По повод 20-годишнината од убиството на црногорскиот новинар Душко Јовановиќ, Мрежата SafeJournalists и партнерите во Иницијативата за брз одговор за медиумска слобода (MFRR) бараат посилни чекори од надлежните органи.
Организациите за медиумска слобода заеднички ги осудуваат двете децении неказнивост во случајот со убиството на новинарот Душко Јовановиќ и ги повикуваат црногорските власти – и политичките претставници и релевантните институции – да преземат сите неопходни мерки за идентификација и изведување пред лицето на правдата на извршителите и нарачателите на ова злосторство.
Душко Јовановиќ беше основач, директор и главен уредник на дневниот весник „Дан“, еден од првите приватни весници во Црна Гора. Тој беше убиен пред редакцијата на својот весник на 27 мај 2004 година. За ова најтешко кривично дело во историјата на црногорското новинарство, осуден е само еден соучесник, кој наскоро ќе биде на слобода бидејќи ја издржува речиси целата затворска казна.
Според релевантните домашни и меѓународни медиумски организации, долгогодишната истрага беше водена лошо и неефикасно, со бројни пропусти за кои никој не сноси одговорност. И покрај најавите од највисоките црногорски функционери во последните години дека може да се очекува напредок во истрагата, тој не е постигнат, или барем јавноста не е информирана. Поради ова, со право стравуваме дека овој случај може да остане едно од клучните неразрешени убиства, што испраќа поразителна порака за медиумската и општествено-политичката состојба во Црна Гора, дека злосторствата против новинарите се дозволени и остануваат неказнети. Затоа е клучно државата Црна Гора да преземе решителни чекори кон правда, бидејќи семејството и колегите на покојниот Јовановиќ, како и целата јавност, чекаат предолго.
Покрај убиството на Јовановиќ, во изминатите две децении во Црна Гора се регистрирани над 100 случаи на напади врз новинари и медиумска сопственост, од кои многу остануваат неразрешени, а некои дури и застарени. Затоа е потребна поенергична акција од црногорските државни органи за да се обезбеди безбедноста на новинарите и да се решат овие случаи.
Ги повикуваме црногорските власти итно и конкретно да преземат чекори за решавање на овој најтежок случај во црногорската историја. Време е за акција – брзи и решителни мерки се неопходни за да се обезбеди правда, да се врати довербата на јавноста и да се покаже дека злосторствата против новинарите не се дозволени.
Потпишано:
Мрежа SafeJournalists
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора
Иницијатива за брз одговор за медиумска слобода (Media Freedom Rapid Response)
Европски центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF)
Европска федерација на новинари (EFJ)
Free Press Unlimited (FPU)
Меѓународен институт за печат (IPI)
OBC Transeuropa (OBCT)