SafeJournalists: Пресудата против новинарката Мелита Врсаљко од Хрватска испраќа опасна порака до сите новинари и жени жртви на насилство

SafeJournalists: Пресудата против новинарката Мелита Врсаљко од Хрватска испраќа опасна порака до сите новинари и жени жртви на насилство
photo: canva

Мрежата SafeJournalists изразува длабока загриженост поради одлуката на Општинскиот суд во Задар, кој ја прогласи новинарката Мелита Врсаљко, соработничка на Faktograf и Klimatski portal, за виновна за нарушување на јавниот ред и мир, откако се одбранила од физички напад додека ги извршувала своите професионални обврски.

Нападот се случил во јули 2024 година во селото Надин, близу Задар, додека Врсаљко известувала за нелегално фрлање отпад. За време на нејзината работа, таа била спречувана да снима од страна на маж кој вербално ја нападнал, а потоа и физички ја нападнал. Нападот бил потврден од очевидци и видео-снимки, а и самиот напаѓач признал дека сакал да ја спречи да известува. И покрај тоа, судот пресудил дека и новинарката и нејзиниот напаѓач сносат еднаква одговорност за „нарушување на јавниот ред и мир“.

Следниот ден, Врсаљко повторно била нападната – овој пат во својот дом, од ќерката на истиот маж. Мрежата SafeJournalists реагираше на инцидентот во тоа време. Иако случајот бил пријавен до надлежните органи, Општинското државно обвинителство во Задар сè уште нема донесено одлука по кривичната пријава поднесена пред повеќе од една година.

Оваа пресуда, со која практично се изедначува жртвата на физички напад со нејзиниот напаѓач, претставува опасен преседан за безбедноста на новинарите во Хрватска, особено на оние кои работат во локалните заедници и известуваат за прашања од јавен интерес како што се заштитата на животната средина и злоупотребата на јавниот простор. Таа испраќа загрижувачка порака дека новинарите кои ќе бидат нападнати не треба да се бранат, бидејќи ризикуваат да бидат гонети заедно со своите напаѓачи. Истовремено, ова ги обесхрабрува и жените жртви на насилство да пријавуваат напади, сугерирајќи дека тоа може да доведе до нивно казнување.

Адвокатката на новинарката, Вања Јуриќ, најави жалба на пресудата, нагласувајќи дека одлуката нема фактичка ниту правна основа и дека ги поткопува темелните принципи на заштита на новинарите и жртвите на насилство.

Мрежата SafeJournalists предупредува дека овој случај претставува сериозен удар за слободата на медиумите, правото на јавноста да биде информирана и безбедноста на новинарите на терен. Ги повикуваме хрватските судски институции да ја преиспитаат оваа одлука согласно законот и да обезбедат новинарите да бидат заштитени кога дејствуваат во јавен интерес – а не казнети кога се бранат од напад.

Физичките напади, заканите и обидите за заплашување на новинари се неприфатливи и мора да бидат санкционирани, а државата има должност да обезбеди правниот систем да ги штити новинарите, а не нивните напаѓачи.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни актери за овој случај.

Секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 8 ноември 2025


Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Здружение на новинарите на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора