Регионална платформа: Зошто беше приведена новинарката Лазаревиќ?

    0
    13

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која претставува повеќе од 8.200 членови, остро го осудува притворaњето на уредничката на порталот Kossev.info, Татјана Лазаревиќ од страна на косовската полиција.

    Во саботата, на 11 април 2020 година, повикувајќи се на одлука на косовската влада во врска со ограничувањето на движењето по 12:00 часот, кое не важи за новинарите на должност и покрај тоа што им биле покажани две прес-картички, полицијата ја однела Лазаревиќ во полициска станица каде таа била сослушана, а дури потоа ослободена. Во изјавата дадена за Регионалната платформа, Татјана Лазаревиќ го потврди случајот и објасни дека пред да биде сопрена таа била на пат кон Здравствениот центар – Звечан, за да направи сторија.

    „Полициски автомобили неколку пати пројдоа покрај мене пред еден од нив да реши да застане. Си помислив, сите се познаваме, ова е мал град. Им ги покажав двете мои прес-картички, како што го правев тоа и претходните денови. Но, овој пат, полицијата одлучи да ме приведе и покрај тоа што не прекршив ниту една воведена здравствена мерка“, рече Татјана Лазаревиќ. „Она што ме загрижува е што еден новинар од друг интернет портал ме контактираше за да провери дали навистина сум приведена во моментите кога се случуваше тоа“, додаде таа.

    Од порталот Kossev.info изјавија дека фотографиите од дискусијата на Лазаревиќ со полицијата, непосредно пред притворот, биле објавени на истиот медиум веднаш по разговорот. Лазаревиќ тврди дека на патот не забележала никој друг освен полицијата, а тоа значи дека фотографот негде бил скриен. Ова го поткрепува сомнежот на Kossev.info дека инцидентот претставува уште еден притисок врз овој интернет портал. Неколку дена претходно од Kossev.info се пожалија дека се дискриминирани од властите бидејќи не ги информираат на време за времето и местото на одржување на прес-конференциите кои се однесуваат на пандмијата на Ковид-19.

    „Спречувањето новинари да ја вршат својата работа со произволно полициско запирање, притворање или попречување на пристап до јавни настани, претставува притисок не само врз нивната работа, туку и врз слободата на изразување и правото на информирање. Ова е исто така спротивно на Уставот и законите на Косово, како и меѓународните конвенции за човекови права“, рече претседателката на Управниот одбор на Здружението на новинари на Косово, Гентиана Беголи Пустина. „Нема одлука или мерка што го ограничува движењето на новинарите поради коронавирусот и ЗНК веќе побара објаснување од надлежните органи за овој инцидент“, додаде таа.

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се придружува на својата членка ЗНК во барањето за итно расчистување на инцидентот и ги повикува косовските власти да го почитуваат правото на новинарите за работа во време на пандемија, вклучително и пристап до сите релевантни прес-конференции. Во исто време, Регионалната платформа ги повикува медиумските професионалци во Косово да продолжат со своите активности и да ги следат мерките во врска со здравствената безбедност и слободата на движење. Новинарите, снимателите, фоторепортерите и медиумските работници мора да бидат соодветно заштитени и постојано да ги носат своите документи за идентификација.

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 12.04.2020 година

    Здружение на новинари во БХ
    Синдикат на медиуми на Црна Гора
    Здружение на новинари на Хрватска
    Здружение на новинари на Косово
    Здружение на новинарите на Македонија
    Независно здружение на новинари на Србија