Safejournalists – Index – Skopje- NM

Индекс на безбедноста на новинарите на Западен Балкан

Наративен извештај Република Северна Македонија 2020.

 

Правно и организациско опкружување


Indicator 1.1 – Законските одредби поврзани со клеветата и нивната примена не создаваат застрашувачки ефекти врз новинарите и медиумите

Оценка (4.58) – Одредбите за надомест на штета при утврдена вина на новинар беа високи, но властите ги прифатија измените за нивно намалување. Новинарите не го оценуваат Законот како рестриктивен, бројот на предмети против новинари и медиуми е многу намален. Судовите не утврдиле вина на новинар и не пресудиле надоместок за штета за нарушен углед.           

Делата клевета и навреда беа декриминализирани во 2012 година со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда (ЗГОНК). Бројот на тужби за клевета и навреда кон новинари и медиуми беше драстично намален по декриминализацијата на клеветата и навредата, односно тие сѐ помалку се користат како инструмент за притисок врз новинарите и медиумите. Сѐ уште постојат одредби во Кривичниот законик за повреда на угледот на државата, на странска држава или дипломатски претставник, потоа на македонскиот народ или на заедниците. Меѓутоа, постои и одредба со која новинарот се исклучува од одговорност кога мислењето е дадено „во вршење новинарска професија… во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење.“ Во 2020 година, Министерството за правда формираше работна група за измена и дополнување на ЗГОНК, во која активно учествуваa и претставници на ЗНМ. Причината за бараните измени беа високите надоместоци што треба да ги покрие новинар како надомест за нанесена штета на угледот. Другите одредби на законот не се рестриктивни за новинарите и медиумите, товарот на докажување е на тужителот доколку е јавен функционер и кога евентуалната клевета се однесува на неговата функција и работа. Во декември беа изработени нови одредби со кои се предвиде намалување на висината на износот за надомест за нематеријалната штета при утврдена вина на новинар и дополнување на деловите за исклучување од одговорност за клевета и навреда.

Според добиените податоци од Основниот граѓански суд Скопје, вкупниот број активни предмети за навреда и клевета против новинар или медиум, во 2020 година изнесувал 35. Од нив, само во 4 предмети како тужител се појавува носител на јавна функција или политичар:  (1) Ристо Ставревски, началник на СВР Скопје, против новинарот Љубиша Арсиќ и НОВА ТВ; (2) Горјан Тозија (поранешен директор на Агенцијата за филм) против порталот МКД.мк и Александар Дамовски како уредник; (3) Петар Колев, претседател на политичката партија ГДУ, против Иван Бојаџиски од IstokPress.mk и (4) Александар Наумовски, градоначалник на Ѓорче Петров, против Срѓан Стојанчов, новинар. Два од овие предмети се завршени со правосилна пресуда во полза на новинарот, а два се сѐ уште во тек.

Новинарите и медиумските работници во 2020 година генерално не го оцениле ЗГОНК како рестриктивен за слободата на новинарската работа. Праксата во последната година се оценува како подобрена и судовите ретко досудуваа парични надоместоци за штета.

Indicator 1.2 – Доверливоста на изворите на новинарите е загарантирана во законодавството и почитувана од властите

Оценка (4.80) – Законите обезбедуваат добра заштита на новинарските извори. Новинарите се чувствуваат слободни во контактирањето со изворите на информации. Сепак, мал број укажувачи пријавуваат случаи кај надлежните институции или кај новинари, што значи дека сѐ уште преовладува атмосфера на страв кај изворите, што во крајна линија е неповолно и за самото новинарство.


Правото на заштита на новинарскиот извор во РСМ е уставна категорија, и тоа се гарантира со Кривичниот законик, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со новиот Закон за заштита на укажувачите се уредени прашањата на заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите. Со измените на овој закон од 2018 година се изврши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област и со него се обезбедува поголема заштита на укажувачите. Во 2020 година не е регистриран случај на санкционирање новинари што одбиле да го соопштат идентитетот на изворот на информации. Дополнително, немало случаи на пријави во ЗНМ во врска со евентуални прекршувања на законските права на укажувачите во текот на 2020 година. Генерално, при работењето на истражувачки текстови, новинарите се чувствуваат слободни во контактирањето со изворите на информации. Сепак, иако новинарските извори се охрабрени и институционално се подобро заштитени, мошне мал број укажувачи самите пријавуваат случаи кај надлежните институции или кај новинарите, што значи дека сѐ уште преовладува атмосфера на страв кај новинарските извори, што во крајна линија е неповолно и за самото новинарство.

Indicator 1.3 – Другите закони се спроведуваат објективно и им овозможуваат на новинарите и на другите медиумски актери да работат слободно и безбедно

Оценка (4.57) – Нема примери на арбитрарна или дискриминаторна примена на други закони со цел да се ограничи слободата на новинарската работа. Сепак, во земјава не постои законска заштита од т.н. незасновани тужби против новинарите и медиумите со цел финансиски да се исцрпат (SLAPP тужби), иако таква пракса сѐ уште не е регистрирана.

Не се забележани примери на дискриминаторна или арбитрарна примена на други закони со цел да се ограничи слободата на новинарската работа во 2020 година. Не беа регистрирани ниту обиди да се замолчат новинари, врз основа на арбитрарна примена на законските одредби поврзани со ширење дезинформации, страв или паника, иако за време на пандемијата имаше примери на ширење дезинформации. Меѓутоа, во земјава не постојат законски заштитни механизми што ги штитат новинари од т.н. СЛАП тужби. Сепак, такви правно незасновани тужби што се покренуваат против новинари или медиуми со цел финансиски да ги исцрпат во текот на 2020 година не беа регистрирани. Правна помош и покривање на адвокатските трошоци за тужените новинари и медиуми нудат новинарските здруженија и синдикатите. Со оглед на тоа дека во поголемиот дел од 2020 година имаше рестриктивни мерки за одржување јавни или масовни граѓански собири поради пандемијата, немаше регистрирани случаи на ограничување на правото на новинарите да  известуваат од протести или од други масовни собири.

Indicator 1.4 – Новинарите се слободни да ја извршуваат својата професија и да основаат, да се здружуваат и да учествуваат во своите здруженија

Оценка (4.32) – Новинарската професија не подлежи на лиценцирање, но Законот за медиуми сепак содржи рестриктивна дефиниција на поимот новинар. За време на пандемијата имаше случаи кога некои новинари беа спречени да поставуваат прашања. Нема пречки новинарите во земјава да се здружуваат и да се вклучат во професионални организации. Повеќето новинари се организирани во професионални здруженија. Има некаков вид на притисок врз членовите на синдикатот од сопствениците на медиумите или менаџерите на приватните медиуми да избегнуваат да пресметуваат членарина во синдикатот од платите на новинарите, со што тие ќе го изгубат синдикалниот статус.


Новинарската професија не подлежи на лиценцирањe, но проблем е што Законот за медиуми сѐ уште содржи дефиниција за поимот новинар, со што се ограничува кој може да ја врши новинарската професија.  Во 2020 година, за време на прес-конференциите на министерот за здравство поврзани со пандемијата, на дел од новинарите и медиумите им беше ограничено присуството, односно имаше случаи кога некои новинари беа спречени да поставуваат прашања и да даваат коментари на дадените одговори. Во периодот кога прес-конференциите беа организирани онлајн, одредени информативни портали (кои не се дел од регистарот на професионални онлајн-медиуми – Промедиа.мк) немаа право да поставуваат прашања во живо преку ЗУМ платформата, туку само на писмено, односно по електронска пошта.

Не се забележани пречки, новинарите во земјава да се здружуваат и да се зачленуваат во професионални организации. Поголемиот дел од новинарите се организирани во професионални здруженија. Најголемо и најстаро здружение е Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), основано во 1946 година, член на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и на Европската федерација на новинари (EFJ). Постои и Совет за етика во медиумите, како саморегулаторно тело, во кој врз доброволна основа членуваат голем број радиодифузни, печатени и онлајн-медиуми. Во однос на заштитата на работничките права, новинарите и медиумските работници се организирани во рамки на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, кој е самостоен и не е дел од ниту една синдикална организација на национално ниво. Според претставниците на ССНМ, најчестата форма на притисок врз новинарите членови на синдикатот е кога сопствениците или менаџерите на медиумите избегнуваат синдикалната членарина да ја пресметуваат од платата на новинарите, со што се случува тие да го изгубат статусот на членови на синдикатите. Во минатото имало обиди да се оформуваат паралелни организации и здруженија што биле под политичко влијание, но не уживале кредибилитет и препознаеност од страна на еснафот.

Indicator 1.5 – Работната позиција на новинарите е стабилна и заштитена на работното место

Оценка (3.34) – Работната позиција на голем број новинари во приватните медиуми беше нестабилна, а особено се влоши поради пандемијата. Ниските примања и непочитувањето на правата од работен однос се најголемите проблеми. Новинарите се плашат да поведуваат спорови за мобинг или непочитување на работните права и да основаат синдикални организации во медиумите.

Не постојат прецизни податоци за тоа колку новинари имаат потпишани договори за работа, но општа оценка е дека многу новинари во приватните медиуми имаат, главно, договори на определено време или хонорарни договори. И онака тешката социо-економска положба на новинарите беше дополнително влошена поради пандемијата, бидејќи повеќе медиуми ги намалија платите на новинарите и медиумските работници, а голем број новинари се жалеа и на тоа дека сѐ уште не им се плаќа надоместокот за  пензиско и социјално осигурување. Ниските примања и непочитувањето на правата од работен однос се најчестите проблеми со кои се соочува новинарската фела. Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат плата од 15.000 до 20.000 денари, според анкетата  на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ). Новинарите и натаму работат прекувремени работни часови што не им се плаќаат, а работат без компензација и за време на празници и викенди.

Општата оценка е дека положбата на новинарките во редакциите не се разликува многу од положбата на новинарите. Нема податоци за тоа колку новинари и новинарки имаат потпишано работни договори, но се смета дека работодавачите, генерално, кога станува збор за новинарките вработени на неодредено време, ги почитуваат основните права што на жените им се пропишани со законот, какви што се исплатата на плати, породилното отсуство и платениот одмор.

Положбата на фриленс новинарите во земјава беше тешка и финансиски неизвесна, особено во текот на пандемијата. Во однос на заштитата на работничките права, новинарите и медиумските работници се организирани во рамки на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ, кој е самостоен и не е дел од ниту една синдикална организација на национално ниво. Постои и посебен синдикат на јавниот радиодифузен сервис, кој не е дел од ССНМ. Мал број приватни медиуми имаат синдикални организации, односно кај новинарите сѐ уште постои страв или незаинтересираност за синдикално организирање во медиумот во кој работат. Потребно е да се работи на потпишување  колективни договори со приватните медиуми. Новинарите и понатаму не ги тужат уредниците и медиумските сопственици кога се прекршуваат нивните права. На пример, во минатата година немаше ниту еден отворен судски случај каде што новинар тужи раководно лице за мобинг, а, исто така, нема ниту правосилна пресуда за ова дело. Во државава, новинарите во редакциите не добиваат бесплатна правна помош во ситуации кога се тужени за клевета, навреда и др. Во таквите ситуации, ЗНМ им нуди бесплатна правна помош на новинарите и обезбедува правна заштита во постапките пред судовите во земјава.

Превенција


Indicator 2.1 – Новинарите и медиумските актери имаат пристап до непосредни и ефективни заштитни мерки кога се изложени на закани

Оценка (3.34) – Воспоставената телефонска линија за брза и ефикасна помош на новинарите во случаи на напади не функционираше. Новинарите што беа предмет на напади немаа каде да се обратат на институциите за непосредна помош и поддршка, освен на Секторот за сајбер-криминал при МВР. Од регистрираните онлајн-напади врз новинари, само два беа процесуирани.


Во 2018 година, МВР првпат воспостави телефонска линија за поддршка на новинарите и медиумските работници,  во соработка со Мисијата на ОБСЕ и Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници (ССНМ). Овој механизам имаше за цел да им дава поддршка и совети на новинарите и медиумските работници во случаи на уцени, закани, вербални или физички напади, онлајн-напади, родово базирано насилство, уништување личен и професионален имот и напади на редакции и домови на новинари. Меѓутоа, оваа бесплатна телефонска линија во 2020 година не функционираше, а пријавите за онлајн-напади врз новинари се поднесуваа на имејл-адресата до Секторот за сајбер-криминал при МВР.

Според регистарот на ЗНМ, од вкупно регистрирани 14 закани во 2020 година, осум биле упатени онлајн или преку социјалните мрежи). Сите осум онлајн-напади се пријавени до МВР, од кои за два МВР има поведено постапка до Јавното обвинителство по што следуваше судска постапка и правосилна пресуда за заканите и навредите кон две новинарки: врз уредничката на ТВ Алфа, Искра Коровешовска и врз новинарката и заменик-уредничка на порталот А1он, Мери Јордановска, од страна на Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар на Македонија и член на ВМРО-ДПМНЕ. Во март 2020 година, Основниот кривичен суд во Скопје му изрече затворска казна на заканувачот со вкупно времетраење од една година и 8 месеци.

Indicator 2.2 – Новинарите и другите медиумски актери (чии животи или физички интегритет се во реален и непосреден ризик) имаат пристап до специјални механизми за заштита/безбедност

Оценка (3.42) – Во законската регулатива постојат општи одредби според кои новинарите би можеле да бараат заштита во случај на сериозна закана по нивниот живот од лице што е познато, но не е доволно јасно колку таквата процедура е практично применлива. Постои постапка во законот, но постапката за проценка на ризикот не е јасно дефинирана.

Законот за кривична постапка на РСМ содржи одредби со кои во текот на истражната постапка се уредува постапувањето на правосудните органи со цел да се оневозможи „обвинето лице да го опструира водењето и непреченото одвивање на кривичната постапка и заштитата на жртвата“. Од формално-правен аспект, станува збор за мерките на претпазливост уредени во членот 146 од Законот за кривична постапка, поконкретно став 1, точка 6, кој гласи „… 6) забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица“, а се применува единствено кога има познат сторител на кривично дело, кога има конкретна кривична пријава и кога е почната постапка. Овие мерки на претпазливост се предлагаат од јавен обвинител, а ги определува судија на претходна постапка по оцена на сериозноста на ситуацијата, видот на кривичното дело, опасноста за жртвата итн. Тоа значи дека во законот е вграден  генерален механизам за заштита што новинарите би можеле да го користат во случај на сериозна закана по нивниот живот, но тоа би било практично остварливо само доколку лицето што се заканува е познато, а не и во ситуации на непознат сторител.

Во 2020 година имало само еден случај новинарка да побара и да добие неколкудневна полициска заштита пред нејзиниот дом поради закани по нејзиниот живот. Други случаи во кои новинари имаат побарано физичка заштита од страна на Министерството за внатрешни работи не се регистрирани од страна на ЗНМ.

Indicator 2.3 – Жените новинарки имаат пристап до законски мерки и механизми за поддршка кога се соочуваат со родово загрозени закани, малтретирање и насилство.

Оценка (3.64) – Во 2020 година, сѐ уште не беше воспоставен механизам за бесплатна правна помош за која било жртва на родово засновани напади и насилство, вклучувајќи ги и новинарките. Сите напади врз новинарки беа пријавувани во МВР. Новинарките во редакциите ретко ги пријавуваат случаите на родово заснована дискриминација кај надлежните институции. Истанбулската конвенција беше инкорпорирана во законодавството усвоено на почетокот на 2021 година. Практиката покажува дека имало многу вознемирувања кон жени новинарки врз родова основа.

Истанбулската конвенција е ратификувана во Северна Македонија, во 2018 година, а нејзините одредби се вградени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство изготвен во текот на 2020 година, а усвоен во јануари 2021 година. Законот забранува секаков вид родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство и гарантира основни механизми за ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово-базирано насилство врз жени, како и на жртвите на семејно насилство со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на РСМ. Исто така, овој закон содржи и обврска за институциите за воспоставување превентивни мерки за спречување и заштита од кој било вид родово-базирано насилства и за бесплатна правна помош за жртви на родово-базирано насилство. Со оглед дека Законот е донесен во јануари 2021 година, таков систем на поддршка во 2020 сѐ уште не беше воспоставен во земјава. Според праксата на ЗНМ, жените новинарки жртви на вознемирување, напади и закани врз родова основа, нападите досега најчесто ги пријавуваа во МВР. ЗНМ не располага со информации дали жените новинарки во 2020 година поднесувале претставки до Комисијата за евентуални повреди на права поврзани со родово-базирани насилства.

Indicator 2.4 – Воспоставена е практика на редовна јавна осуда на закани и напади врз новинари и медиуми

Оценка (3.78) – Воспоставена е пракса на јавна осуда на нападите врз новинарите, меѓутоа има примери политичари и носители на јавни функции да навредуваат и да упатуваат закани кон новинари и медиуми, со што влијаат врз создавање атмосфера на несигурност и страв кај новинарите.

Во изминатата година имаше повеќе примери избрани или именувани функционери јасно и недвосмислено да ги осудуваат нападите врз новинарите. Меѓутоа, имаше и исклучоци кога пратеници или градоначалници јавно девалвираа или омаловажуваа новинари на прес-конференции.  Најизразен негативен пример на напад и навредување новинар беше оној на претседателот на политичката партија ,,Левица“, Димитар Апасиев, кој на својата фејсбук-страница јавно ја етикетираше и омаловажуваше новинарката Димковиќ поради нејзините написи во врска со измените на Законот за финансирање на политичките партии. Освен обидот за јавна дискредитација на новинарката Димковиќ, нејзината уредничка Мери Јордановска и медиумот во кој тие работат, Апасиев јавно поттикнуваше и други лица да упатуваат навреди и закани кон новинарките  и медиумот во кој работат. ЗНМ за овој инцидент поднесе и пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, со барање да се преземат соодветни мерки од страна на МВР за поведување постапка.

Indicator 2.5 – Полициските власти се чувствителни на прашањето за заштита на новинарите

Оценка (4.50) – МВР спроведува редовни обуки на полициските службеници во рамки на кои тие се запознаваат и со основните стандарди за почитувањето на човекови права. МВР и ЗНМ имаат воспоставено редовна соработка. Во текот на 2020 година, односот на полициските службеници кон новинарите и медиумските работници бил на задоволително ниво. И понатму постои потреба за дополнителна обука на полициските службеници.

Oбуката на полициските службеници што се спроведува во рамки на МВР содржи и модули што се однесуваат на запознавање со основните човекови права утврдени со ратификуваните меѓународни договори и конвенции. Меѓународните стандарди за почитување на човековите права се вградени во Кодексот на полициската етика, Законот за полиција и други релевантни закони, кои се основа на обуката што ја спроведува МВР. Покрај тоа, ЗНМ и МВР заеднички спроведоа специфични обуки за запознавање на полициските службеници со улогата на новинарите во демократското општество. Во 2020 година, поради пандемијата и рестрикциите за собири, соработката меѓу ЗНМ и МВР во контекст на реализирање на обуки не се реализираше.

