Говорот на омраза стана стандарден говор во Македонија – институциите со години беа глуви на повиците за насилство

Computer key with the label Hate speech, hatred talking on social networks, Computertaste mit der Aufschrift Hate Speech, Hassreden in sozialen Netzwerken, Image: 332587626, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Profimedia, Alamy
Слободен печат

Перцепцијата во македонската јавност за борбата против говорот на омраза во земјава е дека таа е само деклатративна. Говорот на омраза е опфатен со членот 319 од Кривичниот законик според кој предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа се казнува со затвор од од една до пет години. Казна затвор до 10 години, според овој член е предвидена ако поради делото дојде до безредие и насилства спрема луѓе или имот. По измените на Кривичниот законик, со членот 394г се казнува и ширењето на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Случаите во кои се употребува говорот на омраза и се повикува на насилство, низ годините стануваа се побројни, а државниот обвинител досега мижеше пред нив. Таквите случаи  зачестија во 2015 година кога земјава се соочи со длабока политичка криза, а поради праксата на неказнивост, во годините потоа  бројот на случаи се зголемуваше. Македонските судови во последните три години немаат донесено ниту една правосилна пресуда против говор на омраза, а се до октомври 2018 не беше поведена ниту една постапка по барање на јавното обвинителтво на Република Македонија. Овој факт го потврди и скопскиот кривичен суд. Во моментов има отворени околу 30 постапки кои допрва треба да се види дали ќе резултираат со нови поднесени предлози за обвинителни акти и колку од нив ќе бидат прифатени од страна на надлежниот суд.

Според проверките кои ги направивме во АКМИС – електронскиот систем, пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје НЕ Е ПОВЕДЕНА ПОСТАПКА ПО ОВОЈ ЧЛЕН.

Јавното обвинителство ни даде идентичен одговор како и судот.

Во периодот од 2010-2018 година за кривични дела по член 319 и 394-г од Кривичниот законик, нема поднесено обвинение.

Овие членови од Кривичниот законик беа само на хартија иако јавноста во изминатите години беше вознемиирена од бројни случаи на нивно брутално кршење. Според статистиката на интернет платформата „govornaomraza.mk“ на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за четири години регистрирани се над 300 случаи на говор на омраза, најчесто врз на основа на етничка припадност, но и врз основа на политичка припадност или сексуална ориентација. Тоа најмногу се случува на социјалните мрежи и на интернет порталите, но не изостануваат примерите ниту во традиционалните медиуми и во политичките говори. Социјалните мрежи во последните години имаат најголем домет до јавноста и токму затоа ефектот од напишаното на интернет просторот е значително поголем, а со самото тоа и потенцијалната штета. Омраза, повици за насилство или линч се шират и на други начини и истите се третираат како вести од страна на интернет порталите што дополнително се шират на социјалните мрежи. На пример, во 2013 година, на неколку билборди осамна пораката: „смрт за педери“. Наместо интернет порталите да го осудат таквиот чин, дел од нив вметнаа дополнителна омраза. Па така осамна насловот: „ФОТО: Смрт за педери, добија новите билборди на ЛГБТ заедницата“, што подоцна беше преземен и од други медиуми. Во текстот се вели: „ЛГБТ заедницата во Македонија денеска постави еден куп нови билборди низ Скопје со текст Геј, Лезбејки, Би, Транс Квир. Револтираните граѓани одма ги решија. На нив напишаа: смрт за педери“.  Со реторика како: „Револтираните граѓани одма ги решија“, порталите искажуваат не само одобрување, туку и поттик за други такви или слични дејствија. Кога вакви текстови се шират на интернет просторот, се повеќе насилници се осмелуваат да преземат и физички дејствија, како палење на автомобили, јавен линч или напади.

