Северна Македонија: Тројца новинари беа цел на онлајн закани

    0
    245

    Откако новинарот на ТВ24, Мишко Иванов објави во јавноста за заканите што ги добил на Фејсбук, уште две новинарки, Анета Додевска и Наташа Стојановска обелоденија дека и тие добиле пораки со слична содржина.

    На 6 мај, веднаш по завршување на интервјуата со Христијан Мицкоски и Зоран Заев, водачите на најголемите македонски политички партии, новинарот Иванов од ТВ24, добил заканувачка порака која содржела вулгарен јазик и говор на омраза. Реагирајќи брзо Иванов ги објави пораките на својот Фејсбук профил. Набргу потоа, Додевска и Стојановска објавија дека и тие исто така биле мета на слични напади. Новинарите не ги пријавиле овие закани во полицијата, меѓутоа Здружението на новинарите на Македонија ги повика МВР и Јавното обвинителство да постапат и да спроведат итна истрага.

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите – „ SafeJournalists.net“ – која претставува повеќе од 8.200 членови, остро ги осудува вербалните закани и навреди против Иванов, Додевска и Стојановска. Во изминатите недели Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) предупреди дека трендот на намалување на бројот на закани кон новинарите во Северна Македонија може да биде променет во пресрет на предвремените парламентарни избори, кои се најавени за ова лето.

    „Заканите и говорот на омраза не се дел од слободата на говорот и можат да имаат сериозни последици и да предизвикаат самоцензура кај новинарите“, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ и додаде дека со толерирање на заканите кон новинарите институциите ги мотивираат насилниците да бидат уште поагресивни и ако не се спречи тоа, тогаш може да има и трагични последици.

    SafeJournalsits.net се придружува на својот член ЗНМ во барањето на брза реакција од страна на властите – државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и санкционирање на насилството врз новинарите. Ефикасна истрага и идентификација на сторителите ќе испратат порака дека Јавното обвинителство сериозно ги разбира заканите против новинарите. Санкцијонирањето  на сторителите ќе покаже дека таквото однесување не е прифатливо во едно демократско општество.

    SafeJournalist.net ќе ги информира релевантните национални и меѓународни организации за овој случај.

    Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 08.05.2020 година

    Здружение на новинари во БиХ

    Синдикат на медиуми на Црна Гора

    Здружение на новинари на Хрватска

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинарите на Македонија

    Независно здружение на новинари на Србија