Мрежата SafeJournalists најостро ја осудува физичката пресметка и заканите насочени кон новинарскиот тим на емисијата Проверено, продукција на Нова ТВ, за време на снимањето на прилог за долготрајното уништување на животната средина долж реката Уна во Хрватска.
Во сабота, на 10 мај 2025 година, новинарката Данка Дерифај и снимателот Мирослав Бокан беа нападнати додека известуваа од областа Штрбачки бук. Брачна двојка која со години нелегално ја узурпира и уништува јавната земја, одби да разговара со новинарите, по што почнаа со вербални навреди и заплашувања. Ситуацијата ескалираше кога тие физички го нападнаа тимот — најпрвин снимателот, а потоа и новинарката, која доби удар во лицето додека се обидуваше да ја смири ситуацијата.
Според соопштението на Полициската управа на Лика-Сењска жупанија, приведени се 65-годишен маж и 54-годишна жена, двајцата хрватски државјани, кои се обвинети за принуда врз лице што извршува работи од јавен интерес или работи во јавна служба. Тие се предадени на надлежните органи.
Го поздравуваме брзото реагирање на хрватската полиција и ја нагласуваме важноста од спроведување на Протоколот за постапување на полицијата во случаи на кривични дела против новинари, потпишан од Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска, Хрватското новинарско друштво и Синдикатот на хрватските новинари.
Сепак, овој вознемирувачки инцидент уште еднаш ја нагласува постојаната опасност со која се соочуваат новинарите во регионот — особено кога известуваат за прашања од јавен интерес, вклучително и корупција, незаконски активности и злоупотреба на јавна сопственост.
Мрежата SafeJournalists ги повикува хрватските власти да обезбедат брза и транспарентна истрага и да ги гонат сторителите согласно целосната сила на законот. Силен институционален одговор е клучен за запирање на растечкиот тренд на неказнивост и заплашување на новинарите.
Новинарите не смеат да бидат мета затоа што си ја вршат својата работа — работа што им служи на јавноста и ја штити демократијата.
Секој напад врз новинар е напад врз слободата на изразување, правото на јавноста да знае и темелите на демократското општество.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 13 мај 2025
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора