ЗНМ на средба со Јовески: ОЈО да престане со прогонот кон Кежаровски



СКОПЈЕ, 31.05.2019 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија се сретнаа со Јавниот обвинител Љубомир Јовески. На средбата се разговараше за неколку теми, меѓу кои, предметот на новинарот Томислав Кежаровски, нападот врз телевизиската екипа на ТВ21 и можните точки на соработка меѓу обвинителството и новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски побара да биде повлечено обвинението против колегата Кежаровски, откако Врховниот суд го врати неговиот предмет на повторно судење. Чадиковски истакна дека овој предмет веќе долго време го руши имиџот на државата во делот на слободата на изразување и како таков мора што побрзо да заврши.

ЗНМ побара од ОЈО да покрене истрага и да ги истражи сите наоди кои беа презентирани во јавноста во врска со неодамнешниот напад врз екипата на ТВ21, во кој беа нападнати новинари од страна на лица блиски до градоначалничката на Општина Арачиново.

Се разговараше за организација на заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзано со слобода на говорот.

Јавниот обвинител Јовески вети дека ќе се заинтересира за предметите за насилство против новинари и ќе ги провери сите наоди кои му беа презентирани на средбата.


AJM, Skopje, 31/05/2019