SafeJournalists: Притисоците од Градската администрација на Мостар се сериозна закана за слободата на медиумите

SafeJournalists: Притисоците од Градската администрација на Мостар се сериозна закана за слободата на медиумите

Мрежата SafeJournalists најостро го осудува најновиот вербален напад од градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, како и неговото јавно таргетирање на новинарот и косопственик на Hercegovina.info, Марио Ќосиќ.

Во изјава објавена на официјалната Facebook страница на градоначалникот на 2 декември, Кордиќ го обвини Ќосиќ дека намерно се обидува да ја „дестабилизира“ градската администрација и да создаде „правна несигурност и хаос“, тврдејќи дека новинарот поттикнува „атмосфера на линч“ против општинските функционери. Ваквата реторика, проследена со јасни клеветнички тонови, претставува сериозен политички притисок и обид да се делегитимира професионалниот новинарски надзор врз прашања од јасен јавен интерес.

Овој инцидент не е изолиран. Градоначалникот Кордиќ и претходно упатувал неосновани и тешки обвинувања кон членови на редакцијата на Hercegovina.info, вклучително и тврдења за изнудување од инвеститори. Истовремено, медиумот систематски е спречуван да добие пристап до информации од јавен интерес поврзани со функционирањето на Градот Мостар, што го отежнува нивното истражувачко новинарство и го ограничува правото на граѓаните на навремени и точни информации.

Мрежата SafeJournalists нагласува дека критичкото, на факти засновано новинарство е незаменлив столб на секое демократско општество. Јавните функционери имаат обврска да го почитуваат улогата на медиумите, да постапуваат транспарентно и да одговараат на новинарските прашања без прибегнување кон заплашување, јавно посрамување или институционални блокади. Однесувањето на градоначалникот Кордиќ претставува јасна злоупотреба на политичката моќ и директна закана за слободата на медиумите.

SafeJournalists дава силна поддршка на Марио Ќосиќ и целата редакција на Hercegovina.info. Ги повикуваме надлежните институции, вклучително и Министерството за внатрешни работи и Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон, без одлагање да реагираат, да ги заштитат правата на новинарите и да преземат соодветни мерки против сите форми на политичко мешање или заплашување.

Јавните функционери имаат должност да постапуваат согласно законите за транспарентност и да го овозможат пристапот до информации, наместо да придонесуваат за средина во која медиумите се јавно омаловажувани или им се попречува работата. Обезбедувањето безбедни услови за работа на новинарите не е само законска обврска, туку и суштински предуслов за заштита на правото на јавноста да знае.

Мрежата SafeJournalists ќе продолжи внимателно да го следи овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 4 декември 2025

Хрватско новинарско друштво
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари на БиХ 
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора