Home Blog Page 31

Презентирана анализа за онлајн медиумите

0

СКОПЈЕ, 03.11.2017 – Здружението на новинари на Македонија презентираше две публикации во кои се врши анализа на ситуацијата на онлајн медиумите во Република Македонија. Автор на двете анализи е долгогодишниот новинар и консултант за дигитални медиуми Зоран Ричлиев.

На прес-конференцијата наменета за промоција на анализите говореа претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, претседателот при Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите на Македонија, Мирче Адамчевски, како и самиот автор Зоран Ричлиев.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани рече дека барањето за законска регулација на онлајн медиумите се коси со препораката на Советот на Европа за слободата на интернет донесена во 2016 година. „Македонија како членка на Советот на Европа има обврска да ги почитува, заштитува и да ги промовира човековите права и основните слободи на интернет “, истакна Селмани

Авторот на анализата Ричлиев објасни дека во јавноста е создадена погрешна перцепција дека онлајн медиумите се надвор од законот. „Сите закони што се однесуваат на одговорноста на традиционалните медиуми важат и за онлајн медиумите. Онлајн медиумите не смеат да користат говор на омраза, да клеветат, да  не го почитуваат право на приватност или да крадат текстови затоа што одговараат исто како и традиционалните медиуми согласно кривичниот законик, законот за клевета, законот за заштита на приватноста или законот за авторско право“, рече Ричлиев.

Според него, потребна е пракса во која медиумите својот интегритет ќе го гарантираат со транспарентен идентитет, преку објавување на сопственоста на медиумот и објавување на импресум каде ќе се види уредувачка структура, а новинарите да ги потпишуваат текстовите.

Адамчевски соопшти дека Советот на етика има донесено нов правилник за членство на онлајн медиумите. „ Да имаат наведено импресум, да потпишат дека ќе ја поддржат саморегулацијата/ќе го почитуваат Кодексот на новинарите и Повелбата за етичко известување и на својата страница да постават банер за тоа. Објавените текстови да се потпишани од автор, да се портали кои редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес, да имаат регистрирано мк – domain, да ги објавуваат одлуките на СЕММ, а при преземање содржини од други медиуми да го наведат изворот“.

Двете објавени анализи можете да ги погледнете на следните линкови:

Препораки за зголемување на интегритетот и професионалноста на онлајн медиумите

Препораки за одговорни онлајн медиуми

Студентски митинг под мотото „Медиумски писмен студент“

0

СКОПЈЕ, 27.10.2017 – Студентски митинг под мотото „Медиумски писмен студент“ ќе се одржи денеска пред УКИМ, во организација на Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) и Високата школа за новинарство, а поддржан од Европската Унија.

Митингот е со цел „драматизирање“ на значењето на медиумската писменост кај студентите, односно колку е драматично важно да не бидат жртва на медиумите и медиумските манипулации.

Предвидено е да говорат студентите кои, како што велат организаторите, ќе испратат пораки против пропагандата, агресивното потрошувачко општество, отуѓувањето, рекламното тероризирање, жртвите на видео игрите, лажните вести, агресивниот маркетинг и медиумскиот хаос.

Подобрено медиумското известување за избори, помалку напади на новинари

0

СКОПЈЕ, 13.10.2017 – Вчера во Клубот на новинари се одржа дебата на тема:„Известување на медиумите во изборна кампања, искуства и предизвици“. На дебатата свои излагања имаа директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала и претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Зоран Трајчевски оцени дека за локалните избори медиумите известуваат далеку порамномерно и попрофесионално во споредба со претходните два изборни циклуси, каде беше забележано нерамномерно известување и воочлива координација во известувањето. Тој истакна дека годинава за прв пат судот во Скопје постапи во законски рок по пријавата на АВМУ и донесе пресуда за само 48 часа по поднесувањето. Според него, судот сеуште не ги решил предметите на АВМУ поднесени пред две години.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала посочи дека наместо да се информираат, луѓето се контаминираат со омраза преку медиумите и постојат сериозни забелешки за однесувањето на судовите. Тој го истакна случајот каде судот ефикасно казни македонски граѓанин за навреда на претседателот на Турција, но не го санкционира говорот на омраза искажан во провладините медиуми во минатoто.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека постои тренд на намалување на напади врз новинарите. За разлика од декемвриските избори кога беа регистрирани два физички напади на новинари, на оваа изборна кампања нема ниту еден физички напад, туку само вербални закани.

„Полицијата почна сериозно да ги истражува нападите, но загрижува фактот дека од 54 напади ниту еден напаѓач не е казнет од судовите. Тоа покажува јасна политика на неказнивост. Само 10 случаи се целосно истражени и поднесени се пет кривични и уште толку прекршочни пријави. Со политиката на неказнивост не можеме да очекуваме подобрување на слобода на говорот“, истакна Селмани и се заложи за изградба на ефикасен институционален механизам за превенција на насилство против новинари, во кој ќе учествуваат полицијата, обвинителството и судот..

