SafeJournalists: Повикуваме на итно решавање на случајот со онлајн заканите кон Лепа Џундева и другите новинари во Северна Македонија

    0
    154
    photo: canva

    Мрежата SafeJournalists е вознемирена од онлајн малтретирањето, навредите и заканите упатени кон новинарката Лепа Џундева од ТВ 24.

    Оваа непријатна состојба следеше по интервјуто на Лепа Џундева со грчкиот пратеник Ангелос Сиригос, кое беше погрешно претставено и споделено од ТВ водителот Богдан Илиевски, поттикнувајќи говор на омраза и закани на социјалната мрежа Фејсбук. Во еден коментар на првичната објава на Илевски дури се вели: „Да тибам козата, северџанка; за таквите како тебе, сечење јазик и се друго по ред“. Некои онлајн медиуми, меѓу кои и Off.net.mk, продолжија со поттикнување на напади, што резултираше со дополнителни лични навреди и закани кон новинарката Џундева. Исто така закани и навреди на социјалната мрежа Фејсбук беа упатени и кон други новинари.

    Северна Македонија е високо рангирана од Репортери без граници за слободата на печатот, но таквите неказнети закани за новинарите мора да се решат за да се одржи овој добар имиџ во регионот. Неказнувањето за вакви експлицитни случаи е неприфатливо.

    Мрежата SafeJournalists бара Министерството за внатрешни работи да преземе итни и решителни мерки против одговорните за заканите. Континуираните закани кон новинарите претставуваат сериозна закана за нивната безбедност и слободата на печатот. Граѓаните мора да бидат свесни дека ваквите кривични дела носат тешки последици, вклучително и затворска казна. Потсетуваме дека неодамнешните измени на Кривичниот закон во Северна Македонија ги класифицираат новинарите како службени лица, со што им се дава поголема заштита и следствено, сторителите би се соочиле со построги казни за повреда на нивната безбедност.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 07.06.2024

     

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружението на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора