По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Мрежата SafeJournalists предупредува дека новинарките во земјите од Западен Балкан и понатаму се соочуваат со континуирани закани, притисоци и родово засновано вознемирување, особено во дигиталната сфера, додека институциите често не реагираат доволно брзо и ефикасно.
Во периодот од 2021 до крајот на 2024 година, Мрежата SafeJournalists евидентирала вкупно 196 инциденти насочени исклучиво кон новинарки, додека само во текот на 2025 година веќе се документирани 121 случај. Овие податоци укажуваат на алармантен растечки тренд и ја нагласуваат итната потреба од посилни механизми за заштита, особено во случаи на онлајн вознемирување, закани и координирани кампањи за таргетирање.
Новинарките и условите за работа: закани, притисоци и бавни институционални реакции
Дигиталното насилство стана најраспространета форма на напад, кое се движи од координирани кампањи за дискредитација и родово мотивиран говор на омраза до сексуализирани закани, вклучително и закани со силување и смрт, кои честопати се упатуваат и кон членови на нивните семејства. И покрај постоењето на дигитални траги, институционалните реакции често се бавни или целосно изостануваат, што ги обесхрабрува жртвите да пријавуваат и придонесува за нормализација на онлајн насилството.
Жените претставуваат мнозинство од новинарската работна сила во земјите опфатени со Мрежата SafeJournalists, но истовремено се соочуваат со родов јаз во платите, побавно напредување во кариерата и потценување во рамки на уредувачките хиерархии. Дополнително, присутни се високи нивоа на неформални работни ангажмани и недоволна социјална заштита. Таквата средина ја зголемува ранливоста, поттикнува автоцензура и го стеснува просторот за професионален интегритет.
Жените во медиумите: стереотипи и недоволна видливост
Покрај безбедносните и трудовите предизвици, и понатаму постои сериозен проблем во начинот на кој жените се претставени во медиумите. Глобалниот проект за мониторинг на медиумите (GMMP), кој веќе три децении ги следи истите индикатори за родова застапеност во вестите, покажува дека дигитализацијата не довела до значително надминување на стереотипите. Жените и натаму се недоволно застапени во таканаречените „тврди вести“, а премногу често се прикажуваат преку призма на виктимизација или традиционални улоги. Истовремено, родово базираното насилство сè уште не се покрива доволно во однос на реалниот обем на проблемот.
Декларација за безбедноста на новинарките: регионален одговор
Препознавајќи ја сериозноста на проблемот, Мрежата SafeJournalists во септември 2025 година, на регионална конференција во Белград, го иницираше потпишувањето на Декларацијата за унапредување на безбедноста на новинарките во Западен Балкан. Досега Декларацијата е потпишана од речиси 400 засегнати страни од регионот, што покажува широка подготвеност меѓу медиумската заедница и релевантните партнери ова прашање да се адресира на системски начин.
Мрежата SafeJournalists ги повикува институциите, медиумите и професионалните здруженија да обезбедат ефикасно постапување во случаи на родово базирано и дигитално насилство, редакциите да воспостават јасни внатрешни механизми за заштита и поддршка, а медиумите да практикуваат доследно родово одговорно известување ослободено од стереотипи.
Безбедноста на новинарките и еднаквата видливост на жените во вестите не претставуваат „специјализирана агенда“, туку темел на професионалното новинарство и слободата на медиумите.