Во последниве неколку години, доминираше политичкиот говор на омраза. Политичката криза внесе и политизирана поделба на медиумите, но и целокупното општество. Политичките говори ги делеа граѓаните, политичарите, активистите и медиумите на патриоти и предавници, а интензитетот на навредувачки содржини полни со омраза се зголемуваше со истиот интензитет со кој истите се ширеа во медиумите и социјалните мрежи. Реториката за таканаречената „тиранска платформа“, како и за лиферувањата дека ќе се градат бегалски кампови, исто така одеше во насока на поттикнување омраза, протести и насилства. Јавното обвинителство за сите овие случаи и процеси остана и слепо и немо, и покрај големите барања од јавноста, но и меѓународниот фактор да се отворат истраги и да се санкционираат таквите бројни примери.

Состојбата со говорот на омраза ескалираше во двете последователни изборни години. Јавноста беше згрозена од постапката на протестите во Битола по изборите во декември 2016 година, кога повозрасна госпоѓа излезе на улица со надгробен крст на кој беше напишано името Зоран Заев, годината на неговото раѓање и 2016 како година на смрт. Ден потоа, јавноста беше дополнително згрозена од сознанието дека се работи за воспитно-образовен работник во битолско училиште. По протестите, обвинителството остана немо на гласот, а ниту надлежнните општински власти не си ја извршија должноста да реагираат до него. Истиот месец, на интернет се појавија и некролози на странски претставници во земјава. За тој настан, освен јавноста, реагираше и дипломатскиот синдикат барајќи одговорност, но обвинителството повторно немаше реакција. Странските дипломати и претставници на меѓународните организации исто така беа разочарани, не толку од некролозите колку од непостапувањето на надлежните институции.

Говорот на омраза се толерираше и во февруари 2018 во објавите на порталот Република кој со години го задржа истиот „стил на пишување“. Насловот: Културниот марксизам на Алѓозовски: ЛГБТ + УЧК + исламисти, помина незабележано од ОЈО.

Последен во низата случаи кои повикаа на насилство беше новинарот и дописник на МИА Цветин Чилиманов. Тој на својот личен твитер профил напиша:”-До сите таксисти што ме следат-ако ви влезе оваа во кола, време е за чичко Кумплуг” споделувајќи го твитер постот на Валери Хопкинс новинарката на Financial Times за Западен Балкан “ Skopje taxi Boycotter: Bulgarija thinks our language doesen’t exist, Serbia refuses to regognize our Church, Greeks block our name, and we have probs w Albanians. We don’t have a problem, everybody else does…”.

Со ваквиот ксенофобичен говор лицето Цветин Чилиманов преку комјутерски систем и социјални медиуми повикува на насилство во јавноста, промовира и потикнува омраза и дискриминација.

По написот за новинарката на Financial Times, Чилиманов беше суспендиран од државната информативна агенција, но случајот не стигна до обвинителството.

Во одредени случаи, барањата обвинителството да постапува не пристигнуваа само од јавноста, туку и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Еден од таквите случаи за кои АВМУ побара од Јавното обвинителство и од Комисијата за заштита од дискриминација да поведат постапка се однесува на една од емисиите на Миленко Неделковски. АВМУ го испрати ваквото барање бидејќи во емисијата каде што гостувала Мирка Велиновска, на телевизија Алфа во јануари 2018 година, ширеле дискриминација, нетрпеливост и омраза кон албанската етничка заедница.  Во известувањето од Агенцијата беше наведено: „Во емисијата на Миленко Неделковски прекршен е членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (посебна забрана за  поттикнување или ширење дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност), но бидејќи во Законот не е предвидена мерка за прекршување на овој член, писмениот извештај  ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство и до Комисијата за заштита од дискриминација за нивното понатамошно постапување“.  Агенцијата во извештајот наведе и конкретни зборови кои двајцата новинари не смееле да ги користат како: „диво племе“, „дивјаци“, „скитачи“, „чергари“, „дојденци“. Основното јавно обвинителство не покрена постапка, исто како и Комисијата за заштита од дискриминација која во писмениот допис до АВМУ наведе дека не ги разгледала доказите.  Во мислењето од КЗД по поднесената претставка од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се наведува дека таа „се однесува на погрешно лице (ТВ Алфа)“, бидејќи емисијата е самостоен надворешен проект и дека телевизијата пред почетокот на емитувањето се оградила од изнесените ставови. Во извештајот на АВМУ беше наведено и дека засегнатите лица од нивниот говор можат да поведат  граѓанска постапка пред надлежните судови.  Вреди да се напомене дека Неделковски е еден од новинарите кои си навлекол многу граѓански тужби за навреда и клевета, а во голем дел од нив не успеал да ја докаже својата невиност.  Ниту таквата состојба, досега не претставуваше аларм за Јавното обвинителство.

