Мрежата SafeJournalists и Европската федерација на новинари (ЕФН) најостро ги осудуваат неодамнешните физички напади врз новинари и медиумски работници во Република Српска, Босна и Херцеговина, кои претставуваат сериозна закана за медиумските слободи и безбедноста на оние кои работат во јавен интерес.
На 7 февруари, новинарката Сања Васковиќ, главна и одговорна уредничка на порталот „Спин“, беше вербално навредувана и физички попречувана додека известуваше од настан во Источно Сараево. Нејзиниот телефон беше насилно одземен, а нејзината безбедност беше доведена во прашање додека се обидуваше да истражи прашања поврзани со заштитата на животната средина и транспарентноста. И покрај јасниот физички напад кој новинарката го документираше, органите на прогонот случајот го квалификуваа како прекршок од помало значење.
Во исто време, ЕФН и SafeJournalists потсетуваат и на нападот врз снимател на телевизијата БНТВ од Бијељина, кој се случи на 21 јануари, кога екипата на оваа телевизија беше физички и вербално нападната додека ги извршуваше своите професионални задачи. По серија вербални навреди кон екипата, обезбедување физички го удри снимателот во лицето, при што му нанесе повреди. Иако полицијата реагираше навремено, случајот беше третиран како прекршок против јавниот ред и мир, што испраќа загрижувачка порака за толеранција на физичко насилство врз новинари при вршење на нивната работа.
Мрежата SafeJournalists и ЕФН изразуваат длабока загриженост поради овие инциденти и поширокиот образец на притисоци, заплашувања, закани и физичко насилство насочени кон новинари во Босна и Херцеговина. Нападите врз медиумските професионалци ја поткопуваат основната улога на новинарството во демократските општества, го обесхрабруваат независното известување и ја нарушуваат довербата на јавноста во информациите кои се клучни за информирано граѓанство. Овие напади не се изолирани случаи, туку дел од загрижувачки тренд на прекршувања на правата на медиумските работници во регионот.
Затоа, ги повикуваме надлежните институции – полицијата, обвинителството и судските органи во Босна и Херцеговина – физичките напади и обидите за попречување на работата на новинарите да ги третираат како сериозни кривични дела, во согласност со Кривичниот законик, наместо да ги сведуваат на прекршоци, како и да обезбедат темелни, транспарентни и ефикасни истраги, со цел сите сторители да бидат повикани на одговорност согласно законот.
Мрежата SafeJournalists и ЕФН дополнително потсетуваат дека медиумските слободи и безбедноста на новинарите се суштински столбови на демократското општество и човековите права. Без ефикасна заштита и посветеност на владеењето на правото, нападите врз новинарите ќе продолжат да создаваат страв, автоцензура и средина непријателска кон независното информирање.
Изразуваме солидарност со нашите колеги во Босна и Херцеговина и ги повикуваме сите релевантни институции да постапат одлучно во заштита на слободата на медиумите и правата на медиумските работници.
Мрежа SafeJournalists
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора
Европска федерација на новинари (ЕФН)