Регионална платформа: Владата на Србија мора да ги поддржува професионалните новинари, а не да ги ограничува

    0
    10

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.200 членови, остро го осудува апсењето и притворањето на Ана Лалиќ, новинарка на веб порталот Nova.rs. И покрај нејзиното ослободување, сметаме дека ова претставува обид за ограничување на слободниот проток на информации од страна на српската влада како и неприфатливо кршење на прифатените стандарди за слобода на медиумите дури и за време на вонредната состојба. Во средата на 01.04.2020 година, Ана Лалиќ беше уапсена во нејзиниот дом и и беше одреден 48 часовен притвор.

    Нејзиниот стан беше темелно пребаран, а нејзиниот лаптоп, како и двата нејзини мобилни телефони беа конфискувани. Причината за притворот е написот што таа го објави истиот ден со наслов „Клиничкиот центар во Војводина е пред колапс: Нема заштита за медицински сестри“ во кој нејзините извори тврдат дека постои „хроничен недостаток на основна опрема во клиничкиот центар каде што персоналот работи под хаотични услови за време на пандемијата“.

    Беше објавено дека раководството на Клиничкиот центар Војводина поднело тужба против Лалиќ во која таа била обвинета дека ја вознемирила јавноста и го оштетила угледот на центарот. Лалиќ беше ослободена утрово; сепак, притворот се совпадна со усвојување на новиот пакет мерки со кои единствено Владините кризни штабови ќе бидат надлежни за добивање, верификација и дисеминирање на сите информации во врска со пандемијата. Независното здружение на новинари на Србија (NUNS) предупреди дека ваквиот правен акт предизвикува цензура и остава простор за гонење на новинари и медиуми кои објавуваат независни стручни коментари за мерките наметнати од државата под обвинение за ширење дезинформации. Утрово премиерката Брнабиќ најави дека ќе предложи повлекување на новата мерка, сепак, остануваат претходните ограничувања на слободата на медиумите, како што е правото на новинарите да поставуваат прашања.

    – Среќни сме што Ана е надвор од притвор. Таа е добра, но жалиме што мораше да помине низ таков третман – драматично апсење доцна во ноќта, пребарување низ нејзиниот стан и одземање на нејзината опрема. Ја поддржуваме нејзината решеност да не ги открива своите извори од Клиничкиот центар и длабоко сме загрижени дека тие може да бидат компромитирани бидејќи на новинарката и беше одземена опремата – рече Жељко Бодрозиќ, претседател на NUNS и додаде – Премиерката Брнабиќ најави повлекување на новите мерки, но особено загрижува дека тоа го сторила на барање на претседателот Вучиќ и за да избегне критики од Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите и Тања Фајон, претседателка на делегацијата на Европскиот парламент во парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација ЕУ-Србија. Ова подразбира целосен недостиг на разбирање на премиерката Брнабиќ за улогата на медиумите во демократијата и нивото на одговорност на позицијата премиер. Истовремено, ова е доста страшно и сигурно има чилинг ефект врз професионалните новинари во Србија.

    Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се придружува на својот член на NUNS во осудата на неодамнешните активности на Владата. Го поздравува ослободувањето на Ана Лалиќ и повлекувањето на мерките насочени кон ограничување на слободниот проток на информации. Исто така, очекува на Лалиќ да и биде вратена опремата што е можно поскоро и изворите, доколку бидат откриени, да не претрпат никакви последици. Сепак, остро го осудува пристапот на српската влада кон медиумите и ги повикува да го почитуваат Уставот на Република Србија и нејзините законодавни тела и да не ја користат вонредната состојба како изговор за ограничување на слободата на медиумите. Ова е особено важно за време на здравствената криза, како што е пандемијата COVID-19, во време кога професионалното известување и отчетноста на власта е од круцијално значење .

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 02.04.2020 година

    Здружение на новинари во БХ
    Синдикат на медиуми на Црна Гора
    Здружение на новинари на Хрватска
    Здружение на новинари на Косово
    Здружение на новинарите на Македонија
    Независно здружение на новинари на Србија