Додека Божиновски штрајкува со глад, судот одолговлекува

0
158

СКОПЈЕ, 14.10.2016 Здружението на новинарите на Македонија ја алармира македонската јавност дека судскиот процес против новинарот Зоран Божиновски непотребно се одолговлекува. Со тоа судот ги прекршува неговите граѓански права за фер и правично судење.

Новинарот Божиновски веќе две недели штрајкува со глад со барање да му се укине притворот, а судот денеска по втор пат го одложи судењето поради лични и семејни прилики на судијката Сандра Крстиќ.

Со упорното одбивање да го укине притворот за Божиновски судот применува двојни аршини. Не изрекува притвор за поранешни владини функционери осомничени за тешки кривични дела, а без сериозна причина скоро шест месеци  држи во притвор новинар. Со тоа притворот не служи за непречено одвивање на постапката, туку прераснува во казна.

Божиновски штрајкува со глад, а судот тврди дека неговата здравствена состојба е добра. Како е можно да се тврди тоа за човек кој две недели гладува и се одржува со инфузии? Јавно го прашуваме судот, што треба да му се случи на Божиновски со цел судот сериозно да го разгледа барањето за укинување на притворот.

Го повикуваме Апелациониот суд во Скопје веднаш да ја достави одлуката за случајот Шпион до Кривичниот суд за да можат адвокатите да имаат увид во доказите и да ја подготват одбраната. Во спротивно, се остава простор процесот дополнително да се одложува и со тоа во јавноста ќе остане впечатокот дека случајот е политички монтиран.

Со почит,

Здружение на новинарите на Македонија

Скопје, 27.09.2016 година