Home Blog Page 34

Обука за новинари за пишување проекти

0

СКОПЈЕ 28.06.2017 – Здружението на новинарите на Македонија во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи “ организираше дводневна обука на тема: Подготовка на ЕУ проекти.

На обуката учествуваа координатори на регионалните центри како и новинари кои на годишното собрание на ЗНМ ја истакнаа потребата за обука на оваа тема.

За време на обуката учесниците имаа можност да научат како се дефинира тема за развој на проект за специфична донаторска програма, како се прави анализа на главните предизвици и на крај како да подготват апликација за ЕУ проект.

Обуката претставува уште една иницијатива на ЗНМ, преку која излегува во пресрет на колегите новинари сакаат да имаат пристап до европските фондови за реализација на разни идеи што можат да придонесат за зајакнување на слободата на изразувањето.

Повик за ослободување од притвор на Божиновски

0

СКОПЈЕ 23.06.2017 – Здружението на новинари на Македонија инсистира новинарот Зоран Божиновски да се пушти од притвор и да му се овозможи да се брани од слобода.

Го повикуваме обвинителот Златко Биковски да го повлече барањето за притвор, а судијата Ленка Давиткова веднаш да го укине притворот. Долгиот притвор против Божиновски повеќе не служи за ефикасно одвивање на судскиот процес, туку прераснува во казна.

Држење во притвор на новинар скоро три години, во екстрадиционен притвор во Србија и притвор во Македонија, е апсолутно незабележана практика во слободни и демократски земји.

Ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, каде постојано се прогонуваат новинари.

Новата влада во Македонија треба јавно во рамките на нивните надлежности да се заложи за ослободување на Божиновски. На сите им е јасно дека мерката притвор во случајот на Божиновски е злоупоптребена од претходната влада со единствена цел да се замолчи еден критичен новинар.

Со почит,

Здружение на новинарите на Македонија

Остра осуда на смртните закани кон Тричковски

0

СКОПЈЕ 19.06.2017 – Здружението на новинари на Македонија остро ги осудува смртните закани против новинарот Бранко Тричковски што ги упати актерот Тони Михајловски, кој денеска на неговиот Фејсбук профил напиша дека би можел да го убие Тричковски без да му трепне око.

Говорот на омраза и повикувањето на насилство против новинари е апсолутно неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. Смртните закани имаат за цел да ги вознемират новинарите и да се замолчи критиката во медиумите.

Јавно повикуваме да престанат сите видови на закани и притисоци против новинарите затоа што ваквиот насилнички говор не може да се смета како слобода на изразување, туку е тешко кривично дело кое се казнува со затвор.

ЗНМ наредната недела до Јавното обвинителство ќе достави писмено барање за кривично гонење на Михајловски според членовите 144 и 386 од Кривичниот законик. Се надеваме дека обвинителството ќе ги цени нашите докази и ќе покрене истрага против Михајловски.

Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите.

Претседателот на ЗНМ се сретна со британскиот амбасадор

0

СКОПЈЕ 15.06.2017 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија денес се сретнаa со британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет. На средбата претседателот на ЗНМ Насер Селмани и амбасадорот Гарет разговараа за мерките што треба да ги превземе новата влада за да се подобри состојбата со слободата на медиумите.

Селмани рече дека новата власт треба да најде начин да го спречи насилството  против новинарите кое ескалираше последните три години. Полицијата, обвинителството и судството мора да ги казнат насилниците и да пратат јасна порака во јавноста дека ваквото однесување нема да го толерираат во иднина. Поразително е што и покрај промената на власта, нападите врз новинарите не престануваат, нагласи Селмани.

Според него, власта мора да престане да троши јавни пари во медиумите бидејќи со тоа создава нездрави одоноси со нив и го нарушува медиумскиот пазар.

Беше констатирана и потребата за реформа во Македонската радио телевизија, која треба да биде сервис на граѓаните, а не средство за пропагадна во рацете на партиите на власт.

Селмани се заложи и за зголемување на транспарентноста на власта, која во иднина треба да организира постојани брифинзи за новинари, каде тие ќе имаат можност да добијат информации за работата на институциите.

„Поголема транспарентност значи помалку шпекулации во медиумите“, рече тој и го посочи примерот на Германија, каде еднаш неделно портпаролите на сите министерства имаат заедничка прес конференција, во која тие одговарат на прашањата на новинарите.

Беше поздравено подобрувањето на судската пракса во однос на тужбите за клевета против новинари, но беше истакнато дека има потреба да се работи за подобрување на комуникацијата и соработката на новинарите и судиите.

Претставниците на ЗНМ и амбасадорот Гарет се сложија дека треба да се искористи моментот за да се спроведат вистински реформи во медиумите со цел гарантирање на слободата на говорот и подобрување на квалитетот на новинарството.

Новинарите и судиите разговарат за подобрување на соработката

0

СКОПЈЕ 29.05.2017 Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во четврток одржаа стручен состанок на тема: „Подобрување на соработката помеѓу новинарите и судиите со цел унапредување на медиумските слободи“. На состанокот учествуваа искусни новинари што следат судство, судии, адвокати и претставници од Советот за етика на медиумите во Македонија.

Целта на состанокот беше да се зајакне соработката меѓу новинарите и судиите, која ќе придонесе за подобрување на судската практика и известувањето на новинарите за судовите.

Директорот на Академијата за обука на судии и обвинители, Анета Арнаудовска, во воведното излагање посочи дека судството се соочува со налетот на глобалните промени, кои бараат модернизација на судството и отворени врати за јавноста. „Судиите мораше да ги отворат судниците за медиумите и цивилното општество во смисла на она што значи сервисно ориентирано судство“, порача Арнаудовска.

Според неа, странките ги знаат своите права и обврски и затоа потребен е современ начин на комуникација со публиката. „Судиите и новинарите треба да ги почитуваат своите професии и да ги надминуваат меѓусебните разлики. И двете професии мора да се држат до својот етички кодекс“, истакна Арнаудовска.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани во својот говор истакна дека добрата соработа меѓу новинарите и судиите е во интерес на демократијата, доброто владеење и благостојбата на граѓаните. Тој смета дека новинарите и судиите се упатени едни на други и можат да бидат сојузници во справување со притисоците од разни центри на моќ.

„Добра соработка со новинарите за судиите значи добра комуникација со јавноста, која може да биде голем поддржувач на независноста на судската власт.  Исто така, и судиите можат да бидат големи сојузници на новинарите кога одредени центри на моќ користат судски постапки за нивно замолчување“, рече Селмани.

Според него, кога новинарите се изложени на закани и притисоци, не се загрозени само нивните индивидуални права и слободи, туку и правото на граѓаните да бидат информирани. „Последица на заплашени новинари е лошо информирани граѓани, кои како такви можат да бидат лесна мета за манипулација. Тие за жал по правило носат лоши политички одлуки, кои потоа негативно влијаат на квалитетот на нашиот живот како заедница“, додаде тој.

Селмани посочи дека новинарите и судиите се соочуваат со заеднички предизвици, со губењето на кредибилитетот и незавинсота. Тој смета дека саморегулацијата во медиумите не ја зголемува само отчетноста на новинарите пред јавноста, туку и направи разлика меѓу професионалните новинари и оние кои се скарани со новинарската етика. „Покажавме дека не сме сите исти. Не сме сите неодговорни, непрофесионални и корумпирани, како што политиката сака да ги претстави сите новинари“, подвлече Селмани.

Д-р Мирјана Трајковска Лазаревска, доскорешна судијка во Европскиот суд за човекови права, рече дека членот 10 од Европската конвенција за човековите права, не ја гарантира слободата на говорот само на новинарите, туку на сите граѓани, вклучувајќи ги тука и уметниците, адвокатите, судиите, политичарите. „Државата не треба да се меша во слободата на изразување и кај невладините организации и кај медиумите.“, сметаше Лазаревска.

Таа истакна дека јавните личности секогаш се изложени на поголема критика од јавноста и затоа кај нив  толерантноста мора да биде поголема. Според неа, судството мора да го модернизира и подобри начинот на комуникација со медиумите и потенцираше дека судиите мора да имаат зголемен однос со јавноста и да ја зголемат транспарентноста. –„Праксата на Европскиот суд за човекови права налага пресудите, настаните на кои учествуваат судиите и сите поголеми случувања веднаш да бидат објавени на официјалната веб страна на судот, а тоа им помага на новинарите да имаат навремен увид во целовкупната работа на судот. Исто така треба да се организираат и тркалезни маси со невладиниот сектор и со новинарите од кои секогаш произлегуваат убави дискусии и квалитетни решенија.“ заклучи Лазаревска.

Свое обраќање на состанокот имаше и Лидија Димчевска, судија во Апелационен суд Скопје, која во своето обраќање нагласи дека новинарите треба да бидат внимателни затоа што вестите често можат да ги повредат луѓето. „Новинарите дури и кога пренесуваат вести од билтен од МВР треба да ја запазат професионалноста на пренесувањето на тие информации, бидејќи и во билтените има пропусти понекогаш.“, подвлече Димчевска.

Новинарката Кристина Мачкиќ во нејзината презентација збореше за грешките што најчесто новинарите ги прават кога известуваат од судски постапки, како што е непочитување на презумпцијата на невиност и не до крај проверување на информациите. Мачкиќ нагласи дека судовите се се позатворени за новинарите и понуди неколку решенија за да се надмине таа ситуација: консултирање на експерти, разговори со уредниците, редовни брифинзи и заеднички обуки на судиите и новинарите.

Претседател на комисијата за жалби на Советот за етика на медиумите во Македонија, Мирче Адамчевски се заложи за подобрување на комуникацијата на судиите со СЕЕМ.

Во дебатата учесниците се сложија дека ваквите состаноци треба да станат редовна пракса додека новинарите повикаа да прекине праксата на неказнивост за нападите на новинарите и примена на праксата на ЕСЧП кога судовите постапуваат за тужби за клевета против новинари.

Здружение на новинарите на Македонија

Скопје 29.05.2017

Делегација на ЗНМ учествуваше на Денот на различноста во Брисел

0

СКОПЈЕ 12.05.2017 Делегацијата на Здружението на новинарите на Македонија составена од претседателот на здружението Насер Селмани и директорот на Здружението Драган Секуловски на покана на Европската асоцијација на новинари учествуваа на „Денот на различноста“ по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.
Настанот се одржа во Брисел, а беше во организација на два поголеми универзитети од Белгија, Европската асоцијација на новинари, Комитетот за заштита на новинари (КЗН), УНЕСКО, БОЗАР, Европскиот парламент и други.
За време на настанот се одржаа многубројни активности и дебати. Нашата делегација учествуваше на панел дебата каде се разговараше на тема за лажни вести со примери од регионот.
Делегацијата на ЗНМ оствари посебни состаноци со претставници на Европската комисија, Универзитетот на Гент од Холандија како и ВУБ универзитетот во Брисел. Освен ова беа остварени состаноци со неколку интернационални медиумски организации како што се „Index on Censorship” и Комитетот за заштита на новинари на кои се разговараше за идни заеднички активност.

