Дебата за инструментализација на медиумите во изборна кампања

0
205

СКОПЈЕ, 05.12.2016 Медиумската организација Онлимит на први декември во Клубот на новинари организираше дебата со новинари на тема инструментализацијата на медиумите во текот на изборна кампања. На дебатата, како панелисти учествуваа претставници на новинарски и медиумски организации, како што се ЗНМ, СЕММ и МИМ.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани рече дека режимот медиумите ги третира единстевно како пропагандна машинери за доаѓање и задржување на власта, а не како столб на демократијата. Селмани смета дека секоја авторитарна власт ја негира улогата на медиумите во едно демократско општество. „Медиумите во Македонија и за време на изборна кампања не ја исполнуваат нивната мисија. Најголем дел од медиумите наместо да информираат, ја извртуваат вистината и креираат розова реалност во која верува само власта. Тие медиуми место да ги критикуваат слабостите на власта, стануваат нејзини апологети и ги величат наводните достигнувања. И место да потикнат дебата во општеството за битни прашања за животот на граѓаните, спроведуваат хајка и се пресметуваат со неистомислениците, жигосувајќи ги како домашни непријатели и предавници“, рече Селмани.

Тој потсети дека партиите ги игнорираа предлозите на новинарската заедница и избраа погрешен пристап за решавање на длабоката криза во медиумите. „Со ад хок тело и партиски уредник во МРТ не може да се реши кризата во медиумите. Партиите место да ги отклонат причините што ја предизвикаа кризата, се занимават со последиците. Не може со козметички измени на законите да направите слободни и професионални медиуми“, рече Селмани.

Според него, за подобрување на состојбата со слободата на медиумите ќе биде потребна силна политичка волја од новата македонска влада, која мора да покаже посветеност за почитување на основните демократски вредности, како што е и слободата на изразувањето. „Залудно се надеваме дека ќе имаме слободни медиуми ако после 11 декември не добиеме демократска влада“, порача Селмани.

Директорот на СЕЕМ, Марина Тунева, збореше за важноста медиумите во известувањето за изборната кампања да се приджуваат кон етичките стандарди на професијата потсетувајќи ги на обврската што ја преземале со потпишување на Повелба за професионално известување за време на избори.

Директорот на МИМ, Бијлана Петковска рече дека санкциите за медиумите ако не известуваат согласно професионалната етика ги принудиле медиумите да и дадат поголем простор на опозицијата и да престанат со кампањите против неистомислениците. „Вистинското прашње е како ќе известуваат медиумите кога ќе заврши изборната кампања“, рече Петковска.

После излагањата на панелистите присутните новинари даваа свои коментари за темата и поставуваа допонителни прашања поврзано со слободата на медиумите.

Скопје, 05.12.2016

Здружение на новинари на РМ