Новинарите дебатираа со судии и јавни обвинители од Куманово на тема безбедност на новинари

0
36

Новинари и медиумски работници од Куманово минатата недела дебатираа со судии и јавни обвинители од овој град за безбедноста на новинарите и медиумските работници низ призма на новите законски измени, Кривичнот законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

На средбата отворено се дебатираше и како судовите и обвинителствата да бидат проактивни во комуникацијата со медиумите, да свикуваат брифинзи за новинари, навремено да ги објавуваат судските одлуки и да ѝ овозможат на јавноста увид во правораздавањето.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, рече дека претставниците на правосудството се господари на информацијата, но слуги на граѓаните и дека треба да изнајдат начин да го комуницираат нивното постапување со новинарите, а преку тоа и со граѓаните.

Претседателот на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, ги претстави клучните измени на Кривичниот законик, во делот на заштитата на новинарите, како што се квалифицираните облици на дела каде што жртви се новинари и гонењето по службена должност на сторители на кривични дела, во кои, оштетени се новинари.

Нагласи дека безбедноста на новинарите и медиумските работници е предуслов за професионалното вршење на новинарската професија и за објективното и навремено информирање на граѓаните.

Маглешов рече дека има одлично искуство со кумановското обвинителство, кога на барање на колега од Албанија му биле доставени податоци од предмет кој е завршен, а за кој постапувало кумановското обвинителство.

Меѓу другото, тој ги презентира и клучните промени во новиот Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда, кои, покрај останатото, пропишуваат пониски износи за утврдена клевета и навреда во споредба со претходниот закон.

Рече дека е важно правдата да биде видлива не само за странките во постапката, туку и за целата јавност, бидејќи одлуките се донесуваат во името на граѓаните.

„Заемната комуникација на новинарите и претставниците на правосудството директно влијае во градењето на сликата што граѓаните ја имаат во правосудството и за степенот на доверба. Според најавите од Министерството за правда, судовите ќе имаат обврска да ги објавуваат и неправосилните пресуди, што значи дека новинарите нема да чекаат одредена пресуда да стане конечна“.

Претседателот на Советот на честа при ЗНМ, Саше Димовски, рече дека со години кумановскиот суд е еден од судовите што редовно ги објавува пресудите на веб-страницата, и дека тоа е солиден извор на информации за новинарите, од кој, може да се црпат информации за различни теми.

Колегите-новинари од Куманово, пак, потенцираа дека очекуваат проактивен однос на судот и од обвинителството, во смисла на информирање за предметите, за профилот на делата што се водат во судот и сл. Во дискусијата посочија дека судот би можел да организира брифинг со новинарите и да информира за донесените пресуди, но и за проблемите со кои се соочува судот.

Судиите и обвинителите ги пренесоа нивните искуства кои ги имале со новинари. Нагласија дека е особено важно што се донесени новите измени на Кривичниот законик, во смисла на тоа дека со нив се обезбедува поголема заштита на новинарите. Укажаа дека овие средби се од особено значење за нив, затоа што одблизу се запознаваат со предизвиците и проблемите што со себе ги носи новинарската професија.