Home Blog Page 32

Кој се заканува на редакцијата на Маглочистач

0

Регионалната платформа за Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 7800 членови, најостро ги осудува смртните закани насочени кон порталот Maglocistac. Мрежата ги повикува државните органи на Република Србија да преземат соодветни чекори за идентификација на авторите на овие опасни закани и соодветно да ги санкционираат.

Коментарите објавени под написот на порталот Maglocistac кој е со седиште во Суботица, содржат експлицитни закани за членовите на редакцијата – дека тие ќе бидат “заклани како зајаци” и дека нивните “крајници ќе бидат уништени од чизми”. Причината за заканите беше статијата „Ние сме сите Госа работници, а сите владетели се Лабани” објавена на 4 септември, каде се известува за смртни закани од градоначалникот на Суботица Богдан Лабан, насочени кон еден од неговите колеги во партијата.

„Заштитата на новинарите во Србија е неефикасна и бројот на закани, особено преку социјалните мрежи, се зголемува константно. Се повеќе и повеќе поединци дејствуваат сами или им е наложено да испраќаат ужасни закани за новинарите само затоа што ја вршат својата работа. За жал, новиот механизам за заштита воспоставен на крајот од 2016 година од страна на полицијата, обвинителството и новинарите и медиумските организации не постигна никакви резултати “, рече Светозар Раковиќ, Генерален секретар на Здружението на независни новинари на Србија и додаде: „Со тоа што јавно не ги осудуваат нападите врз новинарите и медиумите, јавните службеници тивко ја поддржуваат политиката на неказнување и како такви немаат право да зборуваат за слободата и демократијата на европскиот пат на Србија “.

Регионалната платформа го поддржува НУНС и ги повикува српските институции да ги спроведат меѓународните стандарди за заштита на новинарите, нивната безбедност и слободата на изразување кои се вградени во националното законодавство. Ова ќе обезбеди слободни и безбедни работни услови за новинарите и медиумите.

Од почетокот на годината НУНС има евидентирано 22 случаи на напади и закани врз новинарите во Србија, вклучувајќи го тука и последниот инцидент.

Регионалната Платформа силно ги поддржува новинарските и медиумските организации во напорите за заштита на новинарите и слободата на изразувањето. Според неа секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

 

Skopje – Belgrade – Podgorica – Pristina – Sarajevo – Zagreb

BH Journalists Association

rade Union of Media of Montenegro

Croatian Journalists’ Association

Association of Journalists of Kosovo

Association of Journalists of Macedonia

Independent Journalists Association of Serbia

Средба со Манчевски за субвенционирање на весници

0

СКОПЈЕ 11.09.1017 – Здружението на новинарите на Македонија заедно со претставници на печатените медиуми се сретнаа со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

На средбата се разговараше за можноста за субвенционирање на печатените медиуми во Македонија. Оваа тема беше иницирана од ЗНМ со цел да се помогне на весниците да се прилагодат на новите услови за работење на пазарот, особено по појавата на интернетот и социјалните мрежи.

Загрижени од затворањето на неколку весници, ЗНМ смета дека Владата има на располагање низа можности преку кои може да ги помогне нив за да се преструктурираат на пазарот. „Владата може да воведе разни даночни олеснувања, попусти за јавни услуги, субвенционирање за хартија, печатење или помош за развој на дистрибутивната мрежа на весниците. Такви мерки се применуваат во разни европски земји“ истакна на средбата директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Претставници на печатените медиуми предложија разни форми на субвенции и истакнаа дека без соодветна помош нивната егзистенција е доведена во прашање.

Министерот Манчевски искажа разбирање за проблемите со кои се соочуваат весниците и се согласи заедно со Здружението да се организира дебата, на која ќе бидат повикани сите претставници на печатените национални и регионални медиуми во Република Македонија за да се разговара за можните модели на субвенционирање.

ЗНМ ја поздравува одлуката на Владата за отвореност на информациите

0

СКОПЈЕ 06.09.2017 – Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Владата за обезбедување на бесплатен пристап на новинарите до документите од Централен регистар и Агенцијата за катастар на недвижностите.

Веруваме дека бесплатниот пристап на новинарите до важни документи во земјата ќе го олесни пристапот на истражувачките новинарите до информации од интерес за јавноста, а со тоа ќе се подобри и информираноста на граѓаните.

Сметаме оваа одлука ќе ја зголеми транспарентноста, отчетноста и одговорност на носителите на јавните функции, а воедно ќе влијае и за намалување на корупцијата и на разни форми на злоупотреби на власта.

„Постојано сме инсистирале на новинарите да им се овозможи слободен пристап до информациите од јавен карактер со цел да се поттикне развојот на истражувачкото новинарство кое се наоѓа на маргините на медиумскиот простор“ истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

ЗНМ и во иднина ќе ја поддржи секоја мерка на Владата која оди во прилог на обезбедување поволен амбиент за работа на новинарите.

Осуда на нападот врз екипата на Новатв

0

СКОПЈЕ 24.08.2017 – Здружението на новинарите на Македонија го осудува нападот во Скопје врз новинарската екипа на НОВАТВ, извршен од страна на претставник на граѓанската иницијатива за собирање на потписи против изградба на бегалски кампови во Македонија.

Нападот врз екипата на НОВАТВ е недвосмислен атак врз слободата на говорот и правото на граѓаните да бидат информирани.

Ја повикуваме опозицијата да го повика членството и своите поддржувачи да престанат веднаш со напади против новинари затоа што политиката на насилство е погубна.

Охрабрени сме од брзата реакција на Министерството за внатрешни работи, кое веднаш го идентификува лицето, го повика на информативен разговор и најави кривична пријава за насилство.

Изградба на ефикасен систем за казнување на секое насилство против новинарските екипи е најдобрата превенција слични инциденти да не се повторат во иднина.

Поздравено укинувањето на владиното рекламирање

0

СКОПЈЕ 24.08.2017 – Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Владата трајно да ги укине владините реклами во сите медиуми со што ќе се прекине коруптивната врска меѓу власта и медиумите.

Укинувањето на рекламите ќе ги ослободи медиумите од финансиската зависност од владата, која во изминатиот период стана еден од најголемите огласувачи во медиумите. Со тоа, таа ги претвори медиумите во пропагандна машинерија и спречуваше било каква јавна критика.

Веруваме дека без владини реклами ќе се воспостави нормален медиумски пазар, кој ќе обезбеди поголема финансиска и професионална слобода на медиумите. Иднината на медиумите треба единствено да зависи од подобрувањето на квалитетот на новинарската содржина,  со што ќе се врати довербата на граѓаните и огласувачите.

Во однос на најавите дека во иднина целата комуникација со граѓаните ќе оди преку јавниот радиодифузен сервис, потенцираме дека Владата треба да биде транспарента кон сите медиуми, а не само кон МРТ. Обврска на владата е да ги прави достапни сите информации од јавен карактер, а од МРТ и приватните медиуми зависи на кој начин тие ќе бидат презентирани. Уредувачка независност на медиумите треба да биде почитувана.

Анализа за социјалните права на новинарите од Источна Македонија

0

СКОПЈЕ 23.08.2017 – „Социо-економската положба на новинарите во Источна Македонија“ е најновата анализа на Здружението Младински клуб – Штип, подготвена од новинарите Тони Михаилов, Игор Стојанов и Иван Бојаџиски, во рамките на проeктот „Мрежа на новинари за медиумските слободи“ на Здружението на новинарите на Македонија, поддржан од Европската Унија.

Во анализата се опфатени околу 60 новинари од Источниот регион, со цел да се дознае состојбата во која работат и живеат новинарите. Истражувањето се фокусира на почитувањето на работните правата на новинарите во медиумите во Источна Македонија.

Истражувачките стории покажуваат дека новинарите во Источна Македонија работат за минимални плати, без можности за годишен одмор, без слободни денови во текот на неделата и дека во најголем дел од медиумите не се почитува законот за работни односи.

Бројките кои произлегоа од анализата се фрапантни. Дури 80% од новинарите земаат пониска плата од просечната плата во Р. Македонија, речиси 75% од испитаните новинари би ја замениле новинарската професија со друга. Македонската телевизија нема ниту еден ангажиран дописник новинар во целиот источен регион, додека Македонското радио има само тројца дописници.

Дел од истражувањето опфати и аспекти на новинарите и невладиниот сектор, односно што може граѓанскиот сектор да направи во насока на подобрување на состојбите со медиумите и новинарите и обратно – како новинарите можат да го поддржат и подобрат цивилниот сектор во земјата.

Целото истражување можете да го погледнете во прилог: Социо-економската положба на новинарите во Источна Македонија

Обука за застапување на вработените во канцеларијата на ЗНМ

0

СКОПЈЕ 21.08.2017 – Вработените во канцеларијата на Здружението на новинарите на Македонија учествуваа на обуката „Градење на стратегија за застапување и лобирање“

Обуката беше организирана во рамките на проектот: „Регионална платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и заштита на новинарите“ кој е поддржан од Европската Унија и се спроведува во земјите од западен Балкан.

Дводневната обука се одржа во просториите на ЗНМ од искусниот обучувач Сузана Јашиќ од Хртватска. Јашич е експерт во областа на застапување и лобирање и поранешен претседател на граѓанската организација ГОНГ, чија главна цел е унапредување и промовирање на човековите и граѓанските права.

Оваа обука послужи за креирање на долгорочна стратегија на ЗНМ во областа на застапувањето и лобирањето за новинарските права и слободи. Стекнатите знаења помагаат во градењето на капацитетите на Здружението и своите вработени со цел да се влијае на подобрувањето на медиумските слободи и за безбедноста на новинарите преку современите начини на лобирање и застапување.

Се повеќе се влошува медиумската ситуација на Балканот

0

СКОПЈЕ 08.09.2017 – Медиумската положба на Балканот се повеќе се влошува, смета Дуња Мијатовиќ, поранешната претставничка на ОБСЕ за слободата на медиумите. Таа за „Слободна Европа” изјави дека тоа е “резултат на војните и општествата во транзиција”.

“Сепак за тоа стои неподготвеноста на политичарите и од оние кои ја имаат моќта да излезат од под контрола и имаат влијание во медиумите”, истакна таа. “За жал, сите велат дека се демократи. Но во пракса се однесуваат како земји каде што нема медиумски плурализам “, истакна Мијатовиќ. Според зборовите, виновни за тоа не се новинарите, иако не им достигнува солидарност и плурализам.

“Има проблем со економијата поради недостигот на пари. Многу е мал пазарниот колач, кој  треба да се подели меѓу многу медиуми. Недостига и едукација, смета Мијатовиќ. Таа тврди дека во глобален план медиумската ситуацијата е многу проблематична. “Проблем не се само лажните вести, туку и намерата и избликот медиумите да бидат ставени под контрола многу повеќе од порано”, категорична е Дуња Мијатовиќ.

 

Извор: www.lokalno.mk