Харлем Дезир: Безбедноста на новинарите е задолжение на државите

0
349
Source/Author: novatv.mk
Source/Photo: novatv.mk

СКОПЈЕ, 23.05.2018 – Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите беше дел од Конференцијата за медиуми од Југоисточна Европа, која се одржа месецов во Струга. Конференцијата се одржа само неколку денови откако црногорската новинарка Оливера Лакиќ беше мета на вооружен напад. Иако сериозно повредена, за среќа животот на новинарката не беше доведен во опасност и таа преживеа.  Харлем одговори на прашањето, што ОБСЕ планира да направи за ситуацијата во Црна Гора, по нападот на новинарката.

„Јас веднаш сакав да отпатувам во Подгорица и да ја посетам Оливера Лакиќ, новинарката која беше повредена во ногата. Ја посетив во болница и се сретнав со министерот за надворешни работи.

Побарав целосна и транспарентна истрага за овој случај. Апсолутно неприфатливо е новинарите да бидат нападнати поради нивната работа и тоа да помине неказнето, бидејќи се случило многу пати во минатото во регионот. Вклучувајќи претходни напади врз истражувачки новинари, и врз неа, бидејќи веќе беше претепана пред неколку години. Таа е многу храбар новинар, позната е по нејзиното истражување на шверцот во земјата, за истрагите за случаите со корупција.

Но, новинарите сами не можат да се соочат со насилството, тоа е работа на властите на секоја од земјите на регионот. Тие треба да загарантираат безбедност на новинарите. Властите мораат да го истражат секој напад  и не само да го казнат извршителот на нападот, туку и оној кој го нарачал.

Многу е загрижувачки тоа што во изминатите месеци, неколку новинари беа убиени во Европа, како Дефне Галиција во Малта, Јан Куцијак во Словачка, и дека луѓето кои стојат зад тие напади не се изведени пред лицето на правдата. Таков е случајот и овде во Западен Балкан. Најпрвин мора да се отфрли било какво заташкување на случајот и да се стават сите сили на државата во служба на истрага на нападот на оваа новинарка, и да се најде правда за Оливера Лакиќ“ – рече претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите, Харлем Дезир.

На конференцијата присутен беше и Веран Матиќ од Црна Гора, кој е претседател на Комисијата за истражување на убиства на новинари. Тој одговори на прашањето, дали нападот врз новинарката беше шок, или такво нешто можеше да се предвиди.

„Јас доста добро ја познавам Оливера Лаќиќ и нејзините случаи, и воопшто не сум изненаден. Не само заради неа, и заради тоа што таа продолжи со сериозни истражувачки приказни кои се поврзани меѓу другото со корупција. Целата редакција на Вести е под континуирани напади, и ова е 25. напад. Пред тоа само мал број на случаи е решен. Тие имаа случај на фрлена бомба под нивниот прозорец на редакцијата. Имаа исто така физички напади на нивните вработени. Така да, ова воопшто не ме изненадува.

Кога ќе се случи серија вербални напади од претставниците на власта, во овој случај тоа беше Миро Ѓуќановиќ, кој за редакцијата на Вести кажа многу дисквалификации, рече дека се фашисти. Тоа за борбата против фашизмот е многу скандалозно, и навредливо за жртвите на фашизмот. Да се изнесат такви обвинувања, дека се дел од криминални кланови и така натаму. Тоа е на некој начин повик за сите оние кои би сакале да и се додворат на власта, да решат можеби и некој свој проблем, да извршат напади на оние кои се прозивани и кои се дискредитирани како предавници или мафијаши и фашисти.

Нашата Комисија за истражување на убиства на новинари е основана за решавање на три убиства на новинари. Чуприја е убиен, така што неколку денови пред неговата ликвидација бил испукан куршум во редакцијата. Бил објавен дискредитирачки текст за него, како тој барал да се случи бомбардирањето на Србија. Тоа се објавило на централните вести, и тој е убиен само неколку денови после тоа. Тоа убиство беше најавено. Сега благодарение на нашата Комисија, овој случај стигна до судење. Некои луѓе се уапсени. Но, знаејќи го тој механизам, ова што се случи има своја генеза, нормален след на околности кога имате една држава во која власта целосно е во рацете на еден човек, на една група во период од 30 години, и кога го имате тоа ниво на корупција кое постои денес во Црна Гора.

Секако, проблемот е политичкиот дисбаланс, нема силна опозиција која би пружила сериозен политички отпор, па многу често медиумите се тие кои се перцепираат како опозиција. Одеднаш вие, сакале или не, сте најголеми противници на корупцијата на власта, и така натаму. И со самото тоа, станувате уште поинтензивна мета за вакви напади“ – рече Матиќ.