Во декември 2017 е потпишан Меморандум за соработка, а во декември 2019 година е воспоставен и Протокол за соработка меѓу ЗНМ и Министерството за внатрешни работи, чија главна цел е развивање, одржување и промовирање на добрите односи меѓу медиумските работници и полициските службеници. Во контекст на оваа соработка, ЗНМ објави неколку прирачници, кои, покрај за новинарите, наменети се и за полициските службеници: Прирачник за безбедност на новинарите за време на настани од висок ризик, Прирачник за етика во новинарството, Прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите.

Во текот на 2020 година, ЗНМ нема забележано посериозни проблеми во односот на полицијата кон новинарите и медиумите.


Процес

Индикатор 3.1 – Специјализираните истражни единици и/или службеници поседуваат соодветна експертиза за истражување на нападите и насилството врз новинари

Оценка (3.29) – Кај надлежните институции не постојат посебни оддели, ниту посебно определени лица за водење на истрагите за нападите врз новинарите. Не се усвоени ниту посебни упатства што можат да помогнат за поефикасно водење на истрагите. Постои соработка меѓу надлежните институции, но таа не резултира со доволна ефикасност во откривањето на сторителите на нападите. Јавните обвинители се доста инертни во започнувањето на постапките.

Надлежните институции сѐ уште немаат оформено посебни оддели или определено вработени лица одговорни за водење на истрагите  и постапките поврзани со чиновите на насилство врз новинари. Во текот на 2020 година, ЗНМ го покрена ова прашање во текот на средбите со претставници на Министерството за правда и Основното јавно обвинителство. Иницијативата наиде на позитивен одговор за да се оформат вакви оддели и да се обучат кадри во иднина, меѓутоа, и покрај барањата на ЗНМ, конкретно од ОЈО нема промени во нивната структура во однос на овие прашања.

Во институциите не постојат ниту посебни упатства за ефикасно откривање и гонење на сторителите на нападите и заканите врз новинари. Одделни насоки во овој поглед се содржани во документите што  ЗНМ ги изработи во соработка со МВР: „Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“, „Упатството за професионално известување за насилниот екстремизам и тероризам“ и „Протоколот за информирање за случаи поврзани со насилен екстремизам и тероризам“.

Соработката меѓу МВР и ОЈО во поглед на ефикасното водење на истрагите на нападите врз новинари и медиумски работници се чини е на задоволително ниво. Има потреба од подобрување на капацитетите на МВР во оваа насока преку воспоставување јавен регистар за напади кон новинари и медиумски работници и негово редовно ажурирање.

Indicator 3.2 – Истрагите на сериозни физички напади врз новинари и други медиумски актери се спроведуваат ефикасно (независно, темелно и навремено).

Оценка (3.28) – Истрагите се главно бавни и неефикасни, а за одделни напади врз новинари и воопшто не се покренати обвиненија. Нападите врз новинарите некогаш не се квалификуваат како кривични дела, што ги принудува новинарите да покренуваат приватни тужби, наместо да се гонат по службена должност.

Во 2020 година имаше само еден напад, односно закана по живот кон новинар за кој потоа беше  покрената постапка по службена должност, пред сѐ, поради фактот што стануваше збор за сторител на повеќе кривични дела од кои дел не беа поврзани со закани или напади кон новинари. Другите напади врз новинари за кои беа поднесени барања за покренување кривична постапка, ОЈО ги отфрли со образложение дека е ненадлежно да постапува по службена должност и дека таквата негова  надлежност е ограничена со Кривичниот законик.

Единствен позитивен пример за соодветно квалификување на делото и санкционирање на сторителот е случајот со новинарката Мери Јордановска, на која заканувачот ѝ испратил порака преку социјалната мрежа Телеграм со закана дека „ќе ја искреира на некролог“. За овие закани е поднесен обвинителен предлог за кривично дело загрозување на сигурноста, а судската постапка заврши во март 2020 година со пресуда  со која сторителот е осуден на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци. Против пресудата е поднесена жалба, но жалбата е одбиена и пресудата е потврдена од второстепениот суд.

