Неколку новинарски екипи кои денес патуваа од Хрватска кон Србија беа запрени на државната граница, задржани, а потоа и одбиени за влез во Србија.
Иако новинарите од Хрватска имаа уредни покани, им беше забранет влезот врз основа на наводна негативна безбедносна проценка, со повикување на член 15, став 1, точка 8 од Законот за странци, во врска со заштитата на безбедноста на Република Србија и нејзините граѓани.
При одлучувањето за правата и обврските на странците во врска со влезот и престојот во Србија, полицијата се консултира со надлежните служби за безбедност кои се задолжени за заштита на безбедноста на Република Србија, со цел да проценат дали влезот или престојот на странецот претставува неприфатлив безбедносен ризик. Сметаме дека оваа одлука е донесена врз основа на проценка на Безбедносно-информативната агенција (БИА).
Истиот закон предвидува дека „неприфатлив безбедносен ризик постои ако достапните податоци и информации укажуваат дека странецот застапува, поттикнува, помага, подготвува или презема активности што го загрозуваат уставниот поредок и безбедноста на Република Србија, добра заштитени со меѓународно право, како и националната, регионалната и глобалната безбедност од значење за Република Србија и правниот поредок“ (член 9 став 1 точка 3).
Имајќи го предвид горенаведениот член од Законот за странци, не е јасно врз основа на кои податоци надлежните органи процениле дека новинарите претставуваат безбедносен ризик за уставниот поредок и безбедноста на Србија.
Повелбата за основни човекови права на Европската Унија од 2000 година ги штити граѓанските, политичките и економските права на поединците. Таа гарантира право на слобода на изразување, право на примање и пренесување информации и идеи без мешање од јавните власти и без оглед на границите.
Независното здружение на новинари на Србија смета дека забраната за влез на странски новинари во Србија претставува кршење на нивните човекови права, како и кршење на Законот за јавно информирање и медиуми, кој јасно предвидува дека „слободата на јавно информирање не смее да се повредува со злоупотреба на службена положба и јавни овластувања“, што очигледно се случило во овие случаи.
Мрежата SafeJournalists ја осудува оваа одлука и ги повикува државните органи итно да ја повлечат и да им овозможат на странските новинари да ја вршат својата работа непречено и безбедно.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира и националните и меѓународните чинители за овие загрижувачки случувања.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 14.03.2025
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора