Home Blog Page 33

АВМУ почна мониторинг на медиумското известување за локалните избори

0

СКОПЈЕ 07.08.2017 – Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (АВМУ), согласно Изборниот законик, денеска почна мониторинг на известувањето на радиодифузерите за Локалните избори 2017.

АВМУ соопшти дека до сите радиодифузери веќе е испратен допис во кој прецизно се информираат за обврските од Изборниот законик до коишто треба да се придржуваат до започнувањето на изборната кампања. Ќе се одржат и посебни обуки. За начинот на известување на радиодифузерите Агенцијата ќе објавува извештаи за секој период од десет дена.

Методологијата за мониторинг и Изборниот законик се достапни на веб-страницата на Агенцијата (www.avmu.mk) во посебниот банер Избори 2017, каде ќе се објавуваат сите информации поврзани со локланите избори.

Од вчера, кога беа распишани изборите, тече рокот од пет дена во кој сите телевизии и радија кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање за време на изборната кампања треба да ги утврдат и достават ценовниците до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Извор: МИА

Цивил го започна проектот „Слободни медиуми за слободно општество“

0

СКОПЈЕ 07.08.2017 – ЦИВИЛ – Центар за слобода има чест да го објави почетокот на проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Со овој проект, ЦИВИЛ ќе даде придонес во неколку комплексни области во тешкиот период на транзиција и демократизација на општеството и државата.

Со искусен тим, прекален во годините на предизвици, ќе се создаде и артикулира слободен и безбеден простор за динамична размена на информации, ставови и анализи, кои ќе им се понудат на јавноста и институциите. Воедно, проектот ќе даде голем придонес кон политичкиот и општествениот дијалог, јакнење на слободата на изразувањето и медиумската писменост на граѓанките и граѓаните. Политичката култура ќе се збогати со содржини за граѓанска едукација и одбрана на човековите права и слободи, вклучувајќи го и гласачкото право.

Слободните медиуми се основен предуслов за слободно општество, како што единствено слободното општество може да создава медиумски простор во кој информацијата и ставовите се слободни од корупцијата и притисоците кои ги наметнуваат центрите на моќ. Во тие две насоки – ослободување и деконтаминација на медиумскиот простор и охрабрување на граѓанките и граѓаните да градат слободно општество, ЦИВИЛ ќе го спроведува овој комплексен и динамичен проект.

„Слободни медиуми за слободно општество“ е уште еден проект кој во целост го отсликува карактерот на ЦИВИЛ, кој ќе биде активен деноноќно и ќе создаде целосно независна медиумска платформа која ќе служи како јавен ресурс за медиумите, граѓански организации и сите активни граѓанки и граѓани. Тимот на ЦИВИЛ веќе работи на проширување на мрежата на соработници од целата земја, а според планот на имплементација, ќе одржи 88 помали и поголеми настани и теренски активности, не сметајќи ја секојдневната медиумска продукција.

Извор: Civil

Грантови за новинари за прекугранични истражувања

0

СКОПЈЕ 07.08.2017 – Journalismfund.eu доделува грантови за професионални новинари за прекугранични истражувања. Преку грантовите се поддржуваат тимови на новинари од неколку земји кои работат надвор од нивните земји на заеднички приказни.

Политичарите носат одлуки кои имаат влијание преку границите. Бизнисот и трговијата исто така се одвиваат меѓудржавно. Дури и криминалците воспоставуваат своја мрежа на активности во разни држави. Ако новинарите сакаат да се спротивстават на ваквото влијание, меѓуграничната соработка е една од алатките. За истражување исто како и за објавување.  Токму ова е една од основните цели на ваквиот грант.

На повикот можат да аплицираат сите новинари од Европа (кои се наоѓаат на географското подрачје на Европа). Сите заинтересирани може да аплицираат на следниот ЛИНК.

ЗНМ со иницијатива за помош на печатените медиуми

0

СКОПЈЕ 01.08.2017 – На 21 јули во Клубот на новинари по иницијатива на ЗНМ се оствари средба на која учествуваа претставници на печатените медиуми, членови на ЗНМ, и тоа: неделниците Фокус и Капитал, како и дневните весници Лајм, Коха, Нова Македонија, Слободен печат и Македонски спорт.

На овие средби беше дискутирано за најдобрите практики за субвенционирање на печатени медиуми во регионот и пошироко. Субвенционирање на медиуми како тема е наметната од ЗНМ како одговор на проблемите со кои се соочуваат печатените и локалните медиумите поради појавата на интернетот и социјалните мрежи, кои негативно влијаат на нивниот опстанок. Ние секогаш сме се спротивставувале на вмешување на владата во финансирање на медиумите преку владини реклами затоа што со тоа се влијае на пазарот и на уредувачката политика. Меѓутоа, разни форми на субвенционирање на најкревките медиуми, под јасни и транспаренти критериуми, се присутни секаде во земјите од Европската унија.

Присутните побараа идните консултативни средби да се одржат по покровителство на МИОА, како надлежен орган за медиумските политики во Република Македонија. На ова барање, ЗНМ одговори со допис до МИОА со кој беше побарано од министерот Манчевски да ја разгледа можноста да се формира експертска работна група во рамки на министерството на која освен претставници на весниците и ЗНМ, треба да се вклучат и стручните служби на МИОА. На средбата би се разговарало и за формите на субвенционирање на печатените медиуми на национално и локално ниво, како што се даночните олеснувања, попусти за одредени јавни услуги, субвенционирање за хартија и печатење, како и директна форма на помош за истражувачко новинарство.

ЗНМ во интерес на очекуваните реформи кои имаат за цел да ја подобрат состојбата на медиумите во државата, инсистираше оваа средба да се оствари што поскоро.

Членовите на ЗНМ дополнително ќе бидат информирани за заклучоците кои ќе произлезат од овие средби.

ЗНМ го осудува вербалниот напад кон новинарите на ТВ ВИС во општина Ново Село

0

СКОПЈЕ 26.07.2017 – Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува вербалниот напад и недоличното однесување на градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Божин Јованов кон новинарската екипа на ТВ Канал ВИС од Струмица.

Колешката Стојне Митева и снимателот Кире Пиличев биле навредувани со најгрди зборови и спречени да известуваат од седницата на Советот на општина Ново Село одржана вчера, а на која се расправало за распишување референдум за или против работата на рудникот Иловица.

За ЗНМ е недозволиво градоначалник на една општина, во случајов Блажо Велков, да спречува новинари во професионално работење, иако станува збор за јавна седница, какви што треба да бидат сите седници на еден

општински совет. Уште понедолично е колегите да бидат навредувани од советници избрани од граѓаните. Тие наместо да се залагаат за отчетност и транспарентност пред избирачите, а тоа најдобро се прави преку медиумско пренесување на нивната работа, се обидуваат да ги спречат новинарите во исполнување на своите обврски.

ЗНМ бара одговорност за ваквото недолично однесување на градоначалникот и советникот од општина Ново Село. Најмалку што може да сторат е јавно да им се извинат за таквите свои постапки на колегите од ТВ ВИС.  Истовремено, ги повикуваме политичките партии пред локалните избори да ги повикаат своите членови и активисти да се воздржат од ваквото однесување кон медиумите.

Осуда на заканите на симпатизери на ДУИ кон ТВ Шења

0

СКОПЈЕ 20.07.2017 – Здружението на новинари на Македонија ги осудува заканите на симпатизерите на Демократската унија за интеграција кон екипата на Телевизијата Шења, кои вчера беа попречени да известуваат за комуналните проблеми во скопската општина Чаир.

Ги повикуваме надлежните институции да ги идентификуваат насилниците и да ги изведат пред лицето на правдата. Насилството против новинарите и медиумските работници е неприфатливо и претставува напад врз демократијата.

Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот.

ЗНМ, исто така, ја поздравува изјавата на премиерот Зоран Заев, кој денес ги осуди заканите кон ТВ Шења и повика да се истражи случајот и да се казнат насилниците.

Укинат притворот на новинарот Зоран Божиновски

0

СКОПЈЕ 17.07.2017 – Новинарот Зоран Божиновски e пуштен од притвор од затворот во Шутка, потврдија  од Кривичниот суд. По речиси 15 месеци поминати во притвор, Кривичниот суд реши да го укине притворот и го замени со други мерки на претпазливост.

„Постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за укинување на мерката притвор за обвинетиот З.Б., обвинет во предметот со КОК бр. 79/16, судечкиот судија на денешниот главен претрес донесе одлука со која предлогот на обвинителот се уважува и мерката притвор се укинува, а согласно предлогот се определуваат превентивни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката. Против ова решение дозволено е право на жалба во рок од 3 дена“, е наведено во соопштението од Судот.

Здружението на новинарите на Македонија постојано инсистираше на Божиновски да му се овозможи да се брани од слобода. Во многу наврати ЗНМ предупредуваше дека држење во притвор на новинар скоро три години е апсолутно незабележана практика во слободни и демократски земји.

Македонија беше единствена земја во регионот каде има новинар во затвор. „Ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, каде постојано се прогонуваат новинари“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Инаку, новинарот Божиновски е обвинет во случајот „Шпион“ и се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

Придонесот на цивилното општество за интеграција на Балканот во ЕУ

0

СКОПЈЕ 13.07.2017 – Во понеделник и вторник во Сараево се одржа Шестиот Форум на цивилното општество од земјите на Западен Балкан, организиран од Европскиот економски и социјален комитет, на кој се разговараше за најголемите предизвици со кои се соочуваат балканските земји, како што е слободата на говорот, евроинтеграцијата, улогата на социјалните партнери и на цивилното општество во промоција на одржлив развој и вработување, како и за миграцијата и правата на жените.