Indicator 3.3 – Новинарите и другите медиумски актери се ефикасно заштитени од разни форми на малтретирање преку интернет.

Оценка (3.46) – Кривичниот законик го признава вознемирувањето како кривично дело. Регистрирани се 8 сериозни онлајн-закани против новинари. МВР не реагирало доволно ефикасно и не дало никаква информација за тоа како постапило во пет од шесте пријавени случаи на онлајн-напади врз новинари во 2020 година.

Законот за Кривична постапка во членот 394 – г, кој се однесува на ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, закани по живот и напади кон новинари, не ги обврзува директно органите на прогон да постапуваат по службена должност во случаи кога има експлицитни примери на закани по живот кон новинари. Поради тоа, новинарите и медиумските работници досега беа принудени за ваков тип дела да поднесуваат приватни тужби за повреда на право. Ретко се случуваше новинар приватно да тужи за онлајн-закана или за малтретирање и од тие причини овие случаи најчесто остануваат нерешени и придонесуваат кон создавање клима на неказнивост.

Според статистиката на ЗНМ, вкупниот број регистрирани закани во 2020 година изнесуваше 14, од кои 8 биле упатени преку онлајн-платформи. Од нив, две биле закани по животот на новинарите. Од вкупно осум, шест се пријавени до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. За еден случај, МВР го извести ЗНМ дека е ненадлежно да постапува со правна поука оштетените страни приватно да тужат за загрозување на личната безбедност. За другите пет случаи, ЗНМ испрати официјален допис до МВР, со кој се бара информација до каде се постапките, но МВР нема доставено одговор.

Indicator 3.4 – Истрагите на сите видови напади и насилство врз новинари и други медиумски актери се спроведуваат транспарентно.

Оценка (3.09) – Генералната проценка е дека судовите не се доволно транспарентни во однос на водењето судски постапки за напади врз новинари или медиуми. Основниот граѓански и кривичен суд во Скопје не дава детални информации за судските постапки за напади врз новинари што се случиле во последните години. Судовите немаат практика да ја информираат јавноста за постапките против новинарите или во кои новинарите се странки до повреда на нивните права во насока на нарушена безбедност. Покрај тоа, автоматскиот информациски систем за управување со случаи (ACMIS) не дава можност за прецизно пребарување на минатите и тековните процедури во кои страните се новинари и со тоа јавноста има потешкотии да пристапи до овие информации.

Општа оценка е дека судовите не се доволно транспарентни во поглед на водењето на судските постапки за напади врз новинари или медиуми. Основниот граѓански и кривичен суд во Скопје не обезбедува детални информации за судските постапки за напади врз новинари што се случиле во минатите години.

Судовите немаат пракса да ја информираат јавноста за постапки што се водат против новинари или во кои новинарите се странки поради повреда на нивни права во насока на нарушена безбедност. Исто така, информацискиот систем за автоматско управување со предмети (АКМИС) не дава можност за прецизно пребарување на минати и тековни постапки во кои странки се новинари и на тој начин јавноста потешко доаѓа до овие информации.

Indicator 3.5 – Системите за собирање квалитетни статистички податоци се воспоставени од државните органи за да се спречи неказнивоста.

Оценка (3.41) – Надлежните институции и судовите немаат воспоставено квалитетни статистички системи, врз основа на кои можат да доставуваат прецизни и дизагрегирани податоци за сите судски постапки во кои странка се новинари или медиуми.  Базите на податоци на судовите не дозволуваат распределба на податоците.


Министерството за внатрешни работи нема воспоставено регистар на статистички податоци за нападите и заканите врз новинари. Министерството за внатрешни работи досега само еднаш, во 2018 година излезе со соопштение во кое објави статистички податоци за бројот на напади врз новинари и медиуми.