Октомври 2018 ќе остане запаметен како месец кога Обвинителството се разбуди од длабокиот сон кога станува збор за говорот на омраза. Поведена е постапка против Миленко Неделковски за пост на Фејсбук кој се однесува на пожарите во Грција.

Објавените текстови во социјалните мрежи се насочени кон пожарот во близина на Атина, Република Грција  во кој има и човечки жртви. Јавното обвинителство ќе испитува дали преку пишувањето на коментарите и написите на социјалните мрежи е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност. Следува преземање на дејствија со цел обезбедување докази во предметот. Воедно, ќе се утврдува идентитетот на лицата кои преку објавување на написи и коментари учествувале во ширењето на говорот на омраза.

Подоцна обвинителството ја информираше јавноста дека не покренува постапка против други лица за придонес во дополнително поттикнување  на говорот на омраза. Постапка беше отворена и против актерот Тони Михајловски поради закани кон новинарот Бранко Тричковски во јуни 2017. Барањето тој кривично да биде гонет дојде од Здружението на новинари на Македонија за статусот:  „лично би го убил Бранко Тричковски без око да ми трепне“

Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот.

 Актуелната состојба во однос на санкционирањето на говорот на омраза е за степен похрабрувачка. Од обвинителството не информираа дека во моментов се активни неколку предмети и ни испратија листа со предметите. Забележително е дека најголем дел од нив се иницирани од некое здружение, а само мал број се по допрен глас.

Органите на прогонот во Струмица оформија предмет против лице кое на својот Фејсбук профил објавил текст со содржина: „Бојкот во секоја смисла да не се купува од Шиптарските дуќани „Нептун” е една од нив.” По поднесената кривична пријава се постапува: Пратена е покана за распит на пријавениот, но истиот е недостапен бидејќи се наоѓа во странство – велат од обвинителството.

Основното јавно обвинителство Прилеп пак презема дејствија против две лица и други непознати лица за сторено кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик.Оваа постапка се води против лица кои за време на одбележувањето на државниот празник на Мечкин Камен изрекле вербални напади употребувајќи говор на омраза, но и истите биле емитувани на една национална телевизија. Надлежните се уште прибирааат докази, а постапката е во тек.

Ваквите и слични случаи на јавно повикување на насилство и линч беа многу честа појава во изминатите 10 години. Пренесувањето на истите од страна на мејнстрим медиумите предизвикаа, односно уште повеќе поттикнаа говор на омраза. Појавата стана толку честа, што јавноста дури и се навикна на вербалното насилство. Важно е да се напомене дека во годините на политичка криза најизразен беше говорот на омраза од страна на политичарите. Дискриминација, клеветења кои предизвикуваа постапки од омраза и најразлични дискредитации кои завршуваа со повик за јавен линч беа дел од секојдневните политички говори. Место за пласирање на истите не беше само собраниската говорница, туку и дневните пресконференции или обраќања на политичарите. Вината ја сносат и оние кои го продуцираат и оние кои го пренесуваат говорот на омраза. Клучот за излез од магичниот круг го имаат органите на прогонот. И тие сносат дел од вината за тоа што говорот на омраза во земјава стана секојдневен говор. Во целиот период кога говорот на омраза земаше замав, освен Обвинителството, пасивни беа и граѓаните и вработените во другите институции кои имаат законска можност да пријават говор на омраза. Ако обвинителството покаже доволно волја да ја отстрани оваа појава, постапките кои сега се отворени ќе предизвикаат лавина постапки кои пак ќе наметнат казнивост, а со самото тоа и намалување на употребата на говорот на омразата и неговиот негативен ефект.

Оваа публикација е изработена во рамки на проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

 

 


Kristina Atovska, Skopje, 29/12/2018