На Форумот присуствуваше и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, кој на панелот посветен на слободата на говорот зборуваше за улогата на невладиниот сектор во промоција на слободата на медиумите и начинот на решавање на најгорливите проблеми.

Селмани рече дека невладините организации треба да ја кренат свесноста на граѓаните дека слободата на говорот е елементарно човеково право загарантирано со домашното и меѓународното право. „Граѓаните треба да разберат дека имаат право слободно да ги изразат нивните размислувања, без вмешување на властите, но при тоа почитувајќи ги правата и слободите на другите граѓани“, рече Селмани и додаде дека невладините организации треба да ги осудат и да ги документираат сите прекршувања на слободата на говорот.

Според него, најголемите причини за непочитувањето на слободата на говорот во земјите од Западен Балкан се отсуството на демократска традиција, неуспехот да се изградат одговорни политички елити, кои веруваат во демократските вредности и водат сметка за интересите на нивните земји и граѓани.

„Политичките системи на Балканот не се демократски, туку хибридни демократии. Јас ги нарекувам советски демократии, кои како модел ја имаат Русија на Путин“, рече Селмани и додаде дека комунизмот падна, но останаа авторитарните практики на владеење.

Зборувајќи за решавање на проблемите со слободата на говорот во земјите на Балканот, Селмани рече дека властите мора јавно да го осудат насилството против новинарите и да ги исполнат нивните законски обврски да ги казнат насилниците. Тој побара да престане вмешувањето на властите во финансирањето на приватните медиуми бидејќи со тоа се отвара можноста владите да ги контролираат медиумите.

Освен тоа, тој предложи зајакнување на јавните радиодифузни сервиси, охрабрување на судиите и обвинителите да ја применат праксата на Европскиот суд за човекови права како и побара зголемување на транспарентноста на институциите и зајакнување на само-регулацијата во медиумите.

На крајот на Форумот беше усвоена и декларација,  во која уште еднаш беа реафирмирани основните демократски начела, како што се почитување на основните човекови права и слободи и владеењето на правото.  Целосниот текст на Декларацијата можете да го најдете на овој линк: http://www.eesc.europa.eu/?i=portal.en.events-and-activities-6th-western-balkans–declaration

Балканските новинари заедно лобираат за слобода на говорот

0

СКОПЈЕ 07.07.2017 – Претставници на Здружението на новинари на Македонија учествуваат на обуката за застапување за слобода на изразување, која се организира во Подгорица, во рамките на регионалната платформа за безбедност на новинарите од западен Балкан, која се финансира од Европската комисија.

Освен претставници на ЗНМ во обуката учествуваат и претставници на новинарските здруженија од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Претставниците на овие новинарските организации вчера во Подгорица имаа заедничка прес конференција, на која зборуваше и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Селмани рече дека Македонија во изминатиот период беше црна дупка во регионот по однос на непочитување на слободата на говорот. Тој објасни дека минатата Влада успеала да изгради перфектен систем на контрола и инструментализација на медиумите. „Основен инструмент на контрола беше корумпирањето на медиумите со јавни пари со цел да се придобие нивната наклонетост, а новинарите кои одбија да се корумпираат станаа легитимна мета на физички и вербални напади“ рече Селмани.

Според него, Македонија е единствена земја во Европа каде има новинар во затвор. „Божиновски веќе три години е во притвор, а сеуште не е завршен судскиот процес. Тој е обвинет за наводна шпионажа и криминално здружување. Целта на секоја власт која користи насилство врз новинарите е да спречи критицизам во медиумите “ рече Селмани.

Тој објасни дека најдобра илустрација за односот на претходната власт кон новинарите се случувањата во Собранието на 27 април, кога приврзаниците на Груевски влегоа во Собрание со намера да ја дестабилизираат земјата и да предизвикаат граѓанска војна. „Сигурно видовте како поддржувачите на Груевски ги напаѓаат пратениците, но она што сигурно не сте го виделе е дека тој ден во Собранието беа нападнати и многу новинари. За тие 3-4 часа тие практично беа киднапирани, а полицијата не успеа да ги заштити. За цело време новинарите беа физички нападнати, им биле упатени вербални закани и навреди, а на еден дел им била одземена и опремата за да не можат да известуваат од настанот“,  рече Селмани.

Претседателот на ЗНМ нагласи дека новата влада има политичка волја да направи сериозни реформи во медиумите, но додаде дека очекува од премиерот и министерот за полиција јавно  да го осудат насилството против новинари и да се заложат за казнување на насилниците.

„Добар знак е дека владата вчера усвои стратегија за итни реформи, која ги содржи клучните барања на ЗНМ и на медиумската заедница“, рече Селмани.

„Регионалната платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и за заштита на новинарите“ ја сочинуваат шест независни новинарски здруженија од западен Балкан меѓу кои Здружението на новинарите на Македонија заедно со партнерските организации од БиХ, Хрватска, Косово, Црна Гора и Србија, а финансиски е поддржана од Европската Унија.