Група на студенти по новинарство од Холандија во посета на ЗНМ

0
38

Групата од прва година студии по новинарство од „Фонтис универзитетот“ (https://fontys.edu/) беше во посета на Здружението на новинари на Македонија и на средбата се разговараше за тековните активности на ЗНМ, локалните медиумски закони, правата на новинарите во Македонија како и предизвиците со кои тие се соочуваат во вршењето на новинарската професија.

На факултетот по новинарство кој е во холандскиот град Тилбург има вкупно 19 групи на студенти по новинари а една од тие групи составена од 12 млади идни новинари овие денови е во посета на Скопје.

Странските студенти споделија дека факултетот им нуди можност за пракса во медиуми како и за кратки студиски посети во странство. На нивна иницијатива се решиле да ја посетат Македонија бидејќи за нив е невообичаена дестинација и дека сакале одблиску да се запознаат со спецификите на новинарската заедница и генерално со медиумскиот сектор.

Тие споделија дека секој од нив како студент на овој факултет, во рамки на своите студии, има привилегија да има пристап на студентската база на податоци која опфаќа илјадници дигитални платформи на светски медиуми но и на академски трудови. Освен ова, споделија дека секој од нив месечно е претплатен на најмалку еден холандски медиум а претплатата во просек чини 8 евра месечно.

Оваа група додаде дека речиси никогаш не ја користи социјалната мрежа „фејсбук“ а од социјалните медиуми најчесто ја користат „инстаграм“ но не за информирање туку повеќе за забава и за одржување на контакти. Исто така, укажаа дека речиси половина од новинарите во Холандија се водат како „фри ленс“ новинари, односно како лица кои вршат новинарска дејност како самостојно занимање и дека немаат класична дневна новинарска работа, туку дека повремено соработуваат со медиуми кои им ги откупуваат нивните интелектуални, новинарски трудови.

Универзитетот за применети науки Фонтис е холандски универзитет за применети науки, кој се наоѓа во јужниот дел на Холандија. Има преку 44.000 студенти во неколку кампуси Трите најголеми кампуси на Фонтис се наоѓаат во градовите Ајндховен, Тилбург и Венло.

Фото: ЗНМ

21.06.2023, Скопје