ЗНМ се жали во ОБСЕ за враќање на политичката пропаганда во медиумите

%d1%81%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0-%d0%be%d0%b1%d1%81%d0%b5
AJM

СКОПЈЕ, 10.08.2018 – Делегација на Здружението на новинарите на Македонија се сретна со претставници на Набљудувачката мисија на ОДИХР, со кои разговараше за измените на Изборниот законик и референдумот, кои имаат директно влијание врз работата на медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани истакна дека власта и опозицијата го злоупотребуваат референдумот за да обезбедат финансирање на нивната политичка пропаганда за изборна кампања со јавни пари предизвикувајќи огромни штети врз слободата на медиумите и професионалното новинарство.

Селмани оцени дека законското решение ги враќа на голема врата владините кампањи од времето на режимот на Груевски, кога со јавни пари власта спроведуваше медиумски кампањи за наводните успеси во работата.

Тој смета дека плаќање на политичка пропаганда во медиумите со пари на граѓаните ќе ги зајакне коруптивните врски на медиумите со  партиите и ќе влијае на нивното известување за политичките процеси во земјата. Според него, меѓународната заедница треба да направи притисок врз власта по одржувањето на референдумот, овие измени да се избришат од Изборниот законик.

За Селмани апсолутно е неприфатливо владини претставници да прават политички и финансиски притисок врз Македонската радио телевизија во време кога декларативно се залагаат за реформа на јавниот сервис.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски го критикуваше однесувањето на Државна изборна комисија, која спротивно на добрите европски практики, се обидува да преземе надлежности од Агенцијата за медиуми со регистрација  онлајн медиумите. Секуловски смета дека ДИК не може да го оценува известувањето на онлајн медиуми за референдумот и да ги казнува за наводно незибалансирано известување.


AJM, Skopje, 10/08/2018