SafeJournalists: Новинарка во Косово спречена да ја извршува својата професионална работа

    0
    155
    photo: canva

    Еден од членовите од обезбедувањето на премиерот Албин Курти вчера ја опструирал новинарката Блерта Далоши – Бериша и ја турнал додека ја извршувала својата работа.

    На видеото објавено на Фејсбук профилот на Блерта Далоши – Бериша, се гледа како еден од членовите од обезбедувањето на премиерот ја фаќа и ја турка за раката во која го држи микрофонот додека таа се обидува да му постави прашање на премиерот Албин Курти.

    „Ова е втор пат да бидам нападната и спречена додека ги извршувам моите професионални обврски“, напиша Блерта Далоши – Бериша на својот Фејсбук профил, „но, денешниот настан надминува сè друго“. Таа тврди дека освен што и го грабнале микрофонот и ја туркале, тие и ја исклучиле и камерата. „Сè уште ме боли десната рака“, рече Далоши Бериша.

    Здружението на новинари на Косово (ЗНК) смета дека е неприфатливо ваквото однесување на блиската одбрана на премиерот Албин Курти кон новинарката на ТВ Клан, Блерта Далоши Бериша. Џемајл Реџа, претседател на ЗНК тврди дека Здружението е згрозено од начинот на кој блиската заштита, припадник на косовската полиција нападнал новинар. „Бараме брза истрага од страна на полицијата и јасна осуда на ваквото однесување на премиерот. На новинарите треба да им се дозволи да ги поставуваат сите потребни прашања кои се од јавен интерес“, рече Реџа.

    Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка ЗНК во острото осудување на овој сериозен напад врз новинарката Блерта Далоши – Бериша Мрежата ги повикува надлежните институции во Косово, вклучително и кабинетот на премиерот, итно да го решат овој случај и да го осудат ваквото однесување. кон новинарите.

    Мрежата SafeJournalists внимателно ќе ги следи случувањата во врска со овој случај и ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 29.12.2023

     

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора