SafeJournalists, EFJ и IFJ: Заканите со смрт кон новинарите на Танјуг во Србија мора да бидат истражени

SafeJournalists, EFJ и IFJ: Заканите со смрт кон новинарите на Танјуг во Србија мора да бидат истражени

Меѓународната и Европската федерација на новинари (IFJ-EFJ), заедно со Мрежата SafeJournalists, изразуваат целосна солидарност со новинарите на Танјуг кои добија закани со смрт по електронска пошта поради известувањето за Косово и Албанија и ги повикуваат надлежните органи веднаш да спроведат истрага и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.

На 30 септември, медиумските работници на новинската агенција Танјуг беа загрозени со смрт преку е-пошта испратена во редакцијата. Авторот на заканата, кој се потпишал како „Трим Барди“, изјавил дека секој новинар на Танјуг кој ќе влезе во регионот Косово-Метохија ќе биде „заcтрелан во задниот дел од главата“ поради нивното известување за Косово и Албанија.

„Само да знаете дека ги следиме лагите што ги ширите секој ден за државата Косово и Албанците, исто како што ги следиме движењата на секој новинар на вашата псевдо-медиумска агенција во Косово. Бидете сигурни дека еден од нив ќе добие куршум во задниот дел од главата следниот пат кога ќе стапне на почвата на Република Косово“, стои во е-поштата.

Според Министерството за информации, Дејан Ристиќ, кој веднаш стапил во контакт со Одделот за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград, заканата била идентификувана како испратена од Албанија.

„Благодарни сме на Министерството за информации, заедно со Одделот за високотехнолошки криминал при Вишото обвинителство во Белград, што го идентификуваа изворот на заканата. Министерството покажа како може да реагира во најкраток можен рок и очекуваме така да постапува и во иднина, особено кога заканите доаѓаат од територија на која има надлежност. Тие што ги испраќаат овие закани со смрт мора да бидат казнети. Новинарите мора да се чувствуваат заштитени и нивното право на слободно движење и работа без страв од напад мора да биде загарантирано“, соопшти Мрежата SafeJournalists.

„Најостро ги осудуваме ужасните закани со смрт што ги добија новинарите на новинската агенција Танјуг. Новинарите мора да можат да ја извршуваат својата работа, вклучително и на територијата на Косово, без страв дека ќе бидат ‘застрелани во главата’. Заканите со смрт кон медиумските професионалци се напад врз медиумската слобода и правото на јавноста да знае. Клучно е да се обезбеди брза и темелна истрага за заканите со смрт, за сторителите да бидат одвратени од повторување на вакво криминално однесување во иднина“, соопштија IFJ-EFJ.

Заканите со смрт претставуваат сериозен напад врз медиумската слобода и дополнително ја загрозуваат безбедноста на новинарите кои секојдневно работат во сè потешки услови. Според последниот мониторинг на Media Freedom Rapid Response (MFRR), од јануари досега се регистрирани дванаесет инциденти на закани со смрт кон новинари, од кои десет онлајн. Затоа е клучно релевантните институции да покажат решителност за заштита на медиумската слобода, почнувајќи од гонење на сторителите на онлајн закани кои го загрозуваат животот на новинарите, пред тие да ескалираат надвор од екранот.

Потпишано од:

Меѓународна федерација на новинари (IFJ)
Европска федерација на новинари (EFJ)
Мрежа SafeJournalists
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора