Професијата снимател – ретроспектива низ фотографии

0
25

На иницијатива на Секцијата на сниматели и фотографи при Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), се реализираше изложба на фотографии од сниматели и фотографи кои опфаќаат период од три декади.

Пред педесетина присутни сниматели на настанот свои поздравни обраќања имаа претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски кој кажа дека новинарската работа и работата на медиумските работници е јавна професија каде што ефектите од истата како краен продукт ги гледа публиката. Но, честопати тоа што се случува зад сцената има навистина големо значење, целиот процес на создавање, пријателствата кои се создаваат и остануваат да траат. ,, Денеска сме овде да оддадеме почит на нашите колеги без кои медиумската работа не би била возможна. Триесет години е навистина долг период во кој се случиле многу настани, дел од нив сме заборавиле, на некои се сеќаваме, но затоа пак преку објективот на професионалците ништо не останува заборавено. Ние, новинарите и медиумските работници професионално постоиме за нашата публика, која секогаш има право да ја знае вистината, кажана, фотографирана или пак снимена. На изложбата ќе видите дел од таа комуникација и соработка, моменти овековечени благодарение на моќта на фотографијата.” рече Чадиковски.

Експонатите беа со  потпис на професионални сниматели и фотографи кои покрај тоа што имаат голема историска вредност, во исто време ги прикажува и потсетува на настаните од минатото што оставиле голема трага.

Пред гостите се обрати и  координаторот на Секцијата на сниматели при ЗНМ, Трајче Илиевски, искажувајќи ја својата благодарност за поддршката од ЗНМ како и од своите колеги кои несебично се вложија во пронаоѓање на овие историски вредни фотографии.. Меѓу другото Илиевски рече:  ,,Ние снимателите како еснаф самите претставуваме архива, со ваквиот солидарен пристап преку активностите со секцијата на сниматели при ЗНМ можеме достојно да укажеме почит и да се потсетиме на нашите колеги од кои сме учеле и кои сме ги наследиле во контекст на почитувањето на веќе воспоставените стандарди во работата.”

Гостинка на настанот беше и Високата претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите г-ѓа Тереза Рибеиро која го сподели своето задоволство што во земјава постои голема солидарност помеѓу снимателската фела, истовремено потенцирајќи ја и важноста од ваквите настани каде се посветува внимание и почит на колеги кои што имаат воспоставено високи професионални стандарди во професијата.

Изложбата е дел од  годишниот план на ЗНМ за активностите во рамките на секцијата на сниматели.

На овој ЛИНК можете да ги погледнете фотографиите од изложбата и од самиот настан.