Оваа дебата беше организирана од страна на ОнЛимит медиа и ЗНМ, а финансиски поддржана од Цивика мобилитас.

ЗНМ обезбеди етички кодекс за медиумите во Македонија

0

СКОПЈЕ, 03.10.2017 – Здружението на новинарите на Македонија испрати примероци од Кодексот на новинарите на Македонија до сите медиуми регистрирани во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Етичкиот кодекс на ЗНМ беше усвоен во 2001 година и за прв пат беше дистрибуиран до сите медиуми во земјата. Поради неодамнешните случувања и претстојните локални избори, се појави потребата од негово повторно преставување.

Како и во останатите професии, така и во новинарството, етичките принципи се базираат на основните вредности на професијата и стандардите на кои се придржува секој еден професионалец. Со почитување на овие 17  принципи и етички вредности, новинарите преземаат одговорност за информациите кои ги пренесуваат, независно за кој медиум работат.

Исто така, ЗНМ смета дека на овој начин може да придонесе во борбата со лажните вести и медиумската пропаганда со промовирање на етичките стандарди при известувањето.

Кодексот на новинарите на Македонија беше изработен на шест јазици (македонски, албански, турски, влашки, ромски и англиски), а ќе биде доставен до сите медиуми соодветно на јазикот на кој работат.

Оваа активност е во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи“ кој е финансиран од страна на Европската Унија и институционалниот грант на Civica Mobilitas, програма за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската агенција за развој и соработка. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЗНМ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Заврши проектот „Зад насловите“

0

СКОПЈЕ, 02.10.2017 – Со изложба на фотографии на Роберт Атанасовски на кои се регистрирани некои од поголемите настани на кои новинарите, фоторепортерите и снимателите учествуваа како активни чинители или како професионалци кои следат настан ССНМ го означи крајот на едногодишниот проект „Зад насловите“.

Проектот беше поддржан од Здружението на новинарите на Македонија во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи во Македонија”, што го спроведува ЗНМ во соработка Европската федерација на новинари (ЕФЈ), а со финансиска поддршка од Европската Унија.

„Зад насловите“ обединува активности на ССНМ фокусирани на лоцирање на клучните проблеми кои ја обременуваат професијата, методи и начини преку кои се гуши слободата на изразување и воедно да понуди можни решенија.

Беа  изготвени аналитички и истражувачки текстови за мобингот во редакциитеза паралелните здруженија и синдикати, за почитувањето на работните права во редакциите, потребата од реформи во МРТВ,судските случаи на ССНМ и истражување за нивото на просечните примања во медиумите.

Сите теми беа проследени со дебати и дружења на колегите во Социјалниот центар „Дуња“ каде е седиштето на ССНМ.

Извор: ССНМ

 

На настан на АВМУ промовиран е моделот на ЗНМ за финансирање на МРТ

0

СКОПЈЕ 28.09.2017 – Агенцијата за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги вчера ја претстави анализата на пазарот на радиодифузерите за 2016 година. Анализата констатира видливо намалување на приходите на три национални телевизии, како што се, Сител, Канал 5 и Алфа, додека има благ пораст на приходите кај Телма и Алсат-М.

Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски објасни дека намалувањето на приходите за националните телевизии, меѓу другото, е последица на укинувањето на владините реклами.

Во врска со финансирање на јавниот сервис, бројките покажуваат дека лани МРТ собрал околу десет милиони евра од радиодифузна такса и околу пет милиони евра дотации од Владата.

На јавната презентација на извештајот, Агенцијата го посочи ЗНМ како единствен субјект, кој во изминатиот период се занимавал со решавањето на проблемот со финансирањето на МРТ.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски објасни дека единствен начин јавниот сервис да застане на здрави нозе е да се обезбеди годишен буџет од околу 25 милиони евра, со што ќе се зајакне институционалната автономија и уредувачката независност.

Секуловски истакна дека МРТ во споредба со останатите регионални јавни сервиси има десет пати помал буџет, а од друга страна постојано се зголемуваат обврските, како што е отворање на нов канал со 24 часовна програма на албански јазик.

Тој посочи дека јавниот сервис е во големи долгови, неповолна кадровска структура на вработените, непостоење на дописничка мрежа, како и лоша опременост.

Осуда за оштетувањето на возилото на новинарката Клинчарова

0

СКОПЈЕ, 15.09.2017 – Здружението на новинарите на Македонија го осудува оштетувањето на возилото на новинарката на неделникот Фокус, Вики Клинчарова и го оценува како директен атак врз слободата на говорот и правото на информирање.

Колешката Клинчарова, на која вчера непознати сторители со остар предмет го оштетиле нејзиното возило, минатата недела добила закани од лице со криминално досие поради објавен текст во неделникот.

Разочарани сме од бавната реакција на полициската станица во Неготино, која испуштила веднаш да го повика на разговор лицето што упатувало закани на новинарката, со објаснување дека било празник.

Политичката волја на Владата и на новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски да престанат нападите на новинари нема да вроди со плод ако ваквата политика не се спроведе од сите полициски структури.

Најдобра превенција на идни напади на новинари е воспоставување на ефикасен институционален механизам за остро казнување на напаѓачите на новинари. Тоа ќе ги обесхрабри насилниците и ќе создаде безбеден амбиент за работа на новинарите, без кое нема да се подобри состојбата со слободата на медиумите во Македонија.

ЗНМ во последните шест години има регистрирано над 50 напади на новинари, а ниту еден од насилниците не е казнет.

Бесплатни информации од МИА за интернет порталите

0

СКОПЈЕ, 13.09.2017 – Македонската информативна агенција во соработка со Здружението на новинарите на Македонија  и Советот за етика во медиумите на Македонија излегуваат во пресрет на потребите на веб порталите за известување за претстојните избори.

На денешната заедничка прес-конференција првиот човек на МИА, Драган Антоновски објави дека сите интернет медиуми кои ќе го почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија и Повелбата за етичко известување ќе добијат бесплатен пристап до сите информации на МИА за Македонија во наредните три месеци. Идејата е на овој начин да се подобрат професионалните новинарски стандарди.

„Во име на нивно подигнување, во сопирање на пропагандата, дезинформирање и лажните вести сите портали кои сакаат да пренесуваат точни и проверени информации ќе може да бидат наши корисници бесплатно“ истакна директорот на МИА, Антоновски.

Првите луѓе на СЕММ и ЗНМ, Марина Тунева и Насер Селмани ја поздравија ваквата иницијатива на МИА. „Заедничката порака што ја испраќаме денеска е дека ги повикуваме медиумите да дејствуваат како стожери на јавниот интерес и да работат во согласност со највисоките стандарди на професијата“ рече Тунева.

Ваквата понуда од МИА ја поздравуваме и поддржуваме, вели Селмани, бидејќи таа е во согласност со заложбите на ЗНМ за објективно и професионално известување. Дополнително, според него, на овој начин ќе се засили саморегулацијата во медиумите и ќе се создаде амбиент во кој непрофесионалните новинари сами ќе се обележат и изолираат“.

Заинтересираните веб портали за да добијат бесплатен пристап до вестите ќе треба да се пријават во МИА за да можат да добијат пристап до нивниот сервис.

Доставени забелешките за Нацрт-законот за медиуми

0

СКОПЈЕ 12.09.2017 – Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија вчера до Министерството за информатичко општество и администрација доставија забелешки за Нацрт – Законот за именување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Главни забелешки на организациите е процентот од буџетот за финансирање на МРТ, прецизирање на листата на предлагачи на членови во Советот на МРТ и на Советот на Агенцијата за медиуми, како и бришење на два членови од законот што се однесуваат на принципите за известување на новинарите во изборна кампања.

Организациите остануваат на ставот дека еден процент од буџетот треба да се одвои за финансирање на МРТ, за што се даваат конкретни аргументи, како што е недоволната опременост на МРТ, немање дописничка мрежа, ниските плати на вработените, како и потреба за вработување на нов искусен и квалитетен новинарски и друг креативен персонал. Освен тоа, со измените на законот предвидено е вториот канал на МРТ  да прерасне во посебен канал со 24 часовна програма на албански јазик, а програмата на останатите етнички заедници да се префрли на третиот канал. Сите овие обврски на МРТ бараат значително зголемување на средствата за нејзиното нормално функционирање како независен и професионален јавен сервис, кој ќе биде во служба на граѓаните.

Трите организации сметаат дека во листата на предлагачи треба да се прецизира дека Здружението на новинарите на Македонија предлага членови во Програмски совет на МРТ и Советот на Агенцијата. Со тоа ќе се обезбеди во овие тела членови да предлагаaт компетентни, кредибилни и независни организации, кои ги преставуваат интересите на новинарите.

Во забелешките се бара дополнително намалување на висината за надоместок за дозвола за телевизиско или радио емитување. Освен тоа, се инсистира Агенцијата за медиуми пред да покрене било каква прекршочна постапка, треба да ги опоменува јавно медиумите.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ бараат и бришење на член 62-а и 62-б од законот, кои се однесуваат на политички плурализам во вести и дневно информативни програми во изборна кампања. Ние веруваме дека новинарските стандарди не можат да бидат објект на законска регулација, туку на саморегулација во медиумите. Ако етички новинарски  стандарди се стават во закон, постои голема опасност тие да се злоупотребат за ограничување на слободата на говорот и слободата на медиумите.