SafeJournalists: Јавните функционери да не таргетираат и дискриминираат новинари во Република Српска

SafeJournalists: Јавните функционери да не таргетираат и дискриминираат новинари во Република Српска
photo: canva

Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува вербалните закани од претседателот на Република Српска, Милорад Додик, упатени кон новинарката Милена Митровиќ од Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН) и новинарот од порталот Ослобођење, Горан Дакиќ, за време на прес-конференција во Бања Лука на 12 март.

На прес-конференцијата, новинарката од ЦИН, Милена Митровиќ, го праша Додик какви се неговите планови доколку Обвинителството на Босна и Херцеговина издаде налог за негово приведување, имајќи предвид дека тој не се одзва на поканата од оваа правосудна институција во Сараево за да даде изјава. Додик ваквото прашање го нарече „политички мотивирано“, а самата новинарка ја нарече „фан“ и „нестрплива“, обидувајќи се да ја прикаже како лице кое не ги познава законските процедури поврзани со распишување меѓународна потерница за лица кои не се одазвале на поканите на обвинителството или судот.

На истата прес-конференција, претседателот на РС не му дозволи на новинарот на Ослобођење, Горан Дакиќ, да му постави прашање, велејќи: „Доволно е што те видов, што правиш ти овде!“. На крајот, Додик ја повика обезбедувањето и му нареди на еден од обезбедувачите: „Овој повеќе не може да влезе тука“, со што практично му забрани на новинарот на Ослобођење да влегува во Палатата на Република Српска.

Здружението на новинарите на БиХ, членка на мрежата SafeJournalists, информираше дека во последните две недели, девет медиуми и осум новинари и уредници биле изложени на напади и закани од Милорад Додик и други политички лидери на РС.

Поради зголеменото насилство врз медиумите и новинарите во РС, претседателот на Здружението на новинарите, Марко Дивковиќ, изјави дека најновите напади и закани претставуваат „континуитет на долгогодишната пракса на неказнивост за кривични дела сторени врз припадници на оваа чесна и тешка професија“.

„Властите на сите нивоа, а особено во последно време власта во ентитетот Република Српска, практикуваат постапки и намери на различни начини кои мислевме дека се минато. Ова е и последица на млакото однесување на правосудните институции, чие неделување и недостаток на разбирање на суштината на проблемот ги охрабрува носителите на јавни функции сè почесто да покажуваат ароганција и самоволие, прекршувајќи ги законите и демократските норми, сигурни дека за тоа нема да бидат санкционирани,“ заклучи Дивковиќ.

Мрежата бара од претседателот на Република Српска, Милорад Додик, веднаш да престане со таргетирање и вербални напади врз новинари. Јавните функционери мора да одговараат на прашањата на новинарите кои известуваат за теми од јавен интерес. Новинарите не смеат да бидат дискриминирани и не смеат да бидат спречувани да присуствуваат на прес-конференции. Комуникацијата на јавните функционери на РС со медиумите и новинарите изминативе денови добива димензии на сериозни безбедносни закани кои можат да доведат до целосно оневозможување на работата на новинарите од независните медиуми во Бања Лука и другите делови од овој ентитет.

Мрежата SafeJournalists останува посветена на внимателно следење на состојбата во Република Српска и целата земја, изразувајќи силна поддршка и солидарност со новинарите од овој дел на Босна и Херцеговина во нивната борба за зачувување на медиумските слободи и безбедноста на новинарите.


Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 14 март 2025 година.

Здружение на новинарите на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Здружение на новинарите на БиХ

Хрватско новинарско друштво

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиумите на Црна Гора