Ниту граѓанскиот, а ниту кривичниот суд во Скопје не се во можност да дадат детални информации во врска со предметите во кои новинарите се јавуваат како странка во постапките. Нивното оправдување е дека новиот систем за водење на предметите (АКМИС) се базира на кодови, а не на имиња и на професии на странките. Во текот на 2020 година, ЗНМ успеа од Основниот граѓански суд да добие само информација за тоа дека има вкупно триесет и три активни предмети за делата клевета и навреда, во кои како странка се јавува новинар или медиум.


Вистинска Безбедност

Индикатор 4.1 – Нефизички закани и малтретирање

Оценка (3.91) – Во 2020 година се случија само некои од наведените видови закани кои не се насочени кон загрозување на физичката безбедност на новинарите, но, сепак, како напаѓачи се јавуваат поранешни функционери, поединци блиски до политички партии и (во еден случај) полициски службеници.         

Во изминатата година, ЗНМ забележа 7 вакви напади:

  • Закани и навреди упатени кон новинарката на А1он, Мери Јордановска од Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар на Македонија и член на ВМРО-ДПМНЕ;
  • Закани и навреди упатени кон уредничката на ТВ Алфа, Искра Коровешовска од Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар на Македонија и член на ВМРО-ДПМНЕ;
  • заканувачка порака до новинарот на ТВ24, Мишко Иванов од Бобан Петровски;
  • Закани кон новинарот Фуркан Салиу од ТВ Клан од страна на полициски службеници од обезбедувањето на поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев;
  • закани преку Фејсбук кон новинарката Мирослава Бурнс, поради текст за свадба во Тетово во време на епидемијата со ковид-19;
  • повеќе закани преку социјалните мрежи кон новинарката Анета Додевска од ТВ24 ;
  • закани и вознемирување преку социјалните мрежи кон новинарката Наташа Стојановска од ТВ Телма.

 

Indicator 4.2 – Закани против животот и физичката безбедност на новинарите

Оценка (3.89) – Во 2020 година се регистрирани три закани насочени кон загрозување на физичката безбедност или животот на новинарите. Сепак, загрижувачки е фактот што напаѓачи се политичари или поединци блиски до политички партии.        

Во 2020 година, ЗНМ има забележано вкупно 3 вакви напади:

  • закани по телефон кон новинарката на ТВ21 Алмедина Исмајли, упатени од страна на Нешат Адеми, поранешен член на Алијанса за Албанците;
  • навреди и повици за насилство кон новинарот на ТВ 24, Горазд Чомовски упатени од страна на претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски;
  • директни закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер кон новинарката Тања Милевска, дописник на МИА од Брисел.

Indicator 4.3 – Вистински напади

Оценка (4.18) – Во 2020 година се регистрирани два физички напади врз новинари. И за двата случаи постојат индикации дека напаѓачите се поединци блиски до политички партии.               

Во минатата година, ЗНМ забележа два напади од ваков тип:

  • Новинарот и уредник на порталот Лидер, Љупчо Златев бил нападнат во локал во Скопје;
  • Новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ од Ал џазира биле нападнати од непознато лице за време на протест на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

Indicator 4.4 – Закани и напади врз медиуми и новинарски здруженија

Оценка (4.53) – Регистрирани се два случаи на закани врз медиуми. И во двата случаи се работи за закани упатени кон медиуми поради нивната истражувачка работа на случаи на корупција или изнесени критички ставови во јавноста              

Во изминатата година, ЗНМ регистрирало два напади од ваков тип:

  • По објавувањето на истражувачка сторија поврзана со градежни активности во населбата Тафталиџе во Скопје, редакцијата на ИРЛ била изложена на вербални притисоци и вознемирување;
  • До новинарите и активисти на Цивил медиа, Џабир Дерала и Петрит Сарачини, биле упатени закани и омаловажувања преку социјалната мрежа Фејсбук, од Марјан Камиловски.