ЗНМ и Собранието на РСМ на заедничка координација со пратеници за медиумските реформи

0
30

На иницијатива на претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), беше организирана работна средба со Претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери и на пратенички групи како и независни пратеници на теми поврзани со медиумските политики, медиумските реформи со акцент на регулативата. Медиумските реформи и неколку закони важни за работата на новинарите се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Од друга страна се очекува транспарентен и правичен избор на членовите на телата во медиумскиот регулатор како и во МРТ и тоа врз основа на нивната стручност.

На овој настан во своето поздравно обраќање Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски ја поздрави заинтересираноста и мотивираноста на присутните пратеници, координатори на пратенички групи, независните пратеници кои со својата присутност на овој настан изразуваат желба активно да партиципираат во дискусија за медиумските политики, и медиумските реформи во нашата земја. Чадиковски укажа дека Собранието потребно е да биде максимално транспарентно кон новинарите и медиумските работници и праксата Претседателот Џафери да има редовни брифинзи е добра и истата треба да биде и следена од страна на координаторите на пратеничките групи како и на сите пратеници. „Ова е прва средба од ваква природа која ја организира ЗНМ и преку ваквите настани се очекува да се подобри комуникацијата помеѓу пратениците и собранието но и да се крене свеста за потребата од квалитетни закони со кои се регулира работата на медиумите“, истакна Чадиковски.

Во своето обраќање Претседателот Талат Џафери се заблагодари за поканата и ја пофали ваквата иницијатива на ЗНМ на која се дава можност заеднички да се продискутира за важните прашања што ги засегаат новинарите, сите чинители во целиот медиумски простор како и пратениците во Собранието на Република Северна Македонија. „Собранието и јас сме секогаш отворени и достапни за вас, за граѓаните, за невладините организации и се разбира за меѓународните организации. Јас лично сум секогаш достапен за вас и вашите телефонски јавувања, без протоколи, без најави. Мораме да се фокусираме на евроинтеграциските процеси, јас би дополнил и со силни реформи во целиот медиумски простор, како седма сила која има исклучително голема моќ во градењето, насочувањето, аргументирањето или наводното ,,аргументирање и потоа донесувањето одлуки кај пошироката јавност и неговото мислење. – истакна Џафери.

Средбата беше проследена со конструктивна дебата во насока на дополнително подобрување на транспарентноста на Собранието посебно во услови на криза, како што е тековната пандемија каде поради здравствените мерки пристапот на новинарите кон работата на собранието беше ограничено.

Потребна е постојана двонасочна комуникација, отвореност и достапност од сите учесници од Собранието и од страна на медиумите, со цел граѓаните секогаш да ја добијат точната и навремена информација беше еден од заклучоците од заедничката дискусија. Ова беше прва средба во ваков формат а од септември ЗНМ ќе иницира и организирање на регионална конференција со пратеници од Западен Балкан на која ќе се споделуваат компаративни искуства околу комуникацијата на националните собранија и новинарите и медиумите.

Настанот беше организиран во Скопје на 09-ти јули во рамките на регионалниот проект „Унапредување на дијалогот помеѓу новинарските здруженија и парламентите од Западен Балкан за посилен граѓански сектор” (Improving the dialogue between journalists’ associations and parliaments in Western Balkans for stronger civil society sector), финансиран од страна на СИДА преку проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“ во реализација на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (BCSDN).