Оваа активност е организирана во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи во Македонија“ финансиран од ЕУ, во рамките на приоритетот на слободата на медиумите на инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Гутиерез: Новинарите се под притисок и закани од власта

0

СКОПЈЕ 12.05.2017 Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез кој е во Македонија на покана од Здружението на новинари на Македонија, искажа сериозна загриженост за медиумската состојба, пред се, за нападите врз новинарите. Но и остри критики за анти-новинарската реторика за која, според него, одговорноста е кај политичарите од власта, пред се Груевски, како и останатите. И покрај препораките на Советот на Европа за заштита на новинарите, тие во Македонија не само што се цел на физички и вербални напади, туку и се затвораат. Факт кој ја позиционира Македонија во група заедно со Русија, Турција, Црна Гора и Азербејџан.

„Неприфатливо е во земја членка на Советот на Европа, воопшто граѓанин, а не пак новинар, да биде во притвор подолго од една година. Тоа е целосно спротивно со европските стандарди. Македонија“, рече Гутиерез. Македонија е на самото дно во Европа кога се во прашање медиумските слободи. Голем процент од новинарите се изјасниле дека чувствуваат притисок при извршувањето на професионалните задачи поради што силно е изразена автоцензурата. Според Гутиерез, опасно е строгото регулирање на медиумите. „Во Македонија тие се веќе регулирани и затоа не се потребни нови закони. Прекумерната регулација не е во согласност со европската практика“ , вели тој. Претходната влада уште пред една година потпишала две европски препораки: едната за заштита и безбедност на новинарите а втората за слободата на медиумите на интернет. Со овие препораки практично на Владата и е оневозможено да ја ограничува слободата на изразување на интернет порталите и дополнително таа се согласила дека нема да наметнува непримерни казни.

Оваа активност е во рамки на проектот “Мрежа на новинари за медиумските слободи во Македонија”, финансиран од ЕУ, во рамките на приоритетот на слободата на медиумите на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Овој проект е имплементиран од страна на ЗНМ а во партнерство на Европската федерација на новинари.

12 мај 2017 година, Скопје

МРТ расправа за начинот на известување зад затворени врати

0

СКОПЈЕ 12.05.2017 Здружението на новинари на Македонија остро ја осудува одлуката на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (MРТ) да ја затвори за јавност денешната седница, на која требаше да се расправа за одговорноста на раководството на МРТ и на одговорните уредници за непрофесионалното известување за упадот во Собранието и насилството врз пратениците и новинарите на 27 април, 2017 година од страна на поддржувачи на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Одлуката за затварање на седницата е противзаконска, бидејќи во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги никаде не е предвидена можноста седниците на Советот да бидат затворени за јавност. Неиздржани се аргументите на мнозинството на членови дека седницата морала да биде затворена поради сензитивноста на темата и да се исклучи притисокот врз членовите на Програмски совет и одговорните уредници.

Залудни беа укажувањата на членот на Советот, номиниран од ЗНМ, Ведат Мемедалиу и неговите колеги Илир Рамадани и Анита Љатифи, кои укажувале дека затварањето на седницата е назаконска. Ваквото укажување не било прифатено од мнозиството на членови, кои со седум гласови за, четири против и двајца воздржани одлучиле да ја затворат седницата за јавност. Поради тоа, Мемедалиу, Љатифи и Рамадани демонстративно ја напуштија седницата на Советот, додека членовите што гласаа воздржано за затварањето на седницата, останаа и обезбедија кворум за работа зад затворени врати.

Одлуката на Советот е во спротивност со член два од ЗАВМУ, во кој меѓу другото основна цел е обезбедување на транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис. Ваквото однесување на Програмскиот совет на МРТ е во спротивност и со препораките на Советот на Европа за основање и раководење со јавните радиодифузни сервиси, во кои се инсистира на нивна транспарентност и отченост.

Седницата на Програмскиот совет беше свикана по барање на членот на Советот номиниран од ЗНМ, откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го повика Програмскиот Совет  да го разгледа начинот на известување на МРТ за насилството во Собранието. Во дописот Агенцијата сметаше дека јавниот сервис не обезбедил навремено информирање на граѓаните за настаните во Собранието и не беа организирани дебати што се од исклучителен јавен интерес.

12.05.2017 година, Скопје