврдат потеклото на овие напади и да ги санкционираат одговорните.

Дополнително, ги повикуваме надлежните институции да развијат системски механизми за заштита на медиумите од дигитални напади, како и да ја зајакнат соработката со меѓународните технолошки компании со цел спречување на вакви злоупотреби. Воедно, ги повикуваме и меѓународните организации внимателно да го следат овој случај и да инсистираат на ефикасен институционален одговор и заштита на медиумската слобода во дигиталниот простор.

Мрежата SafeJournalists потсетува дека дигиталните напади врз медиумите се сè почеста форма на притисок која може сериозно да го наруши медиумскиот плурализам и демократските процеси. Институциите имаат обврска да обезбедат безбедна средина за новинарите – и онлајн и офлајн.

Мрежата SafeJournalists ќе продолжи да ги следи и документира ваквите случаи и да ја информира јавноста, притоа инсистирајќи на одговорност и ефективна заштита од неказнивост.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 15 април 2026 година

Хрватско новинарско друштво
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора