Долу потпишаните албански и меѓународни организации за слобода на медиумите и новинарски организации заеднички ја повикуваат Владата на Албанија да ја поддржи реформата на јавниот радиодифузен сервис Радио Телевизиони Шќиптар (РТШ) преку законски, демократски и институционални средства, во согласност со демократските норми и стандардите на Европската Унија.
Нашите организации ги нотираат неодамнешните јавни изјави на премиерот Еди Рама во врска со работењето и финансирањето на РТШ, во кои беа посочени можни опции како суспензија на финансирањето, приватизација или евентуално затворање. Овие критички коментари повторно ја отворија јавната дебата за иднината на јавниот радиодифузер во земјата кандидат за членство во ЕУ.
Постои широка согласност, и на домашно и на меѓународно ниво, дека РТШ се соочува со сериозни, системски и долготрајни проблеми, вклучително и слабости во независното управување и надзор, финансиска нестабилност, опаѓање на јавната доверба и професионални недостатоци во исполнувањето на јавниот сервисен мандат.
Овие заклучоци одамна се споделени и од нашите организации. Заеднички се согласуваме дека ваквите предизвици бараат кредибилна реформа и јасна отчетност, особено имајќи го предвид назначувањето во 2025 година на нов Управен совет и нов генерален директор, чиј мандат токму е насочен кон решавање на овие прашања.
Во исто време, европските стандарди прават јасна разлика помеѓу потребата од реформа и средствата преку кои таа се спроведува. Согласноста околу целите на реформата не подразбира согласност околу сите инструменти што се користат за нивно постигнување.
РТШ е јавна медиумска институција основана со закон и функционира врз основа на континуиран јавен мандат. Таа се финансира преку комбинација од законски јавни извори, вклучително и задолжителна радиодифузна такса за јавен сервис што ја плаќаат домаќинствата преку сметките за електрична енергија, како и други јавни и комерцијални приходи. Овој модел на финансирање е дизајниран да обезбеди континуитет и да го заштити јавниот сервис од политичко влијание.
Поради тоа, европските стандарди јасно утврдуваат дека финансирањето на јавните медиуми мора да биде стабилно, предвидливо и заштитено од политичка дискреција. Финансиските механизми постојат за да овозможат реформа и да ја заштитат уредувачката независност – а не да се користат како средство за притисок преку условување врз основа на перформанси или политички критериуми. Користењето на повлекување на средства, суспензија на емитување или институционално затворање како алатки за реформа е неспојливо со принципите на ЕУ кои ја уредуваат работата на јавните медиуми.
Оттука, реформата на РТШ мора да се спроведува преку законски и институционални средства. Ова мора да вклучува ефективен надзор од страна на Управниот совет и другите надлежни тела; транспарентни показатели за успешност, јавно известување и отчетност на раководството; независен надзор и спроведување на стандардите за управување; законски или регулаторни унапредувања таму каде што ќе се утврдат празнини; како и силни гаранции за уредувачка независност и професионална автономија на новинарите.
Јавните медиуми работат врз основа на мандат различен од оној на комерцијалните радиодифузери. Нивната улога не е да се натпреваруваат на пазарни основи, туку да обезбедат универзален пристап до непристрасни информации, културни и образовни содржини и демократска дебата. Пазарните резултати или гледаноста сами по себе не можат да ги заменат механизмите за јавна отчетност на јавниот сервис.
Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA) и стандардите на Советот на Европа бараат државите да ги заштитат јавните медиуми од директно и индиректно политичко мешање, вклучително и преку финансиски притисоци, и да обезбедат реформите да ги зајакнуваат – а не да ги дестабилизираат – условите за независност, отчетност и јавна доверба.
Во контекст на пристапниот процес на Албанија во ЕУ, особено во рамките на Кластер 1 – Основи, стабилен, отчетен и независен јавен радиодифузер претставува суштинско демократско барање. Нашите организации, кои со години ја поддржуваат и повикуваат на демократска реформа на РТШ како дел од поширокото залагање за слободни и независни медиуми во Албанија, затоа ги повикуваат сите национални власти да обезбедат:
-
реформата на РТШ да се спроведува преку законски утврдени механизми за управување, надзор и отчетност;
-
финансирањето на јавните медиуми да остане заштитено и изолирано од политичко условување;
-
реформските напори да ја зајакнат институционалната независност, уредувачката слобода и јавната доверба;
-
јавната дебата за РТШ да поддржува конструктивна, стандарди-базирана реформа, наместо институционална неизвесност.
Стоиме подготвени да поддржиме и да се вклучиме во сериозен, инклузивен и реформа базирана на стандарди, процес што ќе го зајакне РТШ како вистински независна, отчетна и идно ориентирана јавна медиумска институција, во согласност со европските принципи и правото на јавноста на независни и плуралистички информации. Меѓународните организации остануваат отворени за посета на Албанија во текот на наредната година со цел учество во тековните дебати.
Потпишани:
Партнери на Media Freedom Rapid Response (MFRR)
Меѓународен институт за печат (IPI)
Европска федерација на новинари (ЕФН)
Европски центар за слобода на печатот и медиумите (ECPMF)
Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa (OBCT)
Репортери без граници (RSF)
Public Media Alliance (PMA)
Мрежа SafeJournalists
Здружение на новинари на БиХ
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора
Граѓански организации во Албанија:
Здружение на професионални новинари на Албанија (APJA)
Центар за наука и иновации за развој (SCiDEV)
Албански медиумски совет (KSHM)
Синдикат на новинари и медиумски работници (SGPM)
AWA – Албанки во аудиовизуелните медиуми
Здружение на новинари на Албанија (AGSH)
Балканска истражувачка новинарска мрежа – Албанија (BIRN Albania)
Центар „Амфора“
Албански центар за квалитетно новинарство (ACQJ)
Faktoje – потпис по објавување на 9 февруари