Осуда на напад на новинар во Струга

0
170

СКОПЈЕ, 27.01.2018 – Здружението на новинарите на Македонија остро го осуди нападот на новинарот на онлајн медиумот strugalajm.org,  Арманд Брахо што се случи неделава во хотелот „Дрим“ во Струга. Според исказот на новинарот, насилници од редовите на партијата Алијанса за Албанците го нападнале за време на конференција, на која тој бил уредно поканет.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, ги повика властите брзо да го истражат случајот и да ги казнат насилниците. „Доколку сака новата власт да испрати јасна порака дека нема да толерира напади врз новинари мора да го истражи случајот и да ги изнесе насилниците пред лицето на правдата“, истакна Селмани.

Ваквиот насилнички атак ја потврдува оценката од Извештајот на ЗНМ за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2017 година каде се вели дека нападите врз новинарите воглавно се поттикнати од политичките партии.

Според исказот на колегата Брахо, претседателот на Алијансата Зијадин Села, пред да ја напушти конференцијата во Струга му се обратил нему со зборовите: – „Бегај одовде и не се враќај повеќе, оди кај тие што те пратиле за да им земеш интервју“. По ова, лица од партијата Алијанса за Албанците почнале да го малтретираат новинарот, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот новинарот бил и физички нападнат.

Брахо ги пријавил насилниците во полиција. Досега едно лице било повикано на распит, по што од МВР изјавија дека ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против лицето, а се работи и на идентификација на